ПРИЛЕПСКИОТ ВОЈВОДА ДИМЕ ШИКЕ И ОБИДИТЕ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА
Некои од одметниците од турската власт во деветнаесеттиот век, во своето отпадничко дејствување, доживеале и лична трансформација и осознавање, а други останале доследни на својот арамиски карактер. Таков е Диме Шикев од Прилеп, кој бил многу храбар и решителен арамиски водач и кој дејствувал во годините од 1876–1879, а најголемата акција му е ограбувањето на поштата во 1879 година. Тој собрал дружина од неколку души од околните села, Степанци, Небрегово, Присад, како и некои други лица, меѓу кои и Спиро Тенекиџијата, наречен Грчето, од Корча. 1 Групата ја пресретнала поштата, која доаѓала од Велес за Прилеп, во планината Бабуна. Со придружбата на поштата се развила вистинска битка, при која биле убиени 5–6 души од неа и биле ограбени 5.000–6.000 турски лири, од кои дел Диме Шикев му дал на членовите на дружината од селата, а поголемиот дел го поделил со Грчето, откако се скриле во околината на селото Селце, во месноста „Бузаана“, 2 која се наоѓа на патот за селото Кокре во Мариово преку Селечка Планина.
По ваквата голема акција Диме Шикев избегал во Србија, од каде не се вратил до крајот на животот. 3 Поголем број одметници од Македонија се движеле во градот Врање, каде имале своевидна подршка од свои пријатели, но и од српската власт, која се обидувала да ја развие српската пропаганда во Македонија. Такви македонски одметници во овој град имало неколку десетици, меѓу кои, особено бил истакнат и почитуван прилепскиот војвода Спиро Црне. Овие борци за слобода на македонскиот народ, во потрагата за подршка на нивната активност, биле поврзани со тогашниот српски кнез Михајло Обреновиќ, кој се залагал за обединување на ослободителните движења на Балканот. 4
Во 1881 година во Врање се собрале стотина борци од Македонија, кои испратиле молба до српскиот кнез за да им подари 1000 пушки острагуши со доволно муниција за да се вратат во Македонија и да продолжат со борбата против Турците, за ослободување на македонскиот народ. 5
Се среќаваат податоци дека по растурањето на дружината на Диме Шике, некои членови од неа имале контакти со војводите Спиро Црне, Ѓорѓија Лажот, Димо Дедото, Коне Павлев и др. Диме Шике го среќаваме и на молбата потпишана од 63 емигранти во градот Врање, со која тие бараат 1.000 пушки острагуши од српската влада. Тој е еден од челниците на оваа голема група, која собирала средства и оружје за подготовка на востание во Македонија. 6 Единствениот обид, кој Диме Шике го направил да се врати во Македонија, бил пролетта 1881 година со Спиро Црне и е неуспешен, а притоа Спиро Црне бил убиен. Шике се вратил назад и, како што пишува Георги Трајчев, подоцна умрел во Врање.7
Во следниот период отпорот против турското ропство постојано се зголемува и голем број од ајдутските водачи и дружини, се повеќе се доближуваат до свесна и организирана борба за ослободување од ропството. Личностите како Диме Коров, кој е еден од главните актери во организирањето, опремувањето и испраќањето во акција на четата на Спиро Црне и Ѓорѓија Лажо во акција, сè повеќе се доближуваат до организираниот вид на водење борба против ропскиот живот и поробителите.
1 Г. Трајчев, Град Прилеп, 204.
2 Исто.
3 Исто, 204.
4 Д-р Климе Џамбазовски, Некои моменти од минатото на македонската емиграција во Србија, Гласник на ИНИ, бр. 2, Скопје 1961, 165.
5 Исто, 166.
6 Блаже Ристовски, Марко Цепенков за подвизите на Диме Чакре, Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот и драмите „Прилепски светци“ и „Црне Војвода“, зборник Мариово и Меглен низ историјата, Друштво за организирање на Мариовско–мегленски културни средби, Прилеп–Скопје 2000, 230.
7 Г. Трајчев, Град Прилеп, 211.