АЛЕКСАНДРА ОД ПЕЛА И БОЖИЦАТА АРТЕМИДА ОД СЕЛОТО КОКРЕ

Еден епиграфски споменик од третиот век на нашата ера, по потекло од селото Кокре, во областа Мариово, Прилепско ни претставува жители од овој простор од римскиот период и не доближува до амбиентот од тоа време. Двајца претставници на аристократијата од истото време, се претставени на мермерни плочи и ја красат камбанаријата на селската црква.

Камбанаријата во селото Кокре
Камбанаријата во селото Кокре

             Од остатоците од древната култура на просторот на селото Кокре, посебно внимание привлекуваат големиот број мермерни споменици со релјефи и натписи. Меѓу нив и такви кои имале упатуваат на култна намена или биле елементи од култни објекти, потоа надгробни стели, елементи од разновидни градби и сл. Со релативно долгиот натпис на својата површина, како и со својата содржина, се истакнува една мермерна ара (жртвеник)1, која денес се наоѓа во Музејот на Македонија. Споменикот кој е најден на локалитетот „Врлен Камен“ е многу убаво изработен и содржи натпис2 кој возбудува, бидејќи упатува на одредени антички егзистенции, односно, на жители на овој простор од првите векови на новата ера, како и на важечки божества од тоа време – божицата Артемида Ефеска, а се споменува и градот Пела, престолнината на македонските кралеви и уште еден непознат град. Според текстот на натписот, овој жртвеник го подигнале извесни Зоил, син на Диоскурид и Касандра, ќерка на Касандар, а по желба на нивната ќерка Александра, која во тоа време живеела во градот Пела и арата ѝ ја посветиле на божицата Артемида Ефеска. Во натписот се посочува и некој непознат град кој би можел да биде во некој од околните простори. Претпоставките водат во два правци: прво кон селото Прилепец, каде има индиции за постоење град во антиката. Имено, се претпоставува дека токму кај Прилепец се наоѓал градот Пелагонија, центарот за областа со исто име. Еден стар пат, кој водел од запад кон исток, откај селото Прилепец преку планината, во правец на селото Кокре упатува на извесна комуникација меѓу стари населби од двете страни на планината. Од друга страна, наоди кои укажуваат на населба со градски карактеристики има и од источната страна на селото Кокре, односно кај селото Пештани, каде се знае и името на населбата, која имала централна административна функција во областа, односно била со градски карактеристики и е позната како  Достонеј3. Токму на некој од овие градови може да се однесува натписот посветен на божицата Артемида, на кој. Покрај градот Пела се споменува уште еден град чие име не е наведено. Сосема е логична претпоставката, дека тој град е родно место на личностите кои се споменуваат на натписот од селото Кокре.

Натписот од Кокре
Натписот од Кокре
Артемида (Дијана) - Versailles_Leochares
Артемида (Дијана) – Versailles_Leochares

Имајќи предвид дека ваков подарок ѝ е посветен на божицата Артемида, неминовна е и претпоставката дека на просторот на селото Кокре, односно во неименуваниот град од натписот, постоел и храм посветен на оваа божица. Ако се знае дека Артемида, освен божица на ловот е и вечна девица, заштитничка на бракот, може да се претпостави дека и посветата, која е по желба на извесна Александра, има за цел да се побара милост и заштита од божицата со молба за лесно породување, или можеби, среќа во бракот, кој оваа девојка го воспоставила со некое момче од Пела. Зашто од натписот е јасно дека Александра, која го подарува овој споменик со посвета на нејзините родители, веќе живеела во Пела. Како што се објаснува во митолошките преданија, Артемида како девојче од три години, седејќи во скутот на нејзиниот татко Ѕевс, на прашањето со што сака таа тој да ја обдари, на крајот од своите желби, таа изјавила: „Не барам повеќе од еден град, бидејќи планирам да живеам главно во планините. За жал, жените често ќе ме повикуваат при породувањето, бидејќи мајка ми Лета ме носеше и ме породи без болки, та затоа Наречниците ме одредија за покровителка на породувањето4.

Артемида по раѓање е сестра близначка на богот Аполон и тие многу често се среќаваат заедно како култови, посебно на просторот на Македонија, каде Пајонците и Тракијците силно го манифестирале своето почитување кон нив. Како култ идвата бога се славеле на поширокиот простор на Балканот и Мала Азија. Најгоемиот храм на Артемида се наоѓал токму во Мала Азија во градот Ефес, кој бил запален и изгорел, а по доаѓањето на Александар Македонски во Мала Азија, тој наредил овој храм да се обнови. Плутарх во својата биографија за Александар Македонски пишува дека се родил шестиот ден од месецот кој Македонците го викале „лоос“, а истиот ден изгорел и големиот храм на Артемида во Ефес5. Во врска со тоа, како што истакнува Плутарх, Хегесија од Магнезија изрекол досетка која „со своето студенило би можела да го изгаси пожарот“: – „Се разбира – рекол – тој храм мораше да изгори кога Артемида бабичела (била бабица, з.м.) при раѓањето на Александар“.6

Аристократот од селото Кокре
Аристократот од селото Кокре

 

Аристократката од селото Кокре
Аристократката од селото Кокре

На натписот од селото Кокре среќаваме уште неколку имиња, како Зоил, Диоскурид, Касандра и Касандар. Истите имиња можат да се сретнат и на други споменици од антиката во Македонија, а овде ќе ја посочиме една плоча која е пронајдена во Тиквешијата, во селото Долни Дисан, на која, со мала разлика, се споменуваат, речиси, истите имиња,. Имено, на неа стои: „Диоскурид и Александар и Зоил направија хероон на таткото и мајката и братот, Збогум херои7. Идентичните имиња на двата натписа говорат за извесна врска, во најмала рака за традиција на поставување имиња во првите векови на новата ера, во кои се датирани овие споменици. Всушност, овие имиња имаат многу постаро потекло, како и името на дарителката Александра, кое во неговиот машки пандан, е познато уште од времето на Тројанската војна.8 Името Диоскурид има божествено потекло, односно е изведено од заедничкото име на двајцата култни близнаци, Кастор и Полидевк (некаде Кастор и Полукс), кои биле голем култ на просторот на Македонија во антиката, посебно во Мариово и Пелагонија, каде се среќаваат голем број претстави на овие божества, како и натписи на кои се споменуват нивните имиња. Еден таков споменик потекнува токму од просторот на селото Кокре, односно од границата на атарите на Кокре и селото Пешатни, од врвот Градиште, кој доминира со околината во овој дел на Мариово.9

Плочата со машкиот лик
Плочата со машкиот лик

 

Долната половина од машкиот лик
Долната половина од машкиот лик

На натписот од Кокре се споменува и името на Касандра Касандрова, сопруга на Диоскурид и мајка на Александра.10 Ова име исто така има постаро божествено потекло. Касандра, како пророчица и божество е позната од митологијата, а името Каснадар го носи и еден од македонските кралеви, Касандар, зет за ќерка на Филип II за Тесалоника во чија чест оовој крал го нарекол градот Тесалоника (Солун).

Во рамките на црквата „Св. Архангел“ во селото Кокре и во нејзиниот двор има и други споменици од антиката, кои со својата обработка и присутните релјефи на нивните површини, го предизвикуваат духот. Посебно внимание привлекуваат две мермерни плочи со релјефи, вградени во камбанаријата, која се наоѓа лево источната порта за влез во дворот на црквата.11 Тие се плочи со висина од 1,5 м и ширина од околу 0,7 м, од кои едната содржи фигура на маж во стоечка положба, облечен во римска тога, а на другата жена во долга женска облека, со долга коса или со некој вид наметка на главата. Плочата со машкиот лик е вградена во западниот ѕид на камбанаријата, додека плочата со женскиот лик, на приближно слична височина се наоѓа на северниот ѕид. За жал, и двете плочи се без натпис и не знаеме за имињата на личностите кои се претставени на нив. Фактот што се работи за импозантна претстава и нагласено чувство за естетика не може да се прескокне. Тој упатува на личности од повисокиот слој на општеството од првите векови на новата ера, кои живееле и дејствувале во некоја населба од просторот во кој денес се поставени овие интересни и, по многу особини, ретки споменици. Сосема е веројатно дека овие претстави се поврзани и со имињата споменати на претходно споменатиот натпис.

Камбанаријата
Камбанаријата
Објект од камен - дел од направа за преработка на руда
Објект од камен – дел од направа за преработка на руда

Во дворот на црквата можат да се видат и други траги од минатото, како на пример, еден објект од домороден камен со правоаголна форма, од едната страна рамно измазнет, а од другата со вдлабена форма и со надолжен отвор во средината,12 според археолозите, дел од извесна направа за обработка на руда. Во пошироката околина на селото Кокре се наоѓаат зачудувачки голем број мермерни елементи,13 кои ја поткрепуваат претпоставката дека на овој простор постоел и антички храм. Можеби токму посветен на божицата Артемида, спомената на натписот на арата од селото Кокре.