СМЕЛИОТ ТРГОВЕЦ И БОРЕЦ ПРОТИВ ТУРСКОТО РОПСТВО ИЛИЈА ЦРВЕНКОВ ОД ПРИЛЕП
Илија Црвенков бил еден од Македонците во Прилеп, кој храбро истапувал против неправдите што ги правеле Турците во неговиот град. Како човек, кој во тоа време живеел и заработувал од трговија, движејќи се на повеќе места низ Македонија, но и во слободните соседни земји, запознал голем број луѓе и добро ја согледал положбата во која се наоѓал македонскиот народ во тоа време. Меѓу другото, тој сретнал и такви Македонци, кои не се сложувале со ропството и отворено настапувале против него со пушка во рака, како и со собирање на поголеми или помали чети за организирање разновидни акции, како ограбувачки, така и за ликвидирање на силници и злосторници, кои често го угнетувале невиното население со грабежи, убивства и сл.
Позната е врската на прилепчани и Илија Црвенков со еден од легендарните македонски борци за слобода, војводата Илија Малешевски, познат како Дедо Иљо Малешевски. Се работи за 1874 година, кога во Прилеп се собираат средства за подршка на четата на споменатиот војвода, која во тоа време се движела по железничката линија Градско – Демир Капија. Во тоа време, началник на железничкиот сообраќај бил извесен Хрват, кој го запознал прилепчанецот Илија Црвенков со војводата Илија Малашевски. По ова запознавање Илија Црвенков се зафатил со организирање на подршка на четата на Малешевски од Прилеп.1
Илија Црвенков, пожртвувано се зафатил со задачата, собрал извесна сума од имотни прилепчани и за таа сума купил барут. По претходен договор, преку преминот Дервен, над селото Присад, барутот го презел војводата Дедо Иљо Малешевски заедно со неговата чета.2
Во запишаната литература не може да се сретне посоодветен податок за животот и делото на овој смел прилепчанец, но се знае дека бил постојано низ градот, особено чаршијата и имал близок контакт со угледните прилепчани, кои често ги поттикнувал и ги повикувал за отворено спротиставување на разновидните насилнички постапки на силниците Турци. Како истакнат прилепчанец тој често бил избиран и за член на црковната општина во Прилеп,3 која го организирала црковниот и оштестевниот живот во градот, се грижела за образованието на децата и сл.
Илија Црвенков бил способен трговец со овци и кози, кои ги купувал од панаѓурите во Возарци (се одржувал на Ѓурѓовден), Велешкиот панаѓур (се одржувал на „Св. Кирил и Методиј“) и други, летно време ги чувал во бачила, а на есен ги претерувал во Грција.4 Патувајќи во повеќе слободни земји Илија Црвенков се среќавал со слободни луѓе и ги забележувал благодетите на слободата. Поради тоа, враќајќи се во својата поробена земја, не можел да ги трпи малтретирањата на своите сонародници од турските зулумџии и секогаш застанувал во одбрана на угнетениот народ. Тој отворено им се спротиставувал на силеџиите во својот град, кои ги исмејувал среде во прилепската чаршија и, поради тоа, често се соочувал со закани.5
Значи, Илија Црвенков не бил случајна личност. Тој имал контакт со лицата кои отворено се спротивставувале на турското насилништво. Според пишувањето на Светозар Тошев, тој бил воспитаник на браќата Чакревци6 кои во 1881 година загинале во куќата на Кондовци во нерамна битка со Турците. Ваквите контакти од Илија Црвенков изградиле човек кој отворено истапувал против насилието на Турците и турската власт. Трајчев опишува и еден конкретен настан поврзан со отворената реакција на Илија Црвенков против турските силници. За време на празникот Бајрам, еден турски силник зел една ока шеќер од дуќан под градскиот саат. Бидејќи газдата бил Турчин и го празнувал Бајрам, во дуќанот се наоѓал неговиот калфа, едно момче од прилепчаните Белокаповци. Силникот не сакал да му го плати шеќерот што му го зел на момчето. На барањето на момчето да му го плати шеќерот, бидејќи ќе го кара газдата на дуќанот, силникот ја извадил камата и му ја зарил на момчето во градите, по што тоа веднаш умрело. Илија Црвенков разбрал за случајот, го затворил својот дуќан и минувајќи низ чаршијата викал: „Што чекате бре браќа, спуштајте ги кепенците, да видел господ, не се живее од лоши Турци.“ Поттикнати од викањето на Илија Црвенков, дуќанџиите ги спуштиле ќепенците и се собрале барајќи од власта убиецот да биде фатен. Тоа по неколку дена и било направено, но бил уапсен и Илија Црвенков за кревање бунт и осуден на 18 месеци затвор.7
Поради неговото слободно држење и спротиставување на силеџиството на Турците, тие му се одмаздувале на Илија Црвенков. Турчинот, разбојник Топузот за одмазда го пречекал во месноста „Шаторов Камен“ внукот на Илија, Мицан, момче на 18 година, и го „сосекол на парчиња“. Поради ваквите злосторства Илија, но и неговиот брат Диме Црвенков, често имале контакти со комитите и ги снабдувале со барут, патрони, храна и облека. Ваквата активност предизвикала и соодветна реакција кај турската власт. При секое фаќање на комити, власта најпрво го апсела Илија Црвенков како нивни јатак. Во 1882 година биле фатени 5 комити во куќата на Долга Цона во Прилеп. Тројцата биле од селото Царевиќ од четата на Ѓорѓија Лажот, кој ги избркал бидејќи го убиле синот на еден селанец од Врпско и му зеле 100 лири. Во градот со нив се присоединиле и Ристе Власицата и Петре од селото Рувци. Вечерта биле на свадба и се испијаниле. Биле предадени и фатени. Само Петре од Рувци испукал еден куршум и ранил еден стражар. Другите немале ниту оружје. При иследувањето кој ги снабдувал со облека, муниција и сл. се создала голема афера и притоа бил уапсен Илија Црвенков, Коне хаџи Цветов и др. На судот Илија Црвенков му удрил еден шамар на комитата Петре со зборовите: „Овој мангуп го уби мојот внук.“ Сите во судницата биле збунети. Кадијата и другите ја оправдале постапката на Црвенков, сметајќи дека комитите го наклеветиле за да му се одмаздат. Другпат Илија Црвенков го дигнал мангалот за да го удри со него еден затвореник, кој покажал малодушност, бидејќи не можел да го издржи затворничкиот живот.8