ОДБЕЛЕЖАНИ 114 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ВОЈВОДАТА И РЕВОЛУЦИОНЕРОТ ПЕТРЕ ГЕОРГИЕВ ЖЕЛЕЗАРОТ
Во рамките на малото Чествување беше поставена и мала спомен плоча со ликот на Петре Железарот на гробот на војводата
Мала делегација на КИДЦМ „Калеш Анѓа“, во која присуствуваше и еден од потомците на војводата и револуционер, Петре Георгиев Железаро, со палење свеќи и поставување цвеќе на гробот на војводата, ја одбележа 114-годишнината од загинувањето на овој војвода во битката кај селото Дрен, Прилепско, на 20 март 1905 година, во нерамна битка со турскиот аскер. Малото чествување се случи на 22 мај 2018 година, на празникот „Св. Никола“. Делегацијата му одаде почит и на Ѓорѓи Воденчето кој, како комита во четата на Крсте Гермов – Шакир, загинал во истата битка. Гробовите на двајцата загинати борци се наоѓаат во рамките на селските гробишта во селото Дрен, кај црквата „Св. Никола“. Тие се обележани со мермерни крстови со натпис, но се наоѓаат во мошне распадната состојба. Во рамките на програмата на КИДЦМ „Калеш Анѓа“ планирана е и реконструкција и изградба на достојни гробови на овие македонски борци за слобода, но се чека обезбедување потребни материјални средства за таа намена.
Во рамките на 114-годишнината беше поставена и мала спомен плоча од мермер со ликот на војводата Петре Железарот.
Петре Георгиев Железарот потекнува од угледно семејство со потекло од Прилеп, кое се преселило во Битола и живеело во куќа, која била во близина на митрополијата. Целото семејство било вклучено во револуционерна дејност и ја помагало Организацијата на разни начини. Со средства, со прифаќање на револуционери и борци во својата куќа, чување на материјали и воени средства и сл. Петре Железарот бил активен учесник, најпрво како терорист на Организацијата, а подоцна станал војвода и водел битки на разни места во Битолско, Прилепско и во други области од Македонија. Извесно време бил и член на Окружниот комитет.
На 20 март 1905 година бил испратен со четата во мисија во Прилепско, да прибере извесни пушки за Орагнизацијата, но бил предаден и по голема битка, во која учествувал и Крсте Гермов – Шакир со својата чета, загинале Железарот и Ѓорѓи Воденчето – комита од четата на Крсте Гермов. Нивните гробови се наоѓаат под еден голем даб во рамките на селските гробишта во селото Дрен.