НОВА ЦРКВА КАЈ СЕЛОТО БЕРОВЦИ, ПРИЛЕПСКО НА МЕСТОТО НА СТАРА ЦРКВА И ГРОБИШТА
ВЕРОЈАТНО Е ДЕКА НА ИСТОТО МЕСТО ЕГЗИСТИРАЛ И АНТИЧКИ ХРАМ
Селото Беровци се наоѓа десетина километри јужно од Прилеп, северозападно од патот Прилеп – Битола. Нашата желба, при оваа посета беше да ја посетиме новоизградената црква, која се наоѓа на околу 400 м југозападно од селото. Порано на овој локалитет се наоѓаа куп од мермерни архитекстонски елементи, како и гробови ѕидани со камен и покриени со големи камени плочи. Всушност, на овој локалитет се наоѓаат остатоци од стара црква и, веројатно антички храм, на чии темели денес е во изградба нова црква. Остатоците на старата градба веднаш се забележуваат, при самото доближување на локалитетот. Почитувајќи ја старата традиција на овој простор, градителите на новата градба во нејзиниот ѕид вградиле повеќе мермерни елементи од стариот храм како сполии. На тој начин обезбедиле траен „документ“ за културниот континуитет на овој објект, кој се мери со илјадници години. На источниот ѕид, од надворешната страна, десно од апсидата е вградена голема мермерна плоча со натпис посветен на извесен покојник од првите векови на првиот милениум, а на северниот ѕид, на десниот агол е вграден фрагмент од поголема мермерна плоча со релјеф, на кој има остаток од фронтон, флорални украси и веројатно, остаток од гирланда или сличен релјефен украс. Уште неколку сполии се наоѓаат на западниот ѕид, како и на северниот и јужниот ѕид. Фрагмент од столб со мал пречник е вѕидан во повисокиот дел на северниот ѕид, на неговата лева страна. Еден фрагмент од мермерен столб со пречник од 30 до 40 см се наоѓа во блиската околина.
Од спомениците, кои ги затекнавме вградени како сполии или на просторот околу новата градба, особено е интересна плочата со натпис, која се наоѓа од надворешната страна на ѕидот, на северната страна од апсидата. Таа е поставена во вертикална положба, со тоа што натписот е правилно поставен и се наоѓа на нејзината горна половина. Плочата е висока 1,47, а широка о, 66 м. 1 На натписот, кој претставува извесна посвета, може да се забележат имињата „Абидиа Зоилиан Асклепиадон“, „Парамон“ или „Парамонтон“, и уште неколку зборови, кои упатуваат дека посветата ја прави целото семејство на Абидиа. Овој споменик со натпис го документирал уште српскиот археолог и истражувач Никола Вулиќ кој наведува дека се работи за плоча со натпис вѕидана во вратата на „една напуштена црквичка“ во близина на селото Беровци. 2 Натписот го запишала и Маријана Рицл во книгата посветена на епиграфските споменици, во делот кој се однесува на областа Пелагонија во нејзините граници во античкиот период. 3 Таа, овој споменик го определила како ара (жртвеник). Забелешката на Никола Вулиќ упатува на фактот дека во негово време, приближно пред еден век, на ова место сè уште имало остатоци од ѕидовите на стара црквичка. Тоа, на некој начин, е во согласност со информациите кои за неа ги пренесуваат денешните жители на селото Беровци.
Како што пренесуваат беровчани, црквата се гради на простор во кој се наоѓа и некропола со поголем број гробови со конструкции од камен и покрив од камени плочи. Според жителите на селото, овде се вршеле погребувања се до крајот на турското владеење. Последното погребување било извршено 1908 година. Црквата престанала да биде во служба поради извесна голема поплава, поради која било преместено и селото. Покојниците, кои имале свои потомци во Беровци биле пренесени во новите гробишта кај денешната црква во селото.
Според раскажувањето на денешните жители, траги од старата населба се среќавале во близина на старата црква, северозападно, но и југоисточно од неа. Црквата е посветена на св. Никола. За време на колективите, жителите на селото Беровци донесле материјал за изградба на нова црква во селото, но тогашната власт им го зела материјалот и го однесла во селото Алинци за изградба на полициска станица. На тој начин изградбата на црквата била одложена неколку децении и таа е изградена дури во 2001 година, кога е и осветена.
Може да се констатира дека по долго време, веројатно повеќе векови, овде, на местото на стариот храм и црква посветена на св. Никола, еве повторно се издига христијанска црква. На тој начин, жителите на селото Беровци, поттикнати од желбата, во која се крие божјата волја, се обидуваат да го дофатат континуитетот на времето, на културата и религиското живеење во овој простор. Мајсторите, кои ја изведуваат градбата се од подалечен простор, односно од Мала Преспа, денес во Република Албанија. Нивната вештина како мајстори со камен, исто така, е долга традиција, како што е вистинска и долга традиција градењето цркви од камен во Македонија. Иако, во овој случај, градбата кај селото Беровци е изградена со керамички блокови, естетиката од надворешната страна ја создава фасадата од камен. Заедно со вградените антички сполии, од архитектонски елементи од старите градби на истата локација, денешната градба привлекува внимание кај посетителот.
Забелешката дека, при започнувањето на активностите за градба, како и при самите градежни активности, отсуствува следење и надзор од страна на стручни лица од надлежните институции, како што е Заводот и Музеј од Прилеп не треба да ни биде земена за зло. Сепак, ваквиот однос доведува до предизвикување на нанадоместливи штети, односно до трајно оштетување или уништување на голем број споменици на културата во нашиот простор. Во овој случај, веројатно од незнаење, градителите оштетиле еден од најинтересните споменици на споменатиот локалитет кај Беровци. Сакајќи споменикот да го вградат во ѕидот на црквата, поради неговата тежина, тие го расекле на 16 делови и така го монтирале во ѕидот. Што значи тоа за еден ваков споменик, кој на својата површина крие бројни архитектонски вредности од минатото (во случајов римскиот период), но и бројна симболика од тогашната култура, особено им е познато на стручните лица од надлежните институции. Никола Вулиќ го забележал и овој споменик во неговото време и оставил мал коментар. Во коментарот тој споменикот го определува како плоча од мермер со релјеф, долга 1,5 м, делумно закопана во земја. 4 Според неговиот опис таа, и во тоа време, била во форма во која ја затекнуваме и денес, со тоа што неодамна е исечена на 16 делови. Тој на неа забележал триаголна рамка со палмета на темето на аголот, како и по еден предмет лево и десно на плочата, за кои вели дека не може да каже што претставуваат. 5 Овој опис на Вулиќ, целосно одговара на плочата со релјеф вградена во новата црква кај селото Беровци, Прилепско, но тој, веројатно, по грешка ја лоцирал во селото Беранци, денес во општина Могила.