ПОДВИЗИТЕ НА ВОЈВОДАТА ДИМО ДЕДОТО ВО ПРИЛЕПСКО

– Димо Дедото се појавил со чета во 1883 година и дејствувал по друмовите околу Прилеп. Со него стапила во контакт една напредна група младинци од Прилеп, меѓу кои и Пере Тошев, со намера оваа чета да ја стават во служба на револуционерното дело и организирале една смислена акција на ограбување која била откриена. По оваа акција Димо Дедото отишол во Бугарија и повторно се вратил со чета во 1895 година кога се случила една позната афера во селото Дреновци, Прилепско, при која биле уапсени и затворени околу педесетина лица од Прилепско.

Село Дреновци, општина Долнени
Село Дреновци, општина Долнени

По Спиро Црне, Диме Чакрев и Ѓорѓија Лажот во Прилепско со своја чета се појавува уште еден познат комита и војвода од постариот период. Тоа е Димо Дедото од Прилеп, кој своето комитско искуство го стекнува уште во времето на својата младост преку своите контакти со посмелите младинци од Прилеп, кои биле учесници во повеќе дејства од „сомнителен“ карактер. Уште со случајот при подготовките за ликвидирање на Чучук Сулејман прилепските првенци го имаат Димо Дедото заедно со неговиот брат во списокот на смели младинци, доверливи на Диме Коров, кој и го доставил овој список.1 Споменувањето во групата со Спиро Црнев, Спиро Тенекиџијата, Коне Павлев, Ничо Роканов, Тале Јаглика и други значело дека Димо Дедото ги имал врските со најсмелите прилепчани во неговото време и дека бил замешан и во активности за кои турските власти имале причина да водат истрага и да апсат. Извесно време во 1882 година Димо Дедото дејствувал како комита во четата на Ѓорѓија Лажот, кога е киднапиран и трговецот Хаџи Тоде Кузманов од Прилеп за кого е баран откуп од 2.000 турски лири.2

Веќе во 1883 година Димо Дедото формира своја чета со која дејствува по друмовите кои водат кон Прилеп. Првите негови четници биле Диме Дотресокот и уште двајца други прилепчани, Бале и Ангеле, Богданцалијата кој бил по потекло од Богданци, извесен Мицко од Ресен и уште 2–3 комити, а вкупниот број бил 6–7 души. Четата имала и неколку јатаци во Прилеп меѓу кои Диме Ацарчето, Димко Малото, и извесен Јове. На почетокот Димо Дедото со својата дружина правел повеќе напади по друмовите ограбувајќи имотни Турци и трговци.3

ОБИД ЗА СТАВАЊЕ НА ЧЕТАТА ВО СЛУЖБА НА МАКЕДОНСКОТО ДЕЛО

Времето во кое во Прилепско се појавуваат четите на Спиро Црне, Диме Шике, Диме Чакре, Ѓорѓија Лажот, Димо Дедото, Коне Павлев и др., односно, почетокот на осумдесеттите години на деветнаесеттиот век Прилеп го карактеризира со напредно движење и на полето на образованието и културата. Во градот се појавуваат поголема група напредни граѓани и младинци кои изразуваат повисока свест за положбата и самобитноста на македонскиот народ и Македонија и почнуваат да размислуваат за организирано движење и борба за ослободување. Училиштето во Прилеп постојано напредува и токму тие години станува третокласно, а прилепчани веќе изразуваат желба за четворокласно училиште и негово издигнување до полна гимназија. Всушност, Прилеп прераснува во образовен и културен центар за Западна Македонија и во него се образуваат впечатливи млади кадри, кои своето образование често го продолжуваат во Солун. Во 1885 година во Прилеп со високи свечености се слави и илјадагодишнината од смртта на Св. Методиј и по тој повод се прави градина–споменик меѓу машкото и женското училиште заградена со убава железна ограда во форма на трапез, со водоскок во средината и опитни леи. На вратата на градината стоел натпис: Илјада годишна св. Методиева смрт, 6 април 1885 год. Гр. Прилеп4 Во 1887/88 година во салонот на женското училиште се изведуваат и првите театарски претстави комедиите, „Доктор од неволја“ и „Рајна Кнегиња“, а во 1890 година и пиесата „Невенка и Светослав“.5

Пере Тошев
Пере Тошев

Во вакви услови група од неколку прилепч ани младинци, кои се школуваат во Солун, веќе организирани во сопствено друштво, кое си поставило задача да работи за Македонија и за нејзиното ослободување, ја забележува активноста на четата на Димо Дедото и доаѓа на идеја да ја вклопи во организирана борба за македонското дело. Меѓу нив посебно се истакнува Пере Тошев, а тука се и Јордан хаџи Јовков, Јоско Кусевски и др.,6 кои се вдахновени од литературата со револуционерна содржина на, тогаш, популарните писатели. За врските кои ги имал Пере Тошев со комитските чети пишува и Ѓорче Петров во своите спомени.7 Оваа група стапува во контакт со Димо Дедото и му предлага да направат импровизирана кражба која ќе биде однапред договорена. Целта е групата млади прилепчани да им обезбеди средства на комитите за натамошно дејствување и на тој начин друмското дејствување да го преобразат во организирана борба во служба на револуционерното дело за ослободување на земјата и македонскиот народ.

Младинците договараат средба со четата на Димо Дедото со посредување на јатакот Коне од селото Селце кај Прилеп за време на летниот распуст 1883 година. Јатакот на четата на Димо Дедото, Коне од селото Селце, бил убеден дека младите заговорници се со искрени намери од чичко му на Пере Тошев, Коста Чакаро. Тајно од родителите тие се сретнале со четата во местото Врапчалник,8 кое е едно карпесто ритче над селото. По долго убедување и говор младинците ја убедиле четата да ги прифати нивните идеи.

Врапчалник - Селце, Прилепско - од југозапад
Врапчалник – Селце, Прилепско – од југозапад

ИМПРОВИЗИРАН ГРАБЕЖ

Откако Димо Дедото со четата ја прифаќаат понудата за револуционерно дејствување се договорил начин како да се обезбедат средства за тоа. Бидејќи наскоро учениците, по групи, требало да заминат за Солун тие се договориле да организираат лажен грабеж на истите од страна на четата. Во тоа време било вообичаено по учениците прилепските трговци да ги испраќаат парите за своите трговски партнери во Солун. Учениците се договориле со четата да ја известат за денот на тргнувањето за Солун и таа да ги пречека на патот за Градско и да ги собере парите. Пред да тргнат за Солун во крајот на август учениците се договариле со четата на Дедото пресретнувањето да биде кај варниците во близина на селото Тројаци во Прекурид. Ова место се сметало за најпогодно за извршување на договорената акција бидејќи се наоѓа скриено по еден свиок на патот зад помало ритче на околу 2 километри од селото Тројаци. Како што пишува Георги Трајчев, била договорена и специјална лозинка, а тоа била песната „Заврнале до два снега“, која откако ќе ја слушнат комитите требало да стапат во акција. Акцијата така била и изведена и четата собрала од учениците 900 турски лири, чорапи, крпи, часовници и храна.9

Село Тројаци, Прилепско
Село Тројаци, Прилепско

За да биде грабежот поубедлив и да го замаскираат договорот, Димо Дедото наредил да бидат врзани Пере Тошев и Јордан хаџи Јовков со јаже и да ги однесат во шумата, на што со молби настапил коларот Диме Главев и комитите се „смилувале“.10 По извесно време трговците дознале за договорот на учениците со четата на Димо Дедото и за да не пријавуваат на власта трговците побарале од учениците да потпишат документи како гаранција дека парите ќе им ги вратат. Како што истакнува Трајчев потпишувањето било договорено да се случи крај Бехчинар во Солун. Учениците се договориле при средбата да се нафрлат на трговците и да ги издават во морето, но трговците ги забележале големиот број ученици собрани крај морскиот брег и избегале. За настанот никој никаде не проговорил и повеќе никој од нив не ги побарал парите.11 Парите морале да ги враќаат родителите на Пере Тошев, веројатно, заедно со родителите на другите ученици кои учествувале во заговорот.

ПО 12 ГОДИНИ ОТСУСТВО СО НОВА ЧЕТА ВО МАКЕДОНИЈА

По спомнатата акција на лажен грабеж Димо Дедото заминува за Бугарија. Потоа цели 12 години неговото име не се среќава во историските документи. Барем не со нови акции како војвода и комита. Според еден висок италијански службеник за Балканот Д. Боди, Димо Дедото бил неколку години на робија во Србија заради убиство. Во 1894 година се враќа во Бугарија. На почетокот на мај 1894 година Борис Сарафов доаѓа како офицер во Софија каде покрај воената служба собира чета за пролетни дејства во Македонија. Меѓу комитите кои ги оспособувал за членови на четата споменува и извесен дедо Димо. Еве што вели тој во своите спомени: Уште во текот на зимата 1894 година почнав да собирам чета. Дење одев во касарната, а навечер ги обучував комитите во крчмата–ан ’Нов свет‘ (на улица Пиротска). Повеќето од нив беа Македончиња, меѓу нив имаше и еден постар, дедо Димо, арамија.12 Речиси, нема сомневање дека Сарафов во своите спомени мисли на Димо Дедото за кого се говори во овој текст. Малку понатаму во своите спомени тој повторно го споменува Димо Дедото во контекст на подготовките за испраќање чети во Македонија: Претходно се испратија помали чети, првин под водство на Димо Дедото, потем на Никола Херојот и др.13 Во 1895 година Димо Дедото е испратен со чета во Македонија од страна на браќата Иванови од Софија со цел да се одржува пропагандата за неиздржливоста на турското ропство во Македонија, но и со цел за подготовка на поширока вооружена акција. Четата броела 6 души и била испратена со цел да го убие Расим бег од селото Десово, Прилепско, кој вршел разни тероризирања во прилепскиот крај.14 Со тоа се сметало да се врати во народот борбениот дух и да се подготви терен за нови уфрлувања на чети однадвор. Четата обиколила неколку прилепски села како што се Небрегово, Дупјачани, Присад и други.

Село Десово, општина Долнени
Село Десово, општина Долнени

Димо Дедото стапил во врска со некои прилепчани кои во себе носеле идеи за оттргнување од ропството од порано и биле вклучени во МРО (Македонска револуционерна организација) меѓу кои Јордан Гавазов, Панто Карамбулев, Тоде Јарамбобол, ѓаконот Константин, Диме Палавранов и др.,15 а потоа сите овие се сретнале со четата кај рудникот Сивец кај Прилеп. Споменатите прилепчани ѝ излегле во пресрет на четата за снабдување со потребните средства, оружје, муниција, храна и сл. На 14 март 1895 година, како што пишува Димитар Димески во книгата „Аферите во битолскиот вилеает“ четата притаена во трлото на Веле Савеиќ од селото Дреновци наместо тиранинот Расим го убила бегликчијата Ахмед,16 кој бил надлежен за собирање на десеток од овците. По ова убиство четата веднаш го напуштила Прилепско и се повлекува во Бугарија. На патот за Бугарија, според Георги Трајчев кај Чивте Хани, Паланечко, четата била откриена и при судирот со Турците загинал војводата Димо Дедото заедно со неговиот другар Диме Арапчето.17

Село Небрегово, општина Долнени
Село Небрегово, општина Долнени

ГОЛЕМА АФЕРА ПО ЗАГИНУВАЊЕТО НА ДИМО ДЕДОТО

По убиството на бегликчијата Ахмед во селото Дреновци се случила голема афера во Прилепско, при која биле уапсени и затворени педесеттина лица од градот и околните села. Разбирајќи за убиството, прилепскиот кајмакам испратил потера од 50–60 души на чело со јузбашија, која била известена за комитите од страна на полјакот Аце во Небрегово. Тој им пренесол на потерџиите дека четата била испратена од Бугарија и дека кога ќе се стопли ќе дојдат уште, меѓу кои и офицери, и дека се подготвува поголема акција. Тоа го предизвикало вниманието на турската власт и следеле голем број апсења. Меѓу првите бил уапсен, токму, Аце Полјакот од селото Небрегово, а следеле апсењата на Тоде Точак и Ицко Гавазот18 од Прилеп, Тале Дурле од селото Волково, Прилепско, како и уште десетина лица од селата Небрегово и Дреновци.19 При потерата и истрагата паднала и една жртва. Од повредите нанесени при мачењето од страна на Турците починал момокот на трлото од Веле Савеиќ.20

Христо (Ицко) Гавазот од Прилеп
Христо (Ицко) Гавазот од Прилеп
Јордан Гавазот од Прилеп
Јордан Гавазот од Прилеп

Аферата во Дреновци предизвикала големо возбудување во прилепскиот крај. Било вознемирено населението од голем број населени места и поради тоа се заангажирал лично, дури и валијата Абдул Керим паша кој, за да го ублажи вознемирувањето од големиот број апсења на христијанско население, распишал потерница по злосторникот Расим, кој бил причина за настанување на аферата. Главата на Расим била проценета на 150 турски лири. Оваа потерница го принудила Расим самиот да се пријави кај власта преку неговата мајка. На 21 мај (ст. стил) Расим се предал на турската власт во Прилеп, а потоа бил префрлен во Битола.21

На 8 јуни се предал и разбојникот познат како Карабаџакот за кого, исто така, била распишана потерница.22 За двајцата биле истакнати плакати во повеќе градови. За Карабаџакот во Охрид, Ресен и Битола, а за Расим во Прилеп и Битола. Со плакатите се повикувало населението доколку има жалби против разбојниците да ги поднесе кај власта. Јасно било дека ваквата постапка на Абдул Керим паша била лицемерна, знаејќи го фактот дека населението било силно заплашено за да изнесува вакви жалби кај власта, а токму од жалбите зависело дали на разбојниците ќе им се суди или не. По овој настан разбојништвата во Македонија уште повеќе биле зголемени,23 а најмногу страдало христијанското население.

Четата на Димо Дедото во Македонија била испратена во строго диригирана акција на бугарските дипломатски кругови кои сакале да го држат актуелно прашањето во Македонија за свои политички цели. Во оваа акција бил активно вклучен т.н. „Македонски комитет“ кој бил формиран 1895 година во Софија.24 На акцијата со испраќање на чети во Македонија ѝ бил даден голем публицитет кој имал за цел заплашување на Турција со подигање востание во Македонија. Со добивањето на првите вести за обидот за префрлување на четата на Димо Дедото во Македонија печатот во Виена отворил специјална рубрика со наслов „Бугарското востание во Македонија“.25 Во некои од весниците биле објавувани и наслови со кои на целата акција и се давало значење како на вистинско востание. Се објавувале лажни информации за големи успеси на востаниците и големи загуби и порази на турската војска.26 Посебно по влегувањето во Македонија на четата на Димо Дедото. Всушност, во Македонија, биле испратени повеќе чети, па дури и цели одреди. Испраќаните четници биле убедувани дека штом ќе ја преминат границата во Македонија ќе започне востание за нејзино ослободување.27

1 Г. Трајчев, Град Прилеп, 206.

2 Исто, 214.

3 Исто, 216.

4 Исто, 125.

5 Исто, 157.

6 Г. Трајчев, Град Прилеп, 216. Прилеп и Прилепско низ историјата, книга прва, ИНИ, Скопје–Прилеп 1971, 244, 245.

7 Ѓорче Петров, Спомени, Научен институт за национална историја на македонскиот народ, Скопје 1950, 15. („Во годината 1881 беше станало комитско движење во Прилеп и ние живо се интересувавме затоа, макар и деца, а Пере Тошев беше бил во врска со тие комити, но тоа немаше последици за нас.“ ѓорче Петров.)

8 Г. Трајчев, Град Прилеп, 216. С. Тошев, По крвав пат, 1969, 30.

9 Исто. С. Тошев, По крвав пат, 32.

10 Исто.

11 Г. Трајчев, Град Прилеп, 217, С. Тошев, По крвав пат, 32.

12 Борис Сарафов, Спомени „И.Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Јане Сандански, М. Герџиков, Д-р Х. Татарчев“, превод од Бугарски Цветко Мартиноски, Култура, Скопје 1995, 130. Христо Силјанов пишува дека 1894 година, при формирањето на првиот македонски комитет, под претседателство на Трајко Китанчев, биле мобилизирани и старите војводи: Кочо Љутата, дедо Кацареа, Димо Дедото, Никола Херојот, Дедо Стојо, Кочо Муструка, Дончо Златков, Кољо Ризов, дедо Анго и др. Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том I, Култура, Скопје 2003, 79, 80.

13 Б. Сарафов, Спомени, 131.

14 Димитар Димески, Македонското национално ослободително движење во битолскиот вилает 1893 – 1903, „Студентски збор“, Скопје 1981, 11.

Токму во февруари 1895 година насилникот Расим на жителите на селото Дреновци, Прилепско им наложил да му исплатат 300 турски лири, при што 210 лири барал да му се исплатат веднаш, а остатокот подоцна (Д. Димески, Македонското…, 155). Еден месец порано Расим од селото зел 120 турски лири (Истото дело, белешка 83, стр. 155).

15 Г. Трајчев, Град Прилеп, 223. Димитар Димески, Аферите во Битолскиот вилает (1895 1903), Матица Македонска, Скопје 1993, 11.

16 Д. Димески, Аферите …, 11 и 12.

17 Г. Трајчев, Град Прилеп, 217.

18 За Ицо Гавазо (Ицко Гавазот), Илија Иванов во хрониката на Прилеп која ја донесува во „Прилепски летописци“ пишува дека во 1881 година започнал со изработка на железни плугови по „европски образец“. (Види: Љубен Лапе, Историската тематика во творештвото на Марко Цепенков, Симпозиум посветен на животот и делото на Марко Цепенков, МАНУ – ДНУ – Прилеп, Скопје 1981, 125.)

19 Д. Димески, Аферите…, 12.

20 Исто.

21 Д. Димески, Македонското…, 166.

22 Исто.

23 Исто, 167 (Истата 1895 година, на 26 јули (ст. стил) разбојникот Билјал Баланца, на крстопатот за Крушево и Кичево заробил 17 селани од Галичник и Лазарополе и ги одвел во Албанија. Истата година разбојништва извршиле и Ислам онбаши и Зулко во Кичевско.)

24 Иван Катарџиев, Серскиот округ од Кресненското востанеие до Младотурската револуција, Култура, Скопје 1968, 107, 108.

25 Исто, 115, 116.

26 Исто, 120, 121.

27 Исто, 116, 117.