ГОЛЕМИОТ АНТИЧКИ ГРАД СТИБЕРА КАЈ С. ЧЕПИГОВО, ПРИЛЕПСКО I

– Градот Стибера на локалитетот „Бедем“ кај селото Чепигово за прв пат во историките извори се споменува во 200 година пред нашата ера, кај античките историчари Полибиј, Ливиј и Страбон, а го споменува и географот Равенацки. Според бројот на ефебите, младинци кои постигнале зрела возраст за во војска, запишани на мермерни споменици, градот имал најмалку 20 000 жители слободни граѓани без робовите. Од историјата се знае дека во овој град доаѓале македонските кралеви Филип V и неговиот син Персеј, како и големи римски војсководачи. Не е исклучено дека во него имало развиена култура и образование, за што сведочат и малиот број откриени градби, како што се храмот на божицата на судбината Тихе и еден гимназион. При ископу­вањата кои се вршени на неколку пати од 1953 година, се извадени десетици мермерни статуи и други археолошки остатоци од градот. Пред неколку години локалитетот е внесен во капиталните археолошки локалитети на Република Македонија и секоја година се вршат помали или поголеми археолошки истражувања. Ископувањата ги води археологот Душко Темелкоски од Заводот и Музеј во Прилеп.  

Гимназионот во Стибера
Гимназионот во Стибера

Денес археолозите немаат дилеми околу лоцирањето на античкиот град Сти­бе­ра кој се споменува во историските извори, уште во 200 година п.н.е. Според описите на старите историчари Полибиј, Ливиј, Страбон, како и географот Равенацки и архео­лошките наоди, посебно епиграфските споменици на кои се споменува името на овој град, тој се наоѓа на локалитетот „Бедем“ кај денешното село Чепигово, на левиот брег на реката Блато, во близина на местото каде таа се влива во древниот Еригон или денешната Црна Река. Меѓу првите историчари кои го споменуваат овој град е историчарот од грчко потекло Полибиј, а поточни податоци кои упатуваат на неговата локација даваат Ливиј и Страбон.

Најстари податоци за овој град се, сепак, археолошките предмети и монетите пронајдени на локалитетот „Бедем“ кај Чепигово за кои пишува археологот Иван Ми­ку­лчиќ во својата книга „Пелагонија во светлината на археолошките наоди – од егејските преселби до Август“. Во оваа книга Микулчиќ споменува наоди од Чепиго­во, кои потекнуваат од архајскиот, ранохеленистичкиот, како и од хеленистич­ко–рим­скиот период.

КОРЕНИТЕ НА ГРАДОТ СТИБЕРА

Според археологот Иван Микулчиќ, најстарите наоди на локалитетот „Бедем“ кај Чепигово потекнуваат уште од архајскиот период, односно VI век пред нашата ера.1 Слични наоди, според него, има и на други археолошки локалитети во Пелагонија и поширокиот простор, како што се „Долиште“ кај Прилепец, „Градиште“ кај Граиште, „Исар“ кај Марвинци, „Пусто Градско“ со остатоците од стариот град Стоби кај Градско и др.2 Како што истакнува овој археолог, сите овие локалитети, почнувајќи од архајскиот период располагаат со значајни археолошки наоди кои укажуваат на значајни населби во следните периоди, кои во хеленистичкиот период се нарекуваат со името „полис”.3 Ваквите наоди укажуваат на корените на населбата, која во 200 година пред н.е. историчарите ја опишуваат како град.

Гимназионот во Стибера со дел од ридот „Бедем“
Гимназионот во Стибера со дел од ридот „Бедем“

Во следниот период од Чепигово се регистрирани наоди на вазни од типот канта­рос, кои се датираат во IV и III век п.н.е.,4 а од тој период има и наоди на монети од македонските кралеви. Така, регистрирани се монети на Филип II (359–336) и Александар III (336–323),5 а една монета на Александар III Македонски потекнува од времето по неговата смрт, што значи таа е издадена постхумно. Таа потекнува од 315 г. п.н.е.6 Од Стибера, од хеленистичкиот период, потекнуваат и делови од калапи за отпечатување на украси на чаши на кои се изработени уметнички обликувани фигури на луѓе со карак­теристични локални етнографски белези, веројатно, на Пелагонците7 или Пајонците. Посебно се интересни ламбите од керамика кои, исто така, се регистрирани во Стибера. Некои од нив археолозите ги датираат во IV, а некои во III век п.н.е.8 На IV век п.н.е. му припаѓа и една глинена статуетка од типот на божица во седечка положба.9 Една надгробна стела пронајдена на локалитетот кај Чепигово потекнува од III век п.н.е. и на неа се споменува името Аристоник Теодорос.10 Во Чепигово е регистрирано и погребување со кремација11 (со спалување на мртвите) кое исто така, е карактеристично за хеле­нис­тичкото време. Од монетите на македонските кралеви и градови од локалитетот „Бедем“ кај Чепигово се регистрирани и монети на кралот Касандар (317) 305–297, на Антигон Гонат (277–239), Деметриј II (239–229), Филип V (221–179), Персеј (179–168), на гра­довите Тесалоника, Амфиполис, Филипи, и др.12

СТИБЕРА, БАЗА ЗА СНАБДУВАЊЕ И ОДМОР НА МАКЕДОНСКИТЕ ВОЈСКИ

Првите споменувања на градот Стибера ги наоѓаме кај Тит Ливиј кој пишувајќи за областа Девриоп како област на Пајонија, крај реката Еригон (Црна Река), вели дека сите градови на оваа област, Брија­нион, Алкомена и Стимбара (Ливиј го пишува со тоа име) се наоѓаат на реката Еригон13 За време на Втората македонско–римска војна (200–197 година) Стибера е еден од градовите во кој војската на маке­дон­скиот крал Филип V се снабдувала со намирници и се ослободу­вала од пленот од успешните битки со Илирите. Ливиј известува и за една битка меѓу македонската војска на чело со Филип V и римската на чело со Публиј Сулпициј Галба во Пелагонија кога македон­ска­та војска и кралот Филип V имаат упориште на извесен тумул Атака. По битката, рим­ска­та војска се повлекла кон извесно место Отолоб каде имала свој логор, а маке­дон­ската преку некои планини кон градот Бријанион. Сулпициј Галба со својата војска до­шол во Стибера каде што го собрал житото и се повлекол кон Плуина. Во Плуина, Филип V го изненадил Галба доаѓајќи по скратена патека од градот Бријанион и Галба отстапил кон реката Осфаг. Потоа, Филип V се улогорил во близина на реката Еригон.14

Филип V
Филип V
Персеј
Персеј

Во Стибера доаѓал и синот и наследникот на Филип V, кралот Персеј. Според Ливиј, тој во 169 година дошол во Стибера каде соби­рал жито за храна за војската. „Откако неколку дена собираше жито и нареди со него да тргнат машини за опсадување градови, (Персеј) тргна оттаму (од Стибера) и третиот ден дојде во Ускана, најголемиот град на Пенестите.“15 Археолозите Ускана го лоцираат кај денешниот град Кичево,16 а во тоа време Римјаните ја избркале македонската посада со војска од критско потекло и оставиле 4000 свои војници Римјани и 500 Илири.17 Изне­надувајќи ја римската посада во Ускана, Персеј со својата војска повторно го зазел овој град на Пенестите и се вратил во Стибера. Еве што пишува за ова античкиот историчар, од грчко потекло, Полибиј во своите Истории: – …Адеј и Плеурат се вратија дома (од пратеништвото кај илирскиот крал Генциј, з.м.) со овој одговор (дека Генциј не може да ги исполни барањата за помош на Персеј против Римајните поради недостиг на сред­ства, з.м.) Персеј стигна во Стибера, го распродаде пленот и ја остави војската да се одмори, очекувајќи го враќањето на пратениците. Кога овие дојдоа ја ислуша пораката на Генциј и веднаш повторно му ги прати Адеј и Главкиј,…18 Значи, во Стибера дошле и пратениците кај Генциј, Адеј, кој според Полибиј бил од градот Бероја19 и Плеурат, кој по потекло бил Илириец и кај Персеј нашол прибежиште. Значи, Стибера играл значајна база на македонската војска во борбата против Илирите и Римјаните. Од сето тоа, произлегува дека овој град бил главен на областа Девриоп и доволно голем за да може поголема војска да се ослободи од пленот со распродавање, да се нахрани и да се најде место за одмор.

Сулпициј Галба 6791_-_Galba_(Museo_Pio-Clementino)_-_Foto_Giovanni_Dall'Orto,_10_june_2011
Сулпициј Галба
6791_-_Galba_(Museo_Pio-Clementino)_-_Foto_Giovanni_Dall’Orto,_10_june_2011
Скулптура на римски цар од Стибера
Скулптура на римски цар од Стибера

ГРАД СО НАД 20.000 СЛОБОДНИ ГРАЃАНИ

Дека Стибера бил еден од поголемите градови во овој крај, во антиката, може да се заклучи и според спомениците од мермер пронајдени на локалитетот „Бедем“ кај Чепигово, а на кои има пишани текстови. Овде посебно се значајни списоците на ефебите, момчиња кои наполниле зрелост за да одат во војска. Пронајдени се доста долги списоци на ефеби во Стибера, од годините 190, 203, 206, и 223 во нашата ера.20 На списокот од 190 година има запишано дури 130 имиња на ефеби.21 Фанула Папа­зоглу прави споредби со слични списоци од останатите градови, како Бероја, Едеса, Лета каде списоците содржат по неколку десетици имиња,22 како и со Атина во која тие за времето на Антонините изнесуваат просечно 90, а само на еден список од 42 година на н.е. има 120–130 момчиња.23 Според сите овие показатели, Фанула Папазог­лу заклучува дека Стибера бил град со најмалку 4500 граѓани со возраст над 18 годи­ни и 20 000 жители, слободни граѓани без робовите.24

Од истражувачите, остатоците од градот, прв ги забележал Л. Изи кога, според историските текстови на овој локалитет, тој ја лоцирал областа Девриоп (некаде се преведува како Деуриоп). Српскиот археолог Балдуин Сариа и Македонецот од Ох­рид, Димица, за локалитетот кај Чепигово сметале дека е градот Девриоп.25 Подоцна, со пронаоѓањето на бројни натписи на мермерни споменици започнува потрагата по неговото вистинско име. Еден од првите натписи на кои се споменува дека се работи за значајна населба е една одлука на градскиот совет на овој град, со која градот треба да прими сума од 1500 динари, кој со тестамент му ја оставил извесен угледен и богат граѓанин М. Ветиј Филон, со тоа што, од каматата требало секоја година да се слави еден ден, во чест на друг угледен граѓанин Ветиј Болан.26 Подоцна, следат и други натписи на кои се споменува името на градот Стибера и утврдувањето дека на локалитетот „Бедем“ се крие град од античко време со тоа име станува се поиз­вес­но. Градот заземал значителна површина од 13 ha27 на ритчето „Бедем“ среде мочур­ливата рамнина, на која се појавуваат остатоци од значајни градби, со впечатливи димензии. Првите истражувања започнуваат во 1924 година, а следат и истражувања од 1953 г. и 1959 г. кога од земјата излегоа фасцинантни археолошки наоди, меѓу кои и прекрасно зачувани скулптури, кои стоеле во еден храм на божицата на судбината Тихе и во еден гимназион, кои до скоро беа, единствени откриени градби од велелепниот антички град Стибера.

СРЕЌАТА НА АРХЕОЛОЗИТЕ ВО СТИБЕРА

Споменик на градското собрание
Споменик на градското собрание
Натпис-„СОБРАНИЕ НА СТИБЕРА“
Натпис-„СОБРАНИЕ НА СТИБЕРА“

Остатоци од големиот антички град Стибера, кај селото Чепи­гово, први откриваат жителите на околните села преку обработката на нивите, но и преку копање во потрага по подземни богатства.28 Со археолошки ископувања во 1924 година, на нив се надоврзал профе­сорот од Белград, археологот Никола Вулиќ. Тој извршил ископување во близина на мостот на реката крај Чепигово и, притоа, нашол оста­тоци од ѕидови од големи градби. Потоа, продолжил со ископување на половина километар од првото место, на вливот на малата река Блато во Црна Река. Ископан е значителен простор и секаде се пронајдени ѕидови од градби со големи размери. Еден ѕид бил долг 25 m, а од него излегувале два странични ѕидови. Исто така, пронајден е и еден ѕид долг 33 m на кој на едно место имало и врата. При ископувањето про­најден е и еден ѕид долг 16 m и други остатоци.29 Сето тоа укажувало на постоење на значајна античка населба на овој простор. Овие градби се наоѓале надвор од утврдениот простор, во предградието на градот и се потврда дека градот зафаќал голема површина исполнета со градби. За жал, Никола Вулиќ, изгледа ги вршел ископувањата доста неструч­но, со вадење на подвижните наоди веднаш по нивното наоѓање, без откопување на целосните простории за документирање на наодите на лице место.30

Голема херкуланка од Стибера
Голема херкуланка од Стибера
Скулптура на Асклепиј - II век н.е.
Скулптура на Асклепиј – II век н.е.

Со посериозни археолошки ископувања, започнува археологот Драгица Вучко­виќ – Тодоровиќ, во 1953 година. Од овие истражувања, следи извештај во 1963 во кој е даден приказ на скулптурата и содржините на натписите, но има и планови на ископаните градби според кои археологот Иван Микулчиќ прави нивна рекон­струк­ција.31 Една од градбите е храмот на божицата Тихе.

Според археолозите, на локалитетот „Бедем“ кај Чепигово, на кој се наоѓал античкиот град Стибера се наѓаат наоди од III век пред н. е. до доцниот III век на нашата ера.32 Локалитетот е богат со наоди, а тоа го потврдуваат и скромните археолошки истражувања, извршени на 1924, 1953 и 1959 година при што е откриено богатство од архео­лошки материјал, меѓу кое впечатливо место заземаат скулптурите и постаментите за скулптури со натписи. Затоа археологот Иван Мику­лчиќ истакнува: – Ретко каде во светот истражувачите имале толку среќа како Н. Вулиќ и Д. Вучкович во Стибера, во откопаните градби да најдат толкав број мермерни споменици: повеќе од 30 статуи и бис­ти, 20-тина постаменти и плочи со натписи и многу други камени украси.33

Столб со натпис во една од градбите
Столб со натпис во една од градбите

Може да се каже, дека и археолозите од најновите археолошки истражувања на локалитетот кај селото Чепигово ја имаат среќата на споменатите археолози во цитатот на Микулчиќ. При најновите ископувања тие се сретнаа со голем број наоди поврзани со големиот антички град Стибера. Со најновите археолошки истражувања, кои ги води археологот Душко Темелкоски од Заводот и Музеј во Прилеп, од земјата полека се појавуваат други градби од градот, скулптури, споменици со натписи, монети, керамички садови, метални предмети и слични археолошки предмети. На еден споменик со натпис се споменува градското собрание, кое упатува на сериозната општествена и урбана конституција, а разновидните предмети со високо ниво на обработка – фрагменти од капители, скулптури на граѓани и богови, предмети за култна намена и сл., укажуваат на културното и уметничкото ниво во градот. Сметаме дека овој „подземен“ град во себе крие уште голем број изненадувања, како за археолозите и науката воопшто, така и за пошироката јавност.

1 Иван Микулчиќ, Пелагонија усветлости археолошких налаза, Археолошко друштво на Југосла­вија – Археолошки музеј – Скопје, Скопје 1966, 36.

2 Исто.

3 Исто.

4 Исто, 50.

5 Исто, 65.

6 Вера Битракова–Грозданова, Споменици од хеленистичкиот период во СР Македонија, Скопје 1987, Т.III, 5.

7 Иван Микулчиќ, Пелагонија…, 52.

8 Исто, 54, Вера Битракова Грозданова, Споменици…, Т. XVI, 1

9 И. Микулчиќ, Пелагонија…, 54.

10 Fanula Papzoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, INSCRIPTIONES GRAECAE Epiri, Mace­do­niae, Thraciae, Scithiae, 148, бр. 318.

11 Иван Микулчиќ, Пелагонија…, 61. Гробовите се пронајдени на падините североисточно од акропола­та на л. Бедем“ кај Чепигово.

12 Исто, 65.

13 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, 212, Лив. XXXIX, 53. Градот Бријанион, според археолозите, се наоѓал на локалитетот „Градиште кај селото Граиште, а Алкомена на „Бу­чин­­ско Кале кај селото Бучин.

14 Никола шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, Македонска цивилизација, Скопје 1994, 100.

15 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, (Лив. XXXI, 39,4) 217.

16 Исто, 218, Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија…, 106, 107.

17 Н. Шелдаров, В. Лилчиќ, Кралевите…, 106.

18 Полибиј, Истории, 388.

19 Исто.

20 Фанула Папзоглу, Македонски градови…, 220.

21 Исто.

22 Исто, 221.

23 Исто, 220, 221.

24 Исто.

25 Исто, 213, 214, Др. Балдуин Сариа, Археолошка испитивања у Јужној Србији, Старинар 1924–25, Бел­град, 112, 113, 114.

26 Исто, 213.

27 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, 421.

28 Иван Микулчиќ, Стибера, Македонско наследство бр.1, Македонска ци­ви­лизација, јули 1996, Скоп­је, 19, 27. Жителите на околните села, според Микулчиќ, копале скоро еден век, посебно на местото кое е познато како “Манастир”, а на кое се наоѓал гимназион кој подоцна е откриен со ископувањата. Мермерни споменици од Стибера се регистрирани во селата Чепигово, Тројкрсти, Загорани и Рувци.

29 Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, Белград, 1931, 190, 191,

30 Иван Микулчиќ, Стибера, 31, 32.

31 И. Микулчиќ, Стибера., Македонско наследство, бр. 1.

32 Исто, 17 и 19.

33 Исто, 21.