ЛЕГЕНДАРНАТА ЧУЧУК МИТРА БИЛА ДЕВОЈКА ОД СЕЛОТО ПЕШТАНИ, А СЕ ОМАЖИЛА ВО СОСЕДНОТО ДУЊЕ
Многумина ја знаат песната „По пат одам, за пат прашам“ во која станува збор за легендарната жена – јунакиња, позната како Чучук Митра. Повеќето, барем од песната, знаат дека таа е од селото Дуње, кое се споменува во еден од стиховите. Слично беше и нашето мислење за нејзиното потекло, но при една дамнешна посета на селото Пештани, кое се наоѓа на 4-5 километри северозападно од Дуње, во дворот од една куќа во селото го сретнавме Ѓорѓија Стеваноски, познат под прекарот Горупан и тој ни пренесе нова, возбудлива приказна за оваа легендарна личност. Еве како беше: Без да знаеме било што, уште при влегувањето во селото, заедно со прилепскиот ликовен уметник Кирил Гегоски, наидовме на една разурната куќа, чии ѕидови сè уште даваа отпор на времето и небиднината. На еден од ѕидовите од северозападната страна, во горниот дел, кој завршува со аголна форма, вниманието ни го привлече кружен отвор оформен со камени плочи во форма на ѕвезда. Како интересен архитектонски и конструктивен елемент со соларен изглед, ни привлече особено внимание и со фотоапаратот направивме скромна документација на целата градба. Притоа, забележувајќи не, ни пријде еден од тогашните жители на селото, кој ни се претстави како Ѓорѓија Стеваноски (неговиот прекар Горупан го дознавме подоцна).
Тој излезе од куќа непосредно до урнатината што ја фотографоравме. Поздравувајќи се со нас, нè запраша дали знаеме чија била таа куќа. Кога му пренесовме дека сосема случајно наидовме на неа и дека само ни го привлече вниманието со нејзините интересни остатоци, тој ја започна својата приказна.
– Оваа е куќата на Чучук Митра, онаа од песната „По пат одам, за пат прашам“. Во неа била родена и во неа живеела – започна да раскажува Ѓорѓија Стеваноски. Кога му предочивме дека во песната јасно е нагласено дека таа била од селото Дуње, тој ни појасни:
– Чучук Митра била мажена во Дуње, во семејството познато како Торневци, но била родена токму во оваа куќа и во неа го поминала детството додека пораснала девојка за мажење. Моите постари ми расправаа дека нејзиниот татко се викал Трајко и дека бил во контакт со ајдуците и комитите. Во нивната чета постојано доаѓале ајдуци и комити и таа била навикната да се среќава со такви луѓе. Знаела како да постапува доколку дојделе Турците да се распрашуваат за нив, како да им ги заметне трагите и да ги скрие за да не бидат откриени или фатени. Многу поголеми врски со комитите имал нејзиниот брат, кој и самиот станал комита и водел чета, па така Митра била приморана да им помага и да ги прикрива од Турците, кои постојано пуштале потери по нив. Така, таа станала многу вешта за да се снаоѓа во таквите ситуации, знаела како да ги залаже и измами потерите и да им овозможи на комитите да се извлечат и засолнат пред турските потерџии.
За жал, раскажувачот ни го пренесе само името на таткото на Чучук Митра, Трајко, а не знаеше да ни каже како се викал нејзиниот брат. Сепак, тој ни раскажа уште нешто за оваа личност од познатата народна песна.
– Митра била многу убава девојка и кога и дошло време за мажење, ја омажиле кај Торневци во селото Дуње. Турците не ја оставале на мира поради нејзината убавина и постојано и се наметнувале нудејќи и разни
дарови за да прифати да легне со нив. Имајќи го поранешното искуство од нејзиното семејство во Пештани, од големиот број случки со нејзиниот татко и брат, таа измамила и погубила голем број од нападните Турци.
Изјавувајќи дека прифаќа да легне со нив, ги земала под својот покров во креветот, а таму со скриената кама ги убивала. Така имала ликвидирано многу Турци (Ѓорѓија Стеваноски – Горупан изнесуваше неверојатна бројка од 117 Турци, кои наводно ги имала ликвидирано Чучук Митра).
Тука заврши раскажувањето на нашиот интересен раскажувач, кој денес е, веќе, одамна покоен. Приказната за Чучук Митра, сепак не завршува тука. Нашето љубопитство беше подгреано и, по извесно време, отидовме во селото Дуње и побаравме некои од постарите жители за да се распрашаме дали знаат нешто за Чучук Митра. Ни го посочија Стојан Тодески – Чачан, кој имаше повеќе од 80 години (денес исто така покоен). Тој ни пренесе само тоа дека од постарите знае за Чучук Митра, која живеела во селото Дуње, но не знаеше за нејзиното потекло од Пештани. Знаеше дека таа била од некоја куќа во селото, но не можеше да ни појасни дали таа била во некоја од куќите на Торневци. Нивните куќи, пак, денес се сосема срушени и се познаваат само мали траги од ѕидовите во селото Дуње, а потомци од семејството има на повеќе места во Македонија, па и во странство.
Интересно е и тоа дека последниве години, во селото Дуње или од жители со потекло оттаму, се појави уште една верзија за Чучук Митра. Според неа, таа не се викала Митра, туку нејзиното име било Грозда. Чучук Митра било нејзино скриено име, кое и послужило да ги прикрие трагите и за да не ја откријат Турците. Имено, таа го везела знамето за востанието, а тоа морало да го направи сосема тајно, без да разбере турската власт. За таквата потреба била создадена и самата песна „По пат одам, за пат прашам“, која всушност била лозинка, преку која требало да се разберат нарачателите на знамето и неговата изработувачка. Имено, кога нарачателите ќе дојделе во Дуње, доколку им биде запеана таа песна, тие ќе знаеле дека знамето било завршено и дека ќе можат да си го земат. Во раскажувањето не се посочува конкретен автор на песната – лозинка.
Ете, тука некаде завршува приказната за легендарната личност од споменатата песна. Само уште тоа, дека во последно време може да се слушне и верзија на песната во која наместо Чучук Митра, се пее за Грозда мома. На тој начин приказната за оваа легендарна личност добива поинаква светлина, со историска позадина. Можеби во некое догледно време, ќе се појават и релевантни податоци за историчноста, како на легендарната Чучук Митра, така и за нејзината историска улога и активност. Засега, нам, ни останува убавата народна песна, која оваа легендарналичност ја овековечила за вечни времиња.
ПО ПАТ ОДАМ, ЗА ПАТ ПРАШАМ
По пат одам, леле,
За пат прашам,
Кој пат оди Мариово.
Кој пат оди Мариово,
Мариово, село Дуње.
Таму седи, леле, Чучук Митра,
Чучук Митра, леле, бојаџиката.
Да ми вапца, леле, два бајрака,
Еден зелен, другиот црвен.
Зелениот, леле, за на свадба,
Црвениот за на војна.