ШАРЕНА ЧЕШМА ВО СЕЛОТО ДУЊЕ, ПРИЛЕПСКО

Заминуваме, оставаме и забораваме. Поминуваме, гледаме и не забележуваме. Покрај нас и со нас, пред нашите очи пропаѓаат неповторливи вредности, сведоци на времето минато, споменици изработени со мајсторство, со знаење и естетско ниво. Тоа е нашиот впечаток при средбата со селската чешма во селото Дуње, Прилепско, познато од песната „По пат одам, за пат прашам“, селото на легендарната Чучук Митра и едно од поголемите села во Мариово. Денес Дуње се наоѓа во слична состојба како и повеќето села во таа живописна област, преполна со културни и природни вредности, оставена настрана од амбициозните економски стратегии.

Лицето со столбовите
Лицето со столбовите
Лицето на чешмата без столбовите
Лицето на чешмата без столбовите

Чешмата е редок споменик, кој не смееме да го оатавиме на заборавот и ништавилото, зашто е дел од нашето живеење, нашите спомени и народното творештво со особено значење и естетика. Денес, би се рекло, сè уште во извесна кондиција, иако без вода, нејзината конструкција му пркоси на времето, со два ѕидани столба напред, со сводестата форма и со големиот број белези на нејзиниот преден профил. Тоа ретко на друго место ќе го сретнете. Според постарите жители на селото Дуње, била покриена со покрив од камени плочи, а на профилот и денес се зачувани главната сводеста ниша, а во неа уште две помали ниши, една сводеста од левата страна, друга квадратна од десната страна. Големата ниша била изградена од два поголеми мермерни столба во основата, а сводот е комбинирано оформен со мермерни профили и друг вид камен. Три интересни украси во форма на розети со по 6 ливчиња (краци), по една на страничните столбови и една на самиот врв на сводот и денес се на своето место. Сите на мермерна основа и релативно добро изработени.

Покрај главната улица
Покрај главната улица
Чешмата зарастена во треви
Чешмата зарастена во треви

Вредноста на чешмата-споменик, уште повеќе, ја зголемува украсувањето во боја, кое веднаш нема да го забележите, но ако погледате со внимание ќе откриете голем број интересни детали со црвена боја, како и цели украсени полиња. Всушност, целиот преден профил на чешмата бил украсен со флорални мотиви во боја и и давал вистинска слика на Шарена Чешма, каква ретко ќе видите на друго место. Токму поради ваквиот изглед и орнаментиката, како и архитектонската форма и изглед, овој споменик од нашето минато никако не треба да се остави во жална состојба во каква што е денес. Напротив, таа го заслужува целото внимание за да биде зачувана како документ и споменик на едно минато време и како споменик и поттик за идното живеење. Ние, засега само ја ставивме во Регистарот на споменици на Културниот истражувачко-документациски центар „Калеш Анѓа“, а Вам Винудиме мал комплекс од фотографска документација на Шарената Чешма во состојба во каква ја најдовме и еден дел од проектот за реконструкција, на кој сè уште се работи.

УКРАСУВАЊЕ СО БОЈА:

ОД ПРЕДЛОГ-ПРОЕКТОТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА:

ИАЗРАБОТКА: Милјанка Димитриоска