САМОВИЛСКОТО РАКЧЕ ЖИВЕЕ САМО ВО ПЕЛАГОНИЈА, КАЈ ГОЛЕМО КОЊАРИ, ПРИЛЕПСКО

Жителите на селото Големо Коњари одамна знаат дека во барите околу селото се среќаваат голем број разновидни ракчиња и други биолошки видови. Нивниот ареал е во неколкуте бари на локалитетот „Локви“, на десетина км од Прилеп, покрај патот Прилеп–Крушево. Според стручњаците од Минстерството за животна средина и просторно планирање, меѓу нив има и еден вид ракче кое живее единствено овде и на ниту едно друго место во светот и дека е ендемит од старото Пелагонско Блато. Тоа е тн. Самовилско ракче со латинско име Chirocephalus pelagonicus. Водата во која живее е солена и поради тоа местот било познато и под името „Солени бари“. Ракчето е долго 2 см, својот шивотен циклус го започнува во рана пролет и го завршува при крајот на мај, кога полага јајца кои имаат дебела обвивка, која им овозможува заштита од студот преку зимата и сушата преку летото кога водата во барите пресушува. Скриени во трските, од јајцата напролет повторно се развиват млади самовислки ракчиња.

Во 2003 година е донесен закон за прогласување на локалитетот „Локви“ кај Големо Коњари, Прилепско за Строг природен резерват. Вкупната површина на резерватот е определена на 50 ха. Во член 3 од овој закон се вели дека „Министерот за животна средена и просторно планирање ги пропишува мерките за спроведување на заштитата на строгиот природен резерват ’Локви’ – Големо Коњари во рок од три месеци по влегувањето во сила на овој закон“ (Службен весник на Република Македонија, бр. 71, 5 ноември 2003 година, стр. 4)

Подоцна, во 2010 година, локалитетот „Локви“ е прогласен за споменик на природата, кој во законската хиерархија е од понизок ранг на законска заштита.

Еве како се карактеризира овој животински вид од ендемско потекло во Вториот национален извештај кон конвенцијата за климатски промени – сектор „Биодиверзитет“ и во ОБРАЗЛОЖЕНИЕТО НА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ ЛОКВИ – ГОЛЕМО КОЊАРИ ЗА СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА.

„Видот е опишан од овој локалитет и досега не е констатиран на ниту едно друго место во Македонија и во светот. Вилинското(самовилско з.м.) ракче е со големина од 2cm. Својот животен циклус го почнува во рана пролет, а го завршува кон крајот на мај, кога женките ги полагаат резистентните јајца. Тие имаат дебела обвивка за да може да опстанат скриени во трските во студените зими и летната суша, кога локвите пресушуваат. Така, идната пролет при поволни услови се развива повторно вилинското ракче на длабочина до 60 сантиметри.“

Законот за прогласување на локалитетот „Локви – Големо Коњари“ за споменик на природата е објавен на 20.10.2010 година во сл. Весник бр. 124.

Според екологистите, самовилското ракче (Chirocephalus pelagonicus) се става во редот на видовите со екстремна загрозеност. Освен овој вод, на локалитетот „Локви“ кај Големо Коњари се среќаваат дури 50 животински видови, од кои дури 16 се наоѓаат на европската листа на ретки видови. Еден од нив е и Tanymastix motasi. Нивните станишта се загрозени од климатските промени, но и од антропогено влијание, иако во моментов претставуваат заштитено подрачје – строг природен резерват.