ДРЕВНИТЕ ТРАГИ ОД ГОЛЕМ ГРАД И МНОГУ ХРИСТИЈАНСКИ ЦРКВИ КАЈ СЕЛОТО ЗРЗЕ
– Просторот на селото Зрзе бил постојано жариште на цивилизацијата и културата низ вековите. Од овој простор потекнуваат голем број наоди од различни историски периоди. Оттаму потекнува една монета на македонскиот крал Филип V, една бронзена фигура на т.н. „летач – глумец“ кој се поврзува со античкиот театар, а во Зрзе се пронајдени голем број мермерни споменици украсени со релјеф и со натписи. Денес, како остаток и континуитет на цивилизацискиот развој на овој простор може да се види манастиорот со црквата „Св. Преображение“ кој опстојува повеќе векови и црквата „Св. Никола“ во селото, кои се зачувани, а има траги и од други цркви, како што се: „Св. Филип“, „Св. Атанас“, „Св. Архангел“ и др.
Според старо предание, на просторот под селото Зрзе, Прилепско, на местото кое денес е познато како „Трговиште“, некогаш се наоѓал голем град кој бил центар за повеќе населени места од околината. Во овој град се произведувало растението брош, кое служело за производство на боја, поради што овде доаѓале голем број трговци и од најоддалечените места.1 На просторот на овој локалитет и денес се среќаваат траги од стари градби, а тука се пронајдени и мермерни столбови, статуи и сл. Според Георги Трајчев, меѓу селата Зрзе и Крапа се наоѓаат повеќе места со урнатини од стари градби, меѓу народот познати како „конаци на кралот Волкашин“, но според наодите на овие локалитети, урнатините потекнуваат од времињата пред кралот Волкашин.2
Според археолозите, во атарот на селото Зрзе се регистрирани 4 локалитети со наоди од римското време и ранохристијанскиот период. На локалитетот „Долна Црква“ е пронајдена една мермерна ара (жртвеник) и фрагменти од други мермерни споменици, кои се датираат од римското време, а во истиот период се датирани и наоди од локалитетите „Св. Никола“ и „Стари Гробишта“.3 Црквата „Св. Никола” и денес ја краси една мермерна плоча со човечки фигури изработени во релјеф, а на локалитетот „Стари Гробишта“ во селото Зрзе се наоѓа еден впечатлив постамент од мермер и остаток од стара градба.
Од раното христијанство се констатирани наоди на една ранохристијанска базилика кај манастирот над селото Зрзе,4 кој и денес претставува христијанско светилиште од непроценливо верско, културно и историско значење за Македонија и македонскиот народ, за христијанството, но и за општоцивилизацискиот развој.
СТАРА КРЕПОСТ И СВЕТИЛИШТЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КРАСТА“ НАД СЕЛОТО ЗРЗЕ
Како локалитет кој со своите верски и културни содржини и денес го привлекува вниманието на истражувачите и посетителите на Зрзе, посебно се истакнува манастирот со црквата Св. Преображение, расположен на локалитетот „Краста“ над селото, познат и како „Кале Св. Спас“. Овој локалитет претставува мала тераса расположена во планината на 1,2 km северозападно од селото Зрзе. На неа извира голем извор вода кој, веројатно, е една од најголемите причини за населување на овој простор. Од овој локалитет потекнува една монета на кралот Филип V (221–179 г. п.н.е.) со претстава на митолошкиот јунак Персеј и орел со рало.5 Во доцноантичкиот период на терасата била изградена мала тврдина од камен и малтер. Нејзини остатоци можат да се видат и денес, посебно на северниот дел од локалитетот, каде има остаток од ѕидот висок и до 3 m, а сочувана е и една четвртаста кула.
Според археолозите, ова утврдување со димензии 150 х 120 m им служело како збег на сточарите од околните места, а подоцна прераснало во укрепена населба.6 На источниот дел се пронајдени остатоци од ранохристијанска црква, чии мермерни украси биле расфрлани на просторот на кој се наоѓала градбата. На истиот простор се пронајдени и повеќе монети кои потекнуваат од доцноантичкиот период (IV, V и VI век).7 Освен црквата „Св. Преображение” или „Св. Спас”, која се наоѓа во манастирот, како и споменатите траги од ранохристијанска базилика, во околината на манастирот се констатирани траги и од други цркви: „Св. Константин и Елена”, „Св. Архангели”, „Св. Атанасиј” и други, за кои се претпоставува дека биле манастирски скитови.8
Крепоста во која се наоѓал манастирот со црквата „Св. Преображение” или „Св. Спас”, во средновековието, во XIV век, била обновена, и на местото на ранохристијанската базилика била изградена нова христијанска црква, а биле изградени и манастирски конаци и други придружни згради.9
ПРИСУСТВО НА КРАЛЕВИ И ГОЛЕМИ ЦРКОВНИ УМЕТНИЦИ ВО МАНАСТИРОТ ЗРЗЕ
Според еден натпис кој се наоѓа над јужната врата на црквата однадвор и потекнува од 1395 година, што се поклопува со смртта на Кралот Марко, црквата во средниот век ја подигнал извесен монах Герман, во времето на владеењето на српскиот цар Стефан Душан (1346–1355).10 Во времето на владеењето на кралот Волкашин и неговиот син Марко со манастирот владееле „светопочинатиот преосвештен митрополит кир Јован Зограф и неговиот брат јеромонахот Макариј, внуци на светиот ктитор, монахот Герман.“11
1 Георги Трајчев, Град Прилеп, Македонска библиотека, Софија 1925, 47.
2 Исто.
3 Археолошка карта на Република Македонија, МАНУ – Музеј на Македонија – археолошки оддел, том 1, Скопје 1994
4 Исто.
5 Н. Шелдаров, В. Лилчиќ, Кралевите на Античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, 175.
6 И. Микулчиќ, Средновековни градови и тврдини во Република Македонија, 260.
7 Исто.
8 Георги Трајчев, Град Прилеп, 47. Загорка Расолкоска – Николовска, Манастирот Зрзе со црквите Преображение и Свети Никола, Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 407.
9 И. Микулчиќ, Средновековни градови…, 260, 261.
10 Загорка Расолкоска – Николовска, Манастирот Зрзе…, 408.
11 Документи за историјата на македонскиот народ, Од написот на манастирот Преображение во с. Зрзе, 132.