КОПНЕЖОТ ПО ТАТКОТО НА ПЕТРА КОСТАДИНОСКА ОД СЕЛОТО КАЛЕН
МАКЕДОНСКА ТРОГАТЕЛНА ПРИКАЗНА
Ја сретнав при едно од многуте мои патешествија низ Мариово. Овојпат на релација с. Крушевица – Прилеп, преку селата Кален, Кокре и Селце. Излегуваше со голема пластична туба, полна со вода налеана од селкската чешма во Кален. Слаба, подгрбавена под тежината, но стабилна во одот. Си реков: – Стара жена, тежок товар носи, па и се обратив:
– Многу тешка тубата, нема ли нешто помало за носење вода?
– Мора да се работе, мора! – ми одговори и си го продолжи патот кон дома. Носеше вода за да ги напои јагнињата, кои блекаа црекливо, за вода или за нивните мајки, затворени во еден дел од трлото до куќата.
Толку беше муабетот, јас продолжив низ селото, па кон соседното село Кокре, а старичката остана зад мене со својата пргавост. Помислив дека има над седумдесет години, така ми изгледаше во моментот кога ја сретнав во длабоката долина крај Свинска Река, во која беа расположени двете села на мојот пат кон Прилеп. Од двете страни се протегаат високите планински краци од Дренска планина. Од левата страна кракот со култниот врв Градиште и понискиот Маркови Кули, близу до Кален и од левата, повисокиот дел од планината со врвот Коњарник, меѓу Кокре и Прилепец. Долината е убава, селата полупусти. Кален има десетина жители, Кокре едно мало семејство.
Старичката била Петра Костадиноска, разбрав подоцна од мои пријатели од селото Кален. Не била над седумдесет години, ами над деведесет. Поточно 93–94. Судбината не и била многу наклонета во животот. Нејзиното потекло е од селото Дуње, од Антевци. Татко и се викал Трајан, а дедо и Мирче.
ЗА ВОЈВОДАТА ТОЛЕ ПАША
Петра пораснала без својот татко. Татка си не го видела од дете, а подоцна, кога се омажила, рано останала без својот домаќин со четири малолетни деца. Од Дуње се преселила во Кален, каде ја сретнав пред десетина години. Така ми раскажаа, оние кои ја познаваа од порано. Повторно ја сретнав со намера. Ја посетив во домот на нејзиниот син Ристе, во Прилеп, штотуку преселени во градот. Приказната што ми ја раскажа за својот шивот беше трогателна. Особено за нејзиниот татко, по кого се уште тагуваше и копнееше некако да го „пронајде“.
Петра Костадиноска поминала многу преку своите плеќи. Знаеше да каже за многу времиња, за многу личности. Знаеше нешто и за легендарниот војвода Толе Паша од Кулиќовци од селото Крушевица, Прилепско. Тој имал сестра во Кален. Била мажена кај Вршковци. Кога разбрала дека Толе загинал со син му Велјан кај селото Гудјаково, зела еден скут злато, го истурила во тремот и почнала да тажи по својот брат.
Еднаш, уште млада, во атарот на селото Дуње, Петра го сретнала и еден од најголемите водачи на банда во Прилепско, познат како Каљуш. Тој е познат во поширокиот регион како организатор на многу грабежи, убиства и слични злосторства во „српското“. Со себе водел цела банда со која ги изведувал криминалните акции. Нему му се припишуваат и киднапирање и убиства на деца. Особено е познат еден настан со две деца од селото Степанци, грабнати и подоцна најдени мртви во прилепските шуми. Него, Петра го сретнала во атарот на селото Дуње, на местото Милеа Нива, над село, каде била испратена на бачило.
ЛОШИОТ СОН НА ТРАЈАН, ТАТКОТО НА ПЕТРА
Татко и на Петра се викал Трајан Мирчев Стојаноски. Заминал војска во Првата светска војна и оттогаш дома не добиле од него ниту писмо, ниту глас. Исчезнал. Кога заминувал во војна, ја зел својата ќерка в раце и и рекол: „И, мори Пешо, што си ми убава, како Анѓа Колева (Анѓа Колева била убава девојка од селото Дуње, з.м.). Многу си ми убава, ама татко ти лош сон си сонил, дека ќе те оставам и никогаш повторно нема да те видам!“ Така и рекол и заминал.
„Тетка ми ми кажа оти татко ми бил роден на празникот Благовец. Тој бил од семејството Антевци, од Дуње. Се родил на сам ден Благовец и на левиот образ имал бенка“ – вака се сеќаваше Петра на својот татко Трајан, по кажување од нејзината тетка, сестра на татко и. „Ете, така. Го зедоа војска во Првата светска војна и ни писмо, ни глас оттогаш. Кој го бараше? Никој.“
Еднаш, во првите месеци на 1962 година, во рана пролет, февруари – март, Славе, братот на Петра, и кажал дека во општината дошол некој весник во кој се споменувало името на татко им, Трајан Мирчев Стојаноски.
ЈАС ОТИДОВ ДА ЈА БАРАМ „НОВИНАТА“ СО ТАТКО МИ ТИЕ ТРЧАА ДА ВИДАТ КАКО ЗАГИНУВА СОНЦЕТО
За татко и на Петра се слушеле разни приказни. Дека ја преживеал војната и заминал некаде во Америка и дека живеел таму некаде, па дека останал да живее некаде во Србија и сл. Кога нејзиниот брат Славе и кажал дека стигнал некаков весник во општината, во кој се споменувало името на татко и и во кој имало негофа фотографија, нејзината надеж била подгреана. Побрзала да ја побара „новината“ со голема верба дека ќе најде некаква трага од саканиот родител.
„Кога стигна новината (весникот) во општината, загина сонцето (имало затемнување на сонцето, з.м.). Отидов во милицијата да ја побарам новината. Јас ги прашувам каде е новината, тие трчаат надвор да видат како загинува сонцето. Не ми ја дадоа, ме изиграа. Подоцна разбрав дека таа најпрво била кај матичарот, ама нему му ја зела милицијата. Во новината имало слико од татко ми.“
„Заедно со мене бараше и Борис од Ѓурѓа Попова. Два пати бевме во Белград, ни дадоа некоја потврда – лажовна. Носев и сведок, ама ништо. Незнам зошто се поиграаа со мене.“
АКО ГО НАЈДЕШ ЌЕ ТЕ ЧЕСТАМ
Така раскажуваше Петра Костадиновска, со бистар ум на 97 години. Раскажуваше и јасно даваше до знаење дека копнежот по нејзиниот татко и сега, по речиси еден век не ја напуштил. Дури носеше некоја чудна верба дека и денес може некако да го сретне. Нејзината потрага по него се уште траеше. Затоа ми се обрати: „Ако го најдеш ќе те честам“. Верував дека тоа го вели во една реална димензија. Не дека тој и денес може да е жив, но дека може да се најде трага за него. некаде во белиот свет. Во Америка, Србија или на било кое, друго место на земјината топка. Таа веруваше дека тој ја преживеал војната, дека животот го продолжил некаде на друго место, бидејќи таква му била судбината. Денес ниту Петра, не е межу нас. Таа го напушти овој земен живот уште пред неколку години. Живееше 97 години, со тешки трауми, но ведрината и вербата не ја напушти до самиот крај. Разговорот со неа ни остана како вистинско доживување и драгоцена вредност. Затоа го пренесуваме на овој начин.