КАРПА–ЦРКВА СО ДЛАБОКИ КОРЕНИ НА КУЛТНОСТ КАЈ ДАБНИЦА

Патот кој води од Прилеп кон селото Дабница е преполн со археологија. На 1–2 километри од Прилеп од левата страна на патот се наоѓа локалитетот Караташ, на кој се регистрирани неколку гробови цисти (градени со камени плочи), но и една гробница од македонски тип од III–II век п.н.е. која на свој начин укажува на постоењето населби во неговата околина од времето на Македонската империја во антиката.

Карпата со живописот

На околу два километра пред Дабница на местото каде што се дели патчето кое води кон манастирот Трескавец на горните површини на помали карпи се среќаваат голем број мали кружни задлабувања придружени со издолжени вдлабнати форми кои како да градат некои специфични концепции со одредена намена во некое минато време. Погоре од нив во некои поголеми карпи кои градат комплекс во форма на тумба се среќаваат остатоци од керамика, како и траги од интервенции по самите карпи. Некои од карпите, очигледно, биле дел од некогашни конструкции на градби во кои се вклопувале и самите карпи. На десната страна од патот поблиску до првите лозја веќе се забележуваат и стари винарници во форма на големи дводелни корита во карпа. Посебно се издвојува еден винарник со димензии на првото корито од околу 1,8 m. и со помало корито до кое води специјален отвор преку кој се цедел сокот од грозјето (сл.105). Една помала карпа со мазнети делови во подножјето и со специфична „раскрилена“ форма посебно паѓа в очи.

Св. Архангел Михаил

Трагите по површините на карпите од разни интервенции низ вре­мето продолжуваат и во самото село Дабница и околу него. Една поголе­ма карпа со височина од околу 5–6 m. широка околу 7 m. со специфична површина од задната страна, a co култни содржини од страната на селото Дабница, посебно го привлекува вниманието. Самата карпа жителите ја нарекуваат Св. Архангел, а на неа и денес стои насликаниот светец Св. Архангел Михаил (сл.106) на постара оштетена фреска посветена на истиот христијански лик. Новата фреска која е направена 1992 г. зафаќа површина од околу половина m2 и се гледа оддалеку. Траги од стариот живопис се забележуваат под малтерот на кој е насликана новата фреска.

Св. Архангел Михаил – 2

Според раскажувањето на Стеван Рапешоски, постар жител на Дабница, местото со карпата со светец во годините кога селото било полно со жители било посебно посетено на денот на св. Архангел Михаил и тој со носталгија се сеќава на тие весели денови кога кај карпата се собирале сите жители на селото и правеле обичаи какви што вообичаено се прават во црква. Било весело и се изведувале христијански обичаи со палење на свеќи, давање за душа на мртвите и сл. Обичајот, речиси бил прекинат со доаѓањето на комунизмот, посебно по колективите во педесетите години на минатиот век. Од тоа време се раскажува еден бизарен настан поврзан со некој нов неверник од селото кој уште во првите години на комунистички занес пукал во насликаниот живопис на карпата.

Од југоисток

Набргу потоа тој го загубил видот, а подоцна умрел невиден од никого надвор од селото и неколку дена никој не го нашол. Слична е и приказната за некои стари крстови насликани со вар или бела боја на карпите од северната страна на Дабница за кои тогашниот бугарски окупатор сметал дека се некакви знаци на партизаните и терал жители од селото да ги бришат и ги тепал заради тоа што не можеле да ги избришат, но крстовите стојат и денес и се забележуваат оддалеку.

Од северозапад

Карпата–црква (сл.107) од предната страна има и крст направен со вар или бела боја, а на задната страна таа е полна со некои дупки, така што целата површина потсетува на пчелино саќе. Сето ова не ќе беше посебно интересно ако не се знае дека во просторот околу карпата има и други содржини кои упатуваат на древната култност на оваа природна гранитна форма. Нејзината култност може да допира дури до антиката и порано во зависност од потеклото на гробовите од нејзината блиска околина и некои други содржини. Имено, по површината на околните ниски карпи се среќаваат гробови длабени во карпа во форма на корита, едно поголемо корито на закосена карпа од страната на селото веројатно е од објект за гмечење грозје. Ако се знае дека гробови длабени во карпа според археолозите има од антиката до XII и XIII век на н.е. можеме да претпоставуваме во еден подолг период за култноста на споменатата карпа–црква.

Гроб издлабен во карпа од западната страна

Слично е и со винарниците длабени во карпа кои, исто така се датираат во антиката. Сепак, изгледа не се само гробовите и коритото длабени во карпа единствени содржини околу карпата. Од нејзината западна страна има една помала земна рамнина која според наодите на површината може да претставува вистинска помала некропола од гробови цисти градени со плочи од околните карпи. Тоа укажува на постоење комплексна некропола од претходно споменатите гробови во карпа и гробови цисти. Само соодветни архолошки ископувања можат да придонесат за поголеми и поконкретни сознанија околу култноста на карпата–црква и културните остатоци во нејзина близина. Засега е сигурно дека нејзината култна традиција е долговековна. Единствено не може да се каже поконкретно датирање за неа. Дали можеби оваа карпа вниманието на некои древни жители најпрво го привлекла со својата специфична форма? Како крпа на божјо присуство од најстари времиња или едноставно како карпа–бог во некое древно време.

Остатоци од гроб од типот циста

Co оглед на фактот дека во близина на карпата има винарник (сл.108), а знаејќи дека бог на виното во антиката бил Дионис, можеме да правиме и претпоставки поврзани со него. Можно е ова место да било светилиште уште од негово време, како што може да се претпостави и за гробовите околу карпата. На тој начин, сепак, се доближуваме до времето кога можеби започнало нејзиното третирање како култен објект што не е чудно за тие времиња. Тајната можеби лежи во некои од неоткриените и нераскопани гробови од околината кои постојано се изложени на уништување од некои од дивите трагачи по археолошки вредности.

Винарник во карпа од североисточната страна

Веднаш крај карпата, токму пред неа минува пат од калдрма кој води кон манастирот Трескавец. Долу пред неа на почетокот од селото се наоѓа голема зграда со впечатливи сводови на вратите изработени од камен која била во сопственост на манастирот, но денес е напуштена и оставена на распаѓање. Западно од карпата, преку еден дол на помала рамнина во планината се наоѓаат остатоци од стари градби. Сите овие содржини заедно со остатоците на тврдината на локалитетот Градиште на самиот врв над Дабница претпоставува значително богатство од стара култура која се крие на просторот околу селото Дабница. Овде треба да се споменат и неколкуте мермерни споменици со натпис кои се пронајдени во Дабница или поблиската околина. 1 Дури на два од нив се споменува името Асклепијад кое има митолошко потекло и е поврзано со името на првиот лекар од Балканот познат од митологијата. Зад него останале голем број интересни приказни поврзани со неговите медицински знаења и магии.

Уште еден гроб издлабен во карпа
Ограден ѕид од јужната страна
Големо корито во карпа – голем дел од винарник
Винарникот со карпата
Дното на коритото од винарникот
Од поширок агол
Крст од јужната страна
Натпис од поново време
Од југ
Со современа метална ограда
Од југоисток
Обновување на живописот во 1992 година
Потпис на авторот од 1992 година
Поглед на селото Дабница

1 INSKRIPTIONES GRAEKAE, PARS II, INSKRIPTIONES MAKEDONIAE, MARIJANA RICL.

Сл. 105: Винарник пред Дабница

Сл. 106: Св. Архангел Михаил на карпа–црква кај Дабница

Сл. 107: Карпа–црква кај Дабница

Сл. 108: Винарник крај карпата црква