ИсторијаЛегендарни жени

ДОЌА – ЛЕГЕНДАРНА ДЕВОЈКА ИЛИ ГОЛЕМАТА МАЈКА ОД МАРИОВО

ЛЕГЕНДАРНАТА ДОЌА ОД МАРИОВО

На околу 400 м источно од „Трештена Стена“ и околу 1000 м јужно од „Црна Тумба“, двата локалитети со праисториски остатоци од населби, се наоѓа локалитетот познат како „Црковната Нива“, кој претставува една пространа долина која слегува благо кон Црна Река во правец на исток. Таа е дел од имотот на манастирот „Св. Никола“ од селото Манастир. Денес на повисокиот дел од долината, која порано се обработувала, сè уште стои разрушена куќа. На површината на овој локалитет, исто така можат да се најдат траги од минато живеење, посебно во форма на фрагменти од керамика, но овде вниманието посебно го привлекува еден камен кој пред неколку години е уништен од дивите трагачи по скриени богатства, а за кој се врзани стари, но и понови преданија и има белези на култен камен околу кој и денес се раскажуваат разни приказни меѓу жителите на околните села. Каменот имаше форма на топка со пречник од околу 0,4 м со една издлабена дупка од 7 до 8 см длабочина, со простор колку да се стават неколку прсти во неа и со добро измазнета површина. Каменот беше доста тежок и заради мазната површина незгоден за кревање, така што можеа да го креваат само посилни мажи. Според тврдењето на жители од околните села, каменот тежел дури 95 оки. При кревањето тој требаше да се стави на еден поголем камен (сл. 77) со корен во земјата, веројатно дел од поголема подземна карпа, крај кој обично се наоѓаше. Преданието, сепак е поврзано со девојка или жена која се викала Доќа, според чие име овој камен го носи името „Доќимот“ и тоа гласи:

Во некое старо време во Мариово живеела некоја силна девојка (или жена) по име Доќа. Таа била многу добра предачка. Со својата фурка и вретеното оваа силна девојка одејќи и предејќи излегувала дури од местото кое денес е познато како „Светецот, оддалечено од „Црковната Нива 3-4 км, носејќи го на вретеното прешленот кој бил камен од 75 оки, а на главата каменот „Доќимот кој тежел 95 оки. Така излегувала нагоре се до ова место во „Црковната Нива каде до пред неколку години се наоѓаше „Доќимот.

Јана Јованоска

Каменот познат како „Доќимот“ за младите кои живееле во околните села отсекогаш значел предмет за мерење на силите, така што поретко имало мажи кои можеле да го кренат каменот, бидејќи тој навистина беше тежок. Дали имаше точно 95 оки немаме потврда, но дека навистина беше тежок е непобитен факт. Освен мажите него се обидувале да го кренат и некои посилни жени, па така сознанието дека една жена која и денес е жива, на околу 75 години по име Јана Јованоска по потекло од селото Манастир, се пренесува како куриозитет и потсетува на жената од преданието по име Доќа која каменот го носела на глава. Дури се тврди дека Јана каменот го кревала многу полесно од мажите само сорце без да го потпира на колената или на некој друг дел од телото. Ова го потврдува и самата со носталгија потсетувајќи се на „Доќимот“, а сознанието за неговото исчезнување силно ја натажува. Таа е само еден пример дека жителите на селата од Мариово кои се распоредени околу просторот на кој се наоѓаше „Доќимот“ се силно духовно поврзани со него и секое споменување на овој камен буди силни чувства кај нив. Веднаш се раскажуваат приказните кои се случувале во врска со него во текот на минатиот век, посебно неговата втора половина која ја паметат постарите жители. Меѓу нив најчеста е приказната за земањето на каменот од „Црковната Нива“ и неговото носење во Крушевица, Пештани и други околни села, а според некои раскажувања тој пред неколку децении бил однесен дури до селото Маково кое од ова место е оддалечено околу 20 км. При секое носење на каменот од неговото место на луѓето кои го земале им се случувале непријатни работи, духовен немир, мистични притисоци, болеси и сл. Тоа г наведувало секогаш да го враќаат назад. Некогаш се случувало два вола да не можат да го потегнат, некогаш некој од актерите во пренесувањето на каменот паѓал тешко болен. Постои верување дека оној кој ќе го земе овој камен или ќе го уништи, ќе доживее страшни работи и што е најлошо, неговото семејство може сосема да се „запусти“.

Божицата Кибела

Несомнено е дека „Доќимот“ претставуваше предмет со археолошко значење кое не е забележано навреме од археолозите и денес овој камен е изгледа засекогаш загубен и како камен кој значеше испробување на мажественоста и силата, и како култен предмет за анализа и утврдување извесни духовни и историски факти. Приказната за „Доќимот“ нè тера на аналитичко пристапување кон споменатиот објект и навлегување длабоко во човековиот духовен развој и култното однесување спрема предметите, природата и природните појави. Фактот што „Доќимот“ се наоѓаше на простор кој е опкружен со значајни траги од населби од праисторијата, уште повеќе ни дава право дека тој во себе содржи непојмливо долга историја на неговото култно третирање. Тоа се разбира, веднаш го поставува прашањето за неговото потекло. Дали е направен од човек? Дали е паднат како метеор од небото? Се поставуваат и голем број други прашања, а меѓу нив и прашањето дали неговото култно третирање води потекло уште од времето на егзистирањето на праисториските населби на „Црна Тумба“, „Трештена Стена“, „Ќулавите“, „Градиште“, „Лаштигерот“ (Влашки Град), „Влашки Аргач“, сите во атарот на селото Манастир, како и другите локалитети со праисториски остатоци од атарот на селата Дуње, Крушевица и Чаниште. Најпрво треба да се истакне фактот дека токму каменот е првиот предмет на обожавање и култно третирање од човекот кое започнало уште во најстариот период од историјата на неговиот развој, палеолитот. Во подоцнежниот период посебно се обожавале и служеле во култните обреди како жртвени предмети и сл., камењата имале форма токму каква што имаше и „Доќимот“ со кружни и мазни површини, во форма на топка, елипса и сл17. Тоа посебно важи за периодот на старото камено време (палеолитот) и средното камено време (мезолитот) што е докажано и со наоѓање многу камења со вакви форми околу култните места и местата за култни обреди и жртвување при ископувањето на многу археолошки локалитети од тие периоди.

Втората асоцијација што ја буди култниот камен „Доќимот“ од локалитетот „Црковната Нива“ во атарот на селото Манастир, на левиот брег на Црна Река е онаа која произлегува од фактот за своевидно натпреварување со негово кревање не само на мажите, туку и на жените. Ова потсетува на култовите и култните обреди и празнувања со култни намени кои влечат корени уште од праисторијата. Во тој контекст интересен податок имаме во книгата „Грчки митови“ од Роберт Гревс. Таму е опишан стариот култен предмет Паладиум, кој со својата култна намена е близок до третманот и почитувањето на нашиот камен „Доќимот“. Имено, таму овој прастар предмет на обожавање и ритуална активност се објаснува: – „Паладиумзначи камен или друг култен предмет околу кој играат девојки од одредено племе, како во Теспија, или момчињата го прескокнуваат зашто зборот „pallas“ се употребувал без оглед на кој пол се однесува. Римското братство во Салија била дружина на свештеници кои скокале. Кога таквиот култен предмет ќе станел симбол на племенскиот напредок, тогаш тие грижливо го чувале од кражба или оштетување; palladia се читала во значење palta или „предмет фрлен од небото“. Paltata не морала секогаш да биде скриена од небото; така светиот метеорски камен Terminus во Рим стоел во отворот на покривот на храмот на Јупитер – а сличен отвор имал и храмот во Троја.18

 Значи „Доќимот“ по зачуваната традиција за натпреварување на девојки или момчиња би можел да ја носи во себе приказната за споменатиот култен предмет „Паладиум“ кој има потекло уште од праистријата и е поврзан со божицата Атина Палада која своето второ име го носи поради еден несреќен случај од нејзината младост кога во играта не сакајќи ја убива својата најдобра другарка Палада при игра со копје и штит и во нејзина чест го зема нејзиното како свое второ име19. Уште еден податок од објаснувањето за значењето на паладиумот овде го привлекува нашето внимание. Имено, овде се вели дека светиот камен „Терминус“ во Рим бил метеорски камен каков што можеби бил и „Доќимот“ заради што тој, веројатно и бил обожуван како свет камен. Исто така, како што паладиумот е поврзан со несреќно настраданата Палада која била девојка и „Доќимот“ е поврзан со девојка за која во преданието нема податоци од какво потекло била и каква судбина е поврзана со неа. Во овој контекст треба да се нагласи дека во Мариово и пошироко до денешен ден се провлекува обожавањето на камења „паднати“ од небото, често сметани како камења од ровја (гром).

Друга митолошка приказна за настанувањето на градот Троја вели:

Кога градскиот атар бил обележан, Ил му се помолил на Семоќниот Зевс да му се јави со некаков знак и другиот ден тој забележа пред својот шатор дрвен предмет половина зариен в земја и обраснат со морски алги. Тоа беше паладиум висок 3 лакти, кој Атина го направила за спомен на својата мртва другарка во играта од Либија. Палада, чие име Атина го додала на своето, држела во десната рака меч, а преѓа и вретено во левата; градите ѝ ги покривал штит. Атина, најпрво кипот го поставила на Олимп покрај Зевсовиот престол, каде му била искажувана голема чест, но кога прабабата на Ил, Плејадата Електра ја силувал Зевс, и кога ликот на Палада го осквернала со својот допир, Атина се налутила и ја метнала заедно со кипот долу на земјата.

Овде паладиумот, како што гледаме, е дрвен предмет, но фрлен од страна на Зевс, значи даден од врховниот бог на барање на основачот на градот Илион (Троја). Фактот на претставување на девојката Палада со преѓа и вретено во левата рака повторно значи извесна блиска комуникација со преданието за Доќа, која исто така, е дадена како преде на фурка и вретено. Сите овие податоци нè наведуваат на помислата дека светиот камен „Доќимот“ својата длабока духовна содржина ја влече уште од прастарото далечно минато кога со својата појава „од небото“ ги фасцинирал жителите на околните населби и тој е прифатен како извесен знак, дар од боговите или слично и така е обожаван. Во тој контекст не треба да се заборава фактот дека и во нашето совремие, се до пред неколку години (до околу 1996 година) тој повторно се наоѓаше на простор кој е сопственост на храм, овој пат на христијанскиот храм од селото Манастир, „Св. Никола“, кој, пак има длабоки корени на својата светост. Дали овој своевиден „паладиум“ слично на култното практицирање порано во Троја и подоцна во Рим стоел во некаков храм, немаме аргументи да проговориме. Токму тоа е и богатството кое овој „обичен“ камен го криел во себе и кое фанатичните златољупци го зеле и го уништиле без никаква смисла за време, за вредност, за духовно и цивилизациско значење.

Асоцијациите не завршуваат овде. „Доќимот“ отвора простор за длабоко размислување и анализа. Посебно за трагање по сознанија кои имаат блиска комуникација со приказната за него. На некој начин со приказната за „Доќимот“ извесна комуникација има и една стара приказна поврзана со персискиот цар Дареј и двајца браќа од племето на Пајонците кои живееле покрај реката Струма, а познато е дека ова племе живеело уште во времето на Тројанската војна и пред неа во долниот тек на реката Аксиј (Вардар), што значи и во дел од долниот тек на реката Еригон (Црна Река) во кој се наоѓа и областа Мариово. Имено, кај Херодот се раскажува следнава приказна:

Си биле некои Пигрет и Мантија кои, сакајќи да станат тирани на Пајонците, по враќањето на Дареј во Азија дошле во Сарди, а со себе ја довеле и својата сестра која била ставита и убава. Тие издемнале можност кога Дареј седнал пред портите на лидискиот град за да ги чуе поплаките на граѓаните и направиле вака. Ја дотерале сестра си колку што можеле поубаво и ја пратиле да налее вода. Таа бардакот го носела на глава, со себе водела коњ што ѝ бил врзан за раката, а таа одејќи, предела лен. Кога девојката поминувала, го привлекла вниманието на Дареј, зашто тоа што го правела не можело да се види ниту кај Персијците, ниту кај Лидијците ниту каде и да е во Азија. Бидејќи бил вчудоневиден од тоа, пратил некои луѓе од својата телесна гарда со заповед да припазат што ќе прави жената со коњот. Тие тргнале по неа. Таа, кога втасала на реката, го напоила коњот, налеала вода во бардакот и по истиот пат тргнала назад, носејќи го садот со вода на глава, водејќи го коњот по себе, врзан за раката, а истовремено го вртела вретеното.

Гледајќи ја сцената со девојката, царот Дареј решил да го пресели племето чија поданичка била таа во Мала Азија. Такво преселување на Пајонците навистина се случило во 513 година пред н.е.. Дали приказната запишана кај Херодот има врска со него немаме потврда на друго место.

И оваа приказна потсетува на приказната за девојката Доќа која со „Доќимот“ на главата и со уште еден камен-прешлен кој стоел на нејзиното вретено излегува од Црна Река по брегот предејќи. Совпаѓањето на некои елементи во приказната потсетува на извесни слични обичаи меѓу споменатите Пајонци од долниот тек на реката Стримон (денешната река Струма) и луѓето кои живееле покрај Црна Река. Дали тоа упатува на сличност во етничката припадност?

Како свет камен, Доќимот веројатно, бил посветен на Божицата Мајка, со оглед на фактот што со преданието за него е поврзана жена, а на некој начин, во мистичен амбиент во современоста, тој повторно е поврзан со жена. (Пример: каменот што ја претставува Магна Матер (Големата Мајка), кој од Азија е пренесен во Рим, а за да ја докаже својата невиност го поместила извесна висока благродничка Клавдија, која била обвинета за промискуитет). 1

На крај, сметаме дека е сосема оправдано да претпоставиме дека под името Доќа, се крие извесна локална претстава на врховното божество од праисторискиот период, односно локално име на божицата Мајка или Мајката на боговите. Токму Доќимот, веројатно е простор на кој се одвивале божествени активности посветени на овој врховен култ, односно на овој простор опстојувало своевидно светилиште на Големата Мајка, кое било во служба на жителите од големиот број праисториски населби во поблиската и подалечната околина.