АНТИЧКИ ГРАД КАЈ СЕЛОТО ПРИЛЕПЕЦ, ПРИЛЕПСКО – 2
Археолозите многу малку истражувале на локалитетите во атарот на селото Прилепец. Познати се истражувањата кои во 1928 година ги вршеле српските археолози Никола Вулиќ1 и М. Кокиќ.2 Оттогаш, нови истражувања се направени дури во 2016 година кога се истражуваше една некропола која, според археолозите д-р Антониот Јакимовски, проф. д-р Виктор Личиќ од Филозофскиот факултет во Скопје и археологот Душко Темелкоски од Завод и Музеј – Прилеп, била користена во периодот од 4 век пред нашата еера до 4 век на нашата ера (Вечер, 4-ти декември 2016). Во 1928 година, на локалитетот „Безистен“, археолозите откриле и една гробница градена од големи камени блокови, а фугите меѓу нив биле грижливо исполнети со варов малтер. Во внатрешноста на гробницата е пронајден саркофаг со коските на покојниот, за жал, искршен од диво влегување во гробницата кога таа е и ограбена.
Конструкцијата на оваа гробница била многу цврста и, освен мермерните блокови од ѕидовите и мермерните плочи со кои била покриена, целата била обложена со слој од крупен шодер (ситен камен). Покривачот на гробницата од мермерни плочи со огромна дебелина, поставени една над друга, заедно со шодерот над нив, бил дебел дури 2,50 m. На една од плочите имало натпис според кој се констатира дека гробницата била изградена од мермерни елементи од постара градба.3 Освен овој натпис во гробницата се пронајдени и други натписи на мермерните блокови. Тие се со постар датум, односно потекнуваат од градбите на населбата која егзистирала во античкиот период, во времето на македонската империја и римскиот период. Во прилог на ова се и наодите на македонски и римски монети од локалитетот „Безистен“ на кој е пронајдена гробницата заедно со остатоци од други градби. Гробницата со мермерните блокови зафаќала димензии од 2,25 m должина и 1,90 m ширина, а нејзините димензии со слојот од шодер се многу поголеми, односно 11,80 m должина и 7,20 m ширина.4 Конструкцијата и останатите наоди поврзани со гробницата укажуваат на тоа дека таа била почивалиште на некоја богата личност од антиката, можеби извесен старешина на античката населба. Покрај конструкцијата во околината на гробницата се пронајдени и фрагменти од златен накит,5 кој ограбувачите не го забележале при нивното влегување во неа. Интересно е дека Никола Вулиќ, при ископувањето на гробницата, констатира три имиња на еден од пронајдените натписи, Αγριππα, Κρατευα, и Αννα6 кои се среќаваат и на натпис пронајден во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец на мермерен блок, веројатно ара, кој бил однесен како дар во храмот на богот Аполон Етеуданос (Громобиец). Ова значи дека се работи за извесно откритие на граѓани на населбата кај Прилепец, кои при посетата на тогашниот храм под високиот Златоврв донесле дар за Богот на кој се испишани и нивните имиња.
При еден поскорешен настан, остатокот од споменатата гробница е доуништен со булдожер од локални трагачи по археолошки и друг вид богатства, и притоа се извадени мермерни блокови, меѓу кои и три со натпис, кои се однесени во селото Прилепец кај новоизградената црква „Св. Димитрија“. На еден од натписите се среќава и името „Македонија“ во терминот „македонијарх” кој се однесува на некој старешина на служба во Македонија.
Освен донесените споменици кај новоизградената црква „Св. Димитрија“ се пронајдени голем број мермерни елементи од стара градба и на самото место. Тука се некои мермерни плочи од прагови и надвратници, долги мермерни столбови со правоаголни форми и сл. Жителите на селото Прилепец раскажуваат и за исчезнување на глава од мермерна скулптура која се наоѓала во црквата, а која еднаш ја зеле некои непознати лица, но не можеле да ја задржат „бидејќи нешто ги мачело“ и ја вратиле. Сепак, по извесно време овој дел од скулптура, околу кои се плетат различни приказни со мистична содржина, повторно исчезнал и не е вратен назад. Овде нема посебно да го нагласуваме прашањето дали некој од надлежните институции требало навреме да се заинтересира за случајот и мермерната глава да ја заштити заедно со останатите слични споменици кои се изложени на исчезнување. Особено, поради фактот што жителите на селото тврдат дека надлежните институции повеќепати ги информирале за случајот со мермерната глава.
Денес локалитетот „Безистен“, располага со остатоци од голема градба која се насетува на тумбата на која е расположена, како и остатоци од широки и цврсти ѕидишта градени со големи количества малтер, големи мермерни елементи од старата престижна градба меѓу кои и еден остаток од поголем мермерен столб, фрагменти од тегули, покривна керамика, керамика од садови и сл. Ваквите содржини продолжуваат да ги возбудува духовите на трагачите по скриени богатства и авантуристите, и оставени на забот на времето, во исклучително руинирана и незавидна состојба чекаат на своето време. Особен предизвик е запуштениот стар објект на локалитетот, со квадратен отвор од големи мермерни блокови, кој го поткрева духот на населението во создавањето приказни дека е отвор за тунелот кој води дури до некогашниот голем антички град Стибера кај денешното село Чепигово. Верувањето оди дотаму што се тврди дека пред неколку години еден од тракторите, кој орал некаде на површините на Пелагонија, меѓу селата Мало Рувци и Беровци, пропаднал во дупка чие дно „не се знае колку е длабоко”, а тоа бил токму делот од „тунелот кој ги поврзувал двата антички града”.
Аргументите укажуваат на населба со долг континуитет на локалитетот „Безистен“ кај Прилепец. Пронајдоците на предмети од бронзеното време,7 од архајскиот период8 и подоцнежните периоди на македонската и римската империја се извесна потврда на таквиот фасцинантен континуитет на населбата. Според археолозите, на овој локалитет во римското време, веројатно, егзистирала некропола кај која бил изграден и храм за чии траги говори археологот М. Кокиќ.9 Елементите од храмот, кој егзистирал во почетните векови од римското време на Балканот, во доцната антика биле искористени за правење гробници каква што била и гробницата, откриена од двајцата српски археолози М. Кокиќ и Н. Вулиќ. Археологот Виктор Лилчиќ, претпоставува дека на местото на храмот била изградена ранохристијанска базилика. Претпоставката ја поткрепува со полукружниот остаток од градба, кој е констатиран при ископувањето на овој локалитет во 1928 година, што го споменува М. Кокиќ.10 Имено тој, веројатно, бил дел од христијанската базилика. При ископувањето е констатиран и насип од земја и градежен материјал на североисточниот дел на малото возвишување „Безистен“, а констатиран е и поголем ѕид, чии остатоци биле регистрирани од југоисточната и североисточната страна. Може да се претпостави дека ѕидот е остаток од поголема ограда која ги заградувала гробовите.
Самото име на споменатиот локалитет „Безистен“ укажува на некакво значење на овој простор. Тргнувајќи од значењето на името кое означува Пазар, преданието зборува дека на овој простор егзистирал значаен пазар на кој се тргувало во времето на активното постоење на големата населба кај Прилепец, чии остатоци се констатирани на локалитетот „Долиште“, кој е на поблиско растојание до селото Волково. На тврдењето дека на овој простор се крие голема античка населба која постоела од архајскиот период11 (VI – IV век п.н.е.), па се до доцната антика (V – VI век на н.е.), се надоврзуваат и остатоците од тврдините кои можат да се видат на два локалитети на планината над селото Прилепец.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ ВЛЕГОЛ ВО „БЕЗИСТЕН“
Богатството од разновидни содржини на материјално и културно богатство од локалитетот „Безистен“ го забележале и постарите автори, кои пишуваат за Прилеп и неговата околина. Ѓорѓи Трајчев запишал дека „Марко Цепенков влегол со татка си во тој безистен за да ги види парите што биле чувани од еден смок.“12 Трајчев додава дека таму имало и една мермерна плоча со натпис на која се споменува името Тит Флавиј, како и поимот „Македоно-архис“.13 Не знаеме за кој споменик со ваков натпис се работи, но тоа би бил втор натпис на кој се среќава термин со основа „Македон“. Првиот се наоѓа кај црквата „Св. Димитрија“ во селото Прилепец, а веќе го споменавме во првиот текст.
За градбите и подземните простории, кои останале од старата населба се шират разновидни приказни меѓу населението, а се тврди дека во некои од тие простории, поточно во доцноантичката гробница, која ја истражувале Н. Вулиќ и М. Кокиќ, влегле извесни Турци уште за време не турскиот период. На тоа се надврзуваат приказните дека богатството во подземните простории го чува голем смок или голема змија и сл. Ваквите приказни и среќавањето на два поголеми влекачи во еден правоаголен отвор од мермерни блокови во централниот дел на локалитетот „Безистен“ при нашата случајна посета на овој локалитет, ја зголемија мистиката во нас.
1 Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, Српска кралјевска академија, Београд 1931, 174–176.
2 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за животот по животот, том 1, Македонска цивилизација, Скопје 2001, 412, 413.
3 Исто, 176.
4 Исто.
5 Исто.
6 Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, Српска краљевска академија, Београд 1931, 182. Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен …,
393.
7 Исто.
8 Архајскиот период е констатиран на локалитетот “Долиште”, кој се наоѓа во близина на споменатиот “Безистен”. Види: Ivan Mikulčić, Pelagonija у светлости археолошких налаза од егејске сеобе до Августа, том III, АДЈ, Археолошки музеј, Скопје 1966, 36.
9 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен …, 413.
10 Исто.
11 I. Mikulčić, Pelagonija …, 71.
12 Георги Трајчев, Град Прилеп, Македонска библиотека, Софија 1925, 49.
13. Исто.