ЛЕГЕНДАРНАТА СИРМА ВОЈВОДА УБИЕНА ОД ТУРЦИТЕ ВО ПРИЛЕП

Песната за легендарната хероина Сирма Војвода е нашироко позната. Располагајќи со малку сознанија за оваа историска фигура, можеме да помислиме дека се работи само за хиперболизирана личност произлезена од богатиот дух во народните преданија кај нашиот народ. Сепак, песната, не е испеана за непостоечка, измислена и митологизирана личност. Сирма е историска личност со мијачко потекло и една од многубројните учесници во борбата за ослободување на Македонија од долговековното ропство, жена–борец со нескршлив дух и исклучително храбро срце. Фактот што таа, на своите, близу, деведесет години била убиена од Турците е навистина фрапантен и зборува за жена со челично срце, со дух кој не се покорува на никакво ропство и доживотен, непомирлив и смртен непријател на големото Османлиско царство.

Димитар Миладинов и Кузман Шапкарев

Дека Сирма не е само легенда испеана во една од големиот број македонски јуначки песни, покажува и пишувањето на познатиот македонски учител, собирач на народни песни и просветител Димитрија Миладинов. Интересно и живо е неговото сеќавање за средбата со оваа легендарна македонска хероина, која не можела да ги трпи зулумите на качаците, па собрала дружина и излегла в планина да се бори против нив и да го заштитува народот. Еве што запишал Димитрија Миладинов: „Неја (Сирма Војвода) осумдесетгодишна видохме во Прилеп и од устата нејзина чухме за младоста је. В одајата је под перница држеше кубурите, полни, и сабји, обесени на ѕидот висеха нат неа“ 1 . Ова јасно кажува на фактот дека Димитрија Миладинов и освестените прилепчани и Македонци од тоа време се интересирале за борците против ропството и македонската слобода и остварувале средби со нив за да се запознаат со нивните подвизи. Вистинска штета е што немаме соодветно раскажување на легендарната македонска војвотка, односно, од она што таа му раскажала на Димитар Миладинов за „младоста је“. Средбата на Димитар Миладинов со Сирма Војвода се случила 1856–57 година.

Куќа од турскиот период на некогашната улица „Царигадска“

Уште еден голем македонски народен просветител и преродбенски деец, Кузман Шапкарев, ни пренесува податок за убиството на Сирма Војвода, и тоа во длабока старост, односно во години ближни на деведесет. Имено, како што пишува тој, Сирма и како старица претставувала опасност за Турците и зулумџиите, па затоа прилепските Турци, еден ден, во 1864 година, ја убиле пречекувајќи ја на патот кон Варош. Овој податок го пренесува Кузман Шапкарев во својата „Автобиографија“.2

Според Димитар Миладинов, Сирма се родила во селото Тресонче, Дебарско. Облекувајќи се во машка облека, како војвода на чета, излегла в планина да се бори против турскиот поробувач. Притоа се движела по планините Бабинтрап, Стогово, Барбура и Карчин. Момчињата од нејзината чета дознале дека е девојка дури кога еднаш се скинале петлиците од облеката на нејзините гради. Според Д. Миладинов, Сирма во еден ден истрчала 18 часа одејќи од Крушево до Прилеп и се вратила назад, а потоа веднаш заминала за Кичево. Била мажена за некој Мијак во Крушево.

Мостот Кемерлиија во Прилеп

СИРМА ВОЈВОДКА 3

Дека се чуло видело,

Мома Војвода да бидит,

на седамдесет сејмени

На тија гори зелени,

На тија води студени?

Мома им веле говоре:

„Това сос људба не биват,

Това сос срдба не биват!

Земајте прстен од рка,

Врзејте прстен на бука,

Фрлејте редом на нишан;

Кој ќе ударит прстенот,

Тој ќе си бидет Војвода

И мене ќе ме кердосат.“

Сите фрљаа со редом,

Никој ми прстен не удри.

Мома си веле говоре:

„Подај ми, чауш, пушката!“

Пушката пукна од рка,

Падна ми прстен од бука,

Пак мома веле говоре:

„Земајте камен фрлејте,

Кој ќе ме мене натфрлит,

Тој мене нека кердосат,

Тој млад Војвода да бидет.“

Сите ми се редом фрљаа,

Никој се камен не натфрли;

Сирма ми камен натфрли,

Десет чекори потамо;

И седамдесет дружина

Одбраа Сирма војвода.

1 Миладиновци Зборник, Кочо Рацин, Скопје 1962 294. Харалампие Поленаковиќ, Страници од македонската книжевност, Македонска книга, Скопје 1969, 15.

2 Харалампие Поленаковиќ, Страници, 15. Кузман Шапкарев, Автобиографија, Македонски преглед, III – 1, 64 забелешки.

3 Миладиновци, Зборник, 294.