ЈАРЕБИЦА КАМЕЊАРКА – Alectoris graeca
Припаѓа на семејството фазани, од кокошковидните птици. Претежно со сива боја, располага и со хармонично распоредени шари по крилата, светло–кафена боја на грбот и кафеникава боја на стомакот. Живее во југозападниот дел на Азија и дел од југоисточна Европа, се среќава и во Македонија, како и во областа Пелагонија, во карпестите предели. Живее во мали јата, несе од 5 до 21 јајца на земја, во импровизирани гнезда во грмушките, капините и меѓу карпите. Може да достигне должина и од 36 см, а распонот на крилјата и достигнува и до 60 см. Главно се движи со одење и трчање, а може да прелета пократки растојанија.
Овде ви претставуваме две убавици – јаребици камењарки – од атарот на запустеното село Големо Мраморани, од падините на ридот Негрее.