ЗОШТО ИСЧЕЗНАЛ АНТИЧКИОТ ГРАД ПЕЛАГОНИЈА

Археолозите и историчарите околу 200 години се обидуваат да го лоцираат античкиот град Пелагонија, кој се наоѓал во Македонија и по паѓањето на македонското кралство под римска власт овој голем антички град станал главен град на четвртата мерида, односно, четвртиот дел на Македонија. Тоа, дека се работи за голем град не треба да се сомневаме и од самиот факт што е поставен за центар на една голема област, но и од сознанието дека и на првите три дела на Македонија за главни градови биле поставени три големи антички града, како што биле Амфипол, Тесалоника (Солун) и Пела. Оттука, сосема е логично да се заклучи дека и Пелагонија бил, по големина и значење, рамен на првите три центри на македонските области во римско време. Додека трите града, речиси отсекогаш се познати за науката и пошироката јавност, Пелагонија, на некој начин, исчезнал од „видокругот “ дури и на најљубопитните и вештите во потрагата по сознанието и вистината, како што се научниците.

Врвот Висока доминира со Пелагонија и Мариово
Врвот Висока доминира со Пелагонија и Мариово

КАДЕ СЕ НАОЃАЛ ГРАДОТ ПЕЛАГОНИЈА ?

Со градот Пелагонија се занимавале голем број научници, обидувајќи се да го лоцираат на археолошките локалитети во денешните области Пелагонија и Мариово. Него, како и областа Пелагонија го споменуваат и неколку антички автори, меѓу кои, Страбон, Ливие, Полибие, Хиерокле и др. Некои од нив, со податоците кои ни ги пренесуваат не доближиле до неговата локација, но неговото убицирање, сепак не било лесно. Археологот Фанула Папазоглу, како можна локација на која се наоѓал овој град претпоставува некаде во областа Мариово. 1

Многумина археолози и историчари со него ги поврзуваат локалитетот Долишта кај Прилепец, потоа кај селото Црничани, овде-онде може да се слушне дека тој, веројатно, бил на денешниот локалитет Маркови Кули кај Прилеп и уште многу други слични археолошки локалитети кои носат потенцијал на можен антички град. Со најновите археолошки рекогносцирања и истражувања, како и со обидите да се анализираат постарите автори и географската положба на некои оастатоци од поголеми антички населби, како можна локација наголемо се потенцираат археолошките локалитети во атарот на селата Бонче и Крушевица, Прилепско. Додека во атарот на селото Бонче, се смета дека била расположена голема античка населба од отворен тип, на локалитетот Старо Бонче, како акропола и силно утврден дел од градот се смета локалитетот Висока (Цуцул) во атарот на селото Крушевица. 2

Локалитетот „Мечка“ кај Селце крие пелагонска култура
Локалитетот „Мечка“ кај Селце крие пелагонска култура

ГО ПРОНАЈДОВМЕ ЛИ ?

Најпрво беше идентификувана и лоцирана гардба од големи камени монолити на самиот врв Висока над селото Крушевица, на надморска височина од 1472 м и притоа, преку поширока анализа на историските податоци и археолошките потенцијали, беше изнесена претпоставка дека се работи за центар на античкото племе Пелагонци, односно, античкото кралство Пелагонија.3 Потоа на ваквата анализа и обид за идентификување, се надоврза архелогот Виктор Лилчиќ – Адамс, кој се произнесе дека ова е, веројатно, долго бараниот град Пелагонија. 4 Во продолжение, под негово раководство, беа направени голем број помали археолошки кампањи и притоа беа откриени голем број движни и недвижни наоди, кои можноста дека се работи за градот Пелагонија ја зацрврстуваат. Сепак, до денес немаме цврст доказ за вистинска потврда и идентификување на овој многу значаен град во антиката, центар на постаро кралство.

Од пелагонската култура
Од пелагонската култура

ЗОШТО ИСЧЕЗНАЛ ГРАДОТ !?

Според одредени податоци и информации од постарите автори, има индиции дека Пелагонија бил еден од најстарите центри на заедница и кралство во овој дел од светот. Споменувањето на епонимниот јунак на Пелагонците, Пелегон (Пелагон) во Илијадата на Хомер 5 е само еден од таквите податоци. Пронаоѓањето на две плочи со натпис на кој се споменуваат имиња на пелагонски крал и пелагонски достоинственик, 6 постоењето на ова античко кралство го прави, речиси, несомнено. Наодот на монета, на која се споменува името на градот е уште една потврда за неговото постоење. 7 Сепак, зошто и како исчезнал еден голем град каков што морал да биде Пелагонија?

Овде ќе се обидеме да поставиме една можна варијанта на приказната за исчезнувањето на овој град. Значи, тој бил главен град на четвртиот дел на Македонија, која од римјаните била поделена на четири мериди (делови), односно посебни области, со определен центар, со свое собрание (синедрион) и слични институционални системски форми на организација. Според информациите, строго било забрането какво било мешање меѓу овие делови, па дури и лични врски на жители од еден дел со жители на друг дел. 8 Ваквата состојба траела 168 г.п.н.е. до 148 г.п.н.е..

Црна Река - Еригон
Црна Река – Еригон

Во 151 година во областа Тесалија се појавила личност, која се претставувала како син на кралот Персеј (179 – 168) со име Филип. 9 Тоа е т.н. Филип VI Андриск или лажниот Филип. Македонците му поверувале и се вклучиле во едно големо востание за ослободување од римската власт и враќање на империјата. На почетокот Филип Андриск имал успех, ја зазел цела Македонија, како и областа Тесалија. За тоа добил помош од тракиски водачи (Терес и Барсабас). Повторно градот Пидна бил судбоносен за Македонците. Овде, во 148 година се судриле војската на Филип Андриск и војската на римскиот војсководач Квинт Кекилиј Метел и по наизменичен успех надвете војски, на крајот Филип Андриск ја изгубил битката. Притоа тој избегал кај тракискиот крал Бисес, а подоцна им бил предаден на Римјаните. 10 Така завршил овој голем обид за ослободување на Македонците од римската власт. Токму ова востание било причина за влошување на состојбата на Македонците под римска власт. Слободата им била целосно одземена и била воспоставена целосна римска управа.

Кралската гробница меѓу селата Подмол и Бонче
Кралската гробница меѓу селата Подмол и Бонче

Сметаме дека востанието под раководство на Филип Андриск би можело да е главниот судбоносен момент и за нашиот град Пелагонија. Веројатно е дека римјаните после востанието спровеле ригорозни мерки за спречување на слично организирање на Македонците за нивно ослободување во иднина. Доколку претпоставиме дека Пелагонија, како градот, така и областа, како и самите Пелагонци имале посебна улога и нагласено учество во ова востание, можни се и посебни мерки на Римјаните, кои ги презеле за нивно казнување и спречување на повторно востание. Ако во опишаното востание имало посебно учество на Пелагонци, веројатно е дека Римјаните строго го казниле нивниот центар Пелагонија, дотолку што овој град бил доведен до безначајно место и брзо почнал да пропаѓа. Од голем центар и голем антички град станал, речиси, непознато место, односно исчезнал од картата на градовите во Македонија.

Ваквата теза за исчезнувањето на Пелагонија, не можеме да ја поткрепиме со посебна аргументација, но сметаме дека како можна варијанта за објаснување на исчезнувањето на градот вреди да се спомене. Резултатите, кои во иднина ќе ги покажат археолошките истражувања и научните докази кои ќе ги изнесат истражувачите ќе фрлат нова светлина на овој мистериозно изсчезнат град во Македонија.

Портата на кралската градба на Висока
Портата на кралската градба на Висока