ЗВУЦИТЕ НА ДЕВЕТОСТРУНАТА ЛИРА НА ОРФЕЈ И РАЗВОЈОТ НА ФИЛОЗОФСКАТА МИСЛА
– Историската позадина на Орфеј и орфизмот –
Долгата човекова историја на постоење и интерактивен однос со природата содржи во себе непрекинлива нишка која го поврзува вкупното човештво во неговиот од’ низ времето. Во исто време постои и нишка која ги поврзува и духовните ентитети на просторот на земјината топка создавајќи на тој начин духовен флуид кој го чувствуваме како сврзувачко ткиво на човечката егзистенционална вкупност. Во таа вкупност од физички и духовни собитија некои од нив со своето силно зрачење се наметнале над времето и останале како врвно творечко дело на човечката цивилизација, како вредност над сите вредности кои продефилирале низ долгата цивилизациска одисеја. Во нив има примери на праесенцијално, исполнето со мистика и мистерија, пред се, заради напластените патини од времето и духовните пресоздавања и трансформации во функција на различните временски „станици“ на цивилизацискиот растеж.
Просторот во кој и ние како етнос зафаќаме дел е преполн со мистично–есенцијални творби, кои постојано го иритираат човечкиот немирен дух, преполн со желба за откривање на коренитоста на појавите и настаните, а посебно коренитоста на сопствената појава и творечките пројави. Делото кое му е припишано на слепиот и, до денес, неидентификуван автор (за кого, како негови татковини, се бореле неколку градови држави од јужниот Балкан и Мала Азија) Хомер се смета за библија на овој дел од светот, но како феномен, кој е длабоко вкоренет во светската цивилизациска слика, а произлегува токму од деловите на етничката територија, која ја населувале Македонците, е ликот на Орфеј. Тој е повеќеслоен и многуестетичен лик со силно зрачење кое се воздигнало до општоцивилизациски размери со космички димензии.
Орфеј е обожавател на боговите од неговото време, нивни воспевач и жртвенослужител, но и врвен уметник, врвен музичар со култни обележја. Некои од древните автори набројуваат и наслови на дела чиј автор го сметаат Орфеј што, од своја страна, го наметнува прашањето за историчноста на неговиот лик и неговата автентична позадина и претставуваат поттик за истражување на овој феномен од митологијата на Јужниот Балкан. Орфеј, според митолошките преданија, е син на титанот Еагрос и музата Калиопа која, пак е ќерка на Македонецот Пиер, епонимниот крал на Пиерија1. Тој живеел 11 поколенија пред Тројанската војна. Според Суда тој потекнува од градот Либетра во македонската област Пиерија. Либетра се наоѓа под планината на боговите Олимп. Орфеј, според едни бил ученик на Лин, исто така митолошки музичар и култ поврзан со ленот2. Забележлива е блискоста меѓу името Лин и името на спомнатото индустриско растение, лен. Приказната за Лин е исто така повеќеслојна и со повеќе верзии. Овде ќе пренесеме дека според преданието Лин е закопан во Теба. По поразот на Хелените кај Хајронеја Филип II сонил сон дека коските на Лин треба да ги врати во Македонија и тој тоа го направил. После тоа истиот македонски крал повторно имал привидение и морал да ги врати коските во Теба, но според писателите Тебанците не можеле да го покажат неговиот гроб.3 Оваа приказна како и приказната за Орфеј за неговото почитување како култ и кај Хелените укажува на позајмувањето на култовите и божествата, како и на културата воопшто меѓу народите, во овој случај на Хелените од Македонците. Од друга страна, постоењето на два славни пеачи во иста област во Македонија, во случајот Пиерија, укажува на развојот на музиката во таа област во прастарите времиња, како и на уметностите воопшто. Притоа треба да се додаде и фактот за постоењето на деветте Музи, кои исто така потекнуваат од Пиерија од каде подоцна се прифатени и пошироко на Балканот. Колку за потсетување, пред да бидат прифатени Пиериските Музи кај Хелените постоеле само три Музи.
Според други, Орфеј е ученик на некои дојденци од Мала Азија од планината Ида, по потекло Бриги, кои поточно дошле на островот Самотрака4 и од нив тој го зел неговото учење кое, според него, е наречено орфизам. Орфизмот во антиката бил широко прифатен и станува основа за идната филозофска мисла.
Освен религиското интересен е моментот на уметничкото експонирање на Орфеј на кого му се припишуваат повеќе уметнички творби како што се: “Тријагми”, “Свето руво”, “Градба на храмови”, “Свети беседи”, “Пророштва”, “Упатства за спасение”, “Бакхики”, “Слегување во хад”, “Ономастикон”, “Теогонија”, “Астрономија”, “Жртви”, “Химни”, “Корибантик”, “Катхарми” и др.5 Суда кој ги набројува овие дела како дел од уметничкото творештво на Орфеј, при нивното споменување, редовно споменува и друг автор кој е познат орфист.
Некои од делата кои му се припишуваат на Орфеј, со своите наслови, упатуваат на сосема длабоки митски корени поврзани со етничките групации кои просторите на денешната етничка Македонија ги населувале уште во далечната праисторија. На тоа посебно упатува делото „Корибантик“ кое се однесува на митолошките суштества Корибанти, кои биле демони, придружници на прастарата божица, мајка на Боговите, Кибела. Тоа упатува на помислата дека Орфеј е лик со историски корени уште од праисторијата поврзан со етносот на Бригите, Тракијците, Македонците, Пелагонците, Пајонците и др., кои во своите јазици и култури имаат многу сличности. Од друга страна за денешните проучувачи на античката историја и култура е јасно дека Орфеј и орфизмот во најјужните делови на Балканот дошле од нивниот север, односно од Тракија и Македонија. Во тој контекст треба да се укаже на фактот дека авторите не ја исклучуваат историчноста на ликот на Орфеј, кој се смета за најголем жив поет, кој живеел 11 поколенија пред Тројанската Војна, опишана во Илијадата на Хомер. Кај значајниот античар Милош Ѓуриќ наоѓаме: „Иако нема никакви сведочења во прилог на историскиот Орфеј, сепак се појавуваат сфаќања дека тој не е мит, туку му припишуваат историска егзистенција. Додека Платон верува во неговото историско постоење, Аристотел го одрекува само неговиот поетски облик“.6 Овде треба да се има предвид фактот дека Аристотел потекнува од просторите на етничка Македонија, од градот Стагира на Халкидик и дека е во блиски врски со македонскиот двор поради кои своето високо учење го вградил во основите на најголемата светска империја, Македонија во времето на Александар Македонски. Тоа од своја страна упатува на можноста за подиректен контакт на Аристотел со орфизмот, кој како религија го застапува култот на Дионис, но и на Аполон.
Во своето дело „Дијалози“ во делот „Протагора“, во едно обраќање на Протагора до Сократ, стои: „Јас, пак, тврдам дека софистиката е древна вештина, но, едни од старите мажи кои се занимаваат со неа ја прикриваат уплашени од омразата спрема неа, а други ја накитуваат како творештво, на пример – Хомер, Хесиод и Симонид, трети, пак, ја кријат во светите тајни и пророштва, како оние околу Орфеј и Мусај“.7 Понатаму, во „Ион“, во својот дијалог со Ион, Сократ го вбројува Орфеј меѓу историски постоечките уметници од старите времиња: „– И навистина, како што мислам, ти никогаш не ќе видиш човек, ни во авлетиката, ни во китаристиката, ни во китароодијата, па ниту во рапсодиката, таков кој ќе суди за Олимп, за Тамириј, за Орфеј, за итачкиот рапсод Фемиј, а со Ион од Ефес да не знае што да прави, ниту да каже дали е добар рапсод, или не е.“8
Нешто кое може да биде тема на расправа и подлабока анализа е користењето на песната во магиските ритуали на орфичкото верување. Токму оттука произлегува претпоставката дека песната во далечното минато била привилегија на извесен слој од тогашното општество, односно на свештенството кое неа ја користело како моќ и привилегија. Зашто Орфеј со својата китара го преобразувал вселенскиот ред, ги разигрувал дрвјата и камењата и целата природа. Со својата китара тој успевал да ги смилува и смири дури и боговите, па така кога неговата жена Евридика (некаде Агриопа) била касната од змија и умрела тој успева да влезе во подземјето и да издејствува од богот Ад да му ја врати Евридика условен од богот на подземјето додека не излезе од подземниот свет да не се свртува назад. Орфеј не успева да се спротистави на искушението, се свртува и Евридика останува засекогаш во подземниот свет.
Некои од застапниците на орфизмот на Орфеј му припишуваат и други квалитети. Тие го сметаат за создавач на писмото, односно алфабетот што, од своја страна, упатува на претпоставката дека писмото, исто така, во неговата почетна форма, било привилегија на одреден слој во општеството. Се разбира со тоа неминовно се поврзува и претпоставката дека и знаењето претставувало привилегија на извесен слој, пред се, на свештенството и во исто време произлегувало од мистериската практика. Неминовно е да се напомне дека во тој контекст и моќта на творењето била привилегија на избрани поединци и, во секој случај, била сметана за натчовечка способност. Зашто токму таа има божествена моќ да го менува светот и да му се спротистави на природните(читај: божјите) сили. Таа морала да биде сфатена како своевидна магиска моќ која не му е достапна на обичните смртници. Во овој контекст интересен е еден момент во биографијата за Александар Македонски, напишана од античкиот писател Плутарх. Во врска со образованието на Александар Плутарх истакнува: „По се изгледа дека Александар не учел само Етика и Политика, туку навлегувал и во тајните на подлабоките науки, кои филозофите ги нарекувале акроматички и епоптички, та заради тоа со нив не ја запознавале широката публика“.9 Понатаму Плутарх укажува на едно писмо на Александар, упатено до неговиот учител Аристотел од Азија, откако ја освоил. Александар му се обраќа на својот учител по повод издавањето на неколку книги за тајните науки. Тоа гласи:
„Александар го поздравува Аристотел
Не си направил добро што си ги издал акроматичките списи. Со што ќе се разликуваме од останатите ако науките во кои сме ние посветени бидат општа сопственост? Јас повеќе би сакал да се одликувам со највозвишено знаење отколку со својата власт. Остани ми со здравје!“10
Според античките автори. Орфеј бил обдарен со моќта на пророштвото и на толкувањето на соништата која, од своја страна, бара исклучителна имагинација и способност за интерпретација на знаците кои се појавуваат во одредените појави, посебно во соништата, кои кај луѓето секогаш предизвикувале фасцинација и чувство на страв, стравопочит или возбуда и немир. Во стариот свет пророштвата и различните природни појави и знаци биле толкувани како извесни предскажувања за иднината и биле прифаќани фаталистички. Пророчиштата, како што се она на Ѕевс во Додона во Епир и пророчиштето на Аполон во Делфи, имале посебно значење во животот на старите жители на јужниот Балкан и пошироко.
Орфеј бил посветен во мистериите на Дионис, Аполон му подарил деветоструна лира, а Музите божествена дарба за уметност и тој со своите творби и интерпретација успева да ја оживее дури и мртвата природа. Играат дрвјата, карпите, реките и се околу неговата музика е разиграно, тој ја менува природата, го менува нејзиниот дух, односно и вдахнува дух на целокупната природа со својата натприродна дарба за музицирање11. Неговите дела се негово лично производство, тој сам ги составувал и потоа ги изведувал пред луѓето и целата природа која, во тоа време, веројатно била предмет на највисока фасцинација на човекот. Се раѓало творештвото и моќта за творештво кај човекот, во борбата за поубав свет, за сознавање и разубавување на целокупното постоење, кое на почетокот било вистинска суровост на судир на исконската природа, на севкупниот свет и човекот, како творба со посебни квалитети и способности. Меѓу нив, се разбира, најголема предност му давала интелегенцијата и моќта за разумно објаснување на појавите.
Боговите го создале и обликувале светот, а Орфеј е првиот човек кој испеал песна за постанокот на вселената со својата китара. Всушност, песната за постанокот, која прв ја испеал Орфеј, и денес продолжува да се пресоздава зашто токму постанокот е тема која, со несмалена силина, постојано, од период, во период, го предизвикува човекот и целото негово творештво е пронижено со таква нишка. Орфеј мора да ги дофатил природните ритми, ритмите на настанувањето и на движењето, на постојаниот немир од првиот импулс и така ја повел целата природа, целокупниот жив и нежив свет, по сопствената песна, по дитирамбите посветени на Дионис, раскалашниот бог на виното и химните посветени на Аполон, богот кој се чини најпросветен и најпросветлен меѓу боговите. И двата богови биле силни култови на просторот на Македонија и Тракија од каде се пренесени и во најјужните делови на Балканот, меѓу Елините. Во услови на обожавање на двата богови, истовремено се случува и трагичниот дел од приказната за Орфеј. Имено, ценејќи дека Аполон е највисок бог, Дионис строго го казнил својот обожавател Орфеј, така што ги пуштил своите Бакхи или Менади на него, кои во својот бес го растргнале на парчиња, а парчињата од неговото тело ги расфрлиле на разни страни.
Орфеј, според преданието и пишувањето на античките писатели, е закопан под Олимп на македонска страна, во градот Либетра. Според Паусанија неговиот гроб се наоѓал на 20 стадии од Дион кон пиериската планина и претставувал урна со неговите коски поставена на столб. Според друга верзија гробот на Орфеј се наоѓал во градот Либетра, на македонската страна на Олимп (северната), но овој град бил уништен од поплава која претходно ја прорекол Дионис од Тракија (се мисли на Едонија која е исто така македонаска област). По уништувањето на Либетра коските на Орфеј Македонците жители на Дион ги пренесле во својот град.12 Постојат три верзии за неговата смрт. По едно предание го убиле жените на кои со своето пеење им ги отуѓил мажите со своите предавања на мистериите. Жените ги натчекале еден ден во храмот кога Орфеј им држел проповеди и сите мажи ги убиле, а него самиот го расчеречиле. По друго предание повторно се тврди дека го убиле жените зашто, по смртта на Евридика, ги презирал сите жени и ги учел Тракијците (Македонците) да се препуштат на педерастија. По третата верзија, пак го убиваат жените, но заради тоа што ги востановил мистериите, но не им дозволил ним да учествуваат во нив.13 Овде треба да се нагласи дека старите писатели напоменуваат дека жените, кои го растргнале Орфеј на парчиња, биле Тракијки, но според областа во која се случило тоа се работи за Едонки бидејќи тоа се случило во областа Едонија, која како и Пиерија е македонска.14 Во Либетра според пишувањето на Плутарх постоел и кип на Орфеј од кипарис. Еве што пишува тој за него: – Значи кога сакал да ја започне војната (Александар Македонски, з,м.) се чинело дека од божествата дошле многу знаци. Да го спомнеме, на пример, ова: токму пред тие денови се потел ликот на Орфеј од кипарисово дрво во Либетра. Тој знак сите ги плашел; единствено Аристандар го храбрел кралот да не се плаши, бидејќи ќе направи дела за песна и приказна, и заради нив многу мака и многу пот ќе ги снајде поетите и музичарите кои ќе пеат за него.
1 Платон, Дијалози, превод од старогрчки Елена Колева, Култура, Скопје 1994, 52 – белешка 1. Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqua macedonica, Скопје 1997, 164. Милош Ѓуриќ, Историја на хеленската етика, БИГЗ, Белград, 1976, 25. Роберт Гревс, Грчки митови. Фамилет, Белград 1999, 91 и др
2 Грчки митови, 441, Наде Проева, Студии за античките Македонци, 165.
3 Исто.
4 Платон, Дијалози, 52 белешка 1.
5 Исто.
6 Милош Ѓуриќ, Историја на хеленската етика, 25.
7 Платон, Дијалози, 55.
8 Исго, 162.
9 Плутарх, Александар Македонски, 108.
10 Исго.
11 Грчки митови, 91.
12 Н. Проева, Студии за античките Макеоднци, 164 … податокот за гробот на Орфеј е земен од Паусанија.
13 Исто, Грчки митови, Милош Ѓуриќ, Историја на хеленската етика и др.
14 Н. Проева, Студии… проблемот со етничкото на многу племиња во источниот дел на Македонија, па и во останатиот е многу присутен кај научниците. Многу често македонски племиња се третираат и опишуваат како тракиски или илирски. Тоа посебно се однесува на Пајонците и пајонските племиња кои живееле во долниот тек на реката Аксиј (Вардар)