ПРАСТАР БИЧАЈ НА КОЛЕЊЕ ВОЛ КАКО ЖРТВА ЗА ИЛИНДЕН ВО СЕЛОТО ВИТОЛИШТЕ
Во селото Витолиште, Прилепско, кое се наоѓа на 56 км од Прилеп во областа Мариово, постои и еден обичај кој упатува на долгиот континуитет на одржувањето на обичаите и културата во овој крај. Овој пат се работи за прастар обичај, кој се смета за традиција од претхристијанскиот период, односно за принесување крвна жртва која се изведува на празникот Илинден.
Овој обичај е забележан и на други места во Македонија, јужна Србија и Тракија, а жртвување бик е забележано и во Русија1. Жртвувањето вол во селото Витолиште е стара традиција чии корени никој не ги знае, што упатува на сосема долга традиција на принесување жртва уште од претхристијанскиот период. Овде жртвата се коли на празникот Илинден, и може да се земе дека таа му е посветена на светецот Св. Илија. Жртвата се дава во рамките на селските гробишта кај црквата „Св. Илија“ на денот на празникот. Доколку овој празник падне на ден, кој според христијанската религија е посен, жртвата се дава претходниот ден. Жртвата која овде претставува вол, кој го купува црковниот одбор, сите жители на селото или некој донатор, се подготвува претходниот ден и се чува в засебна просторија. Не се прават посебни церемонии поврзани со подготвувањето на жртвата. На денот на празникот рано наутро се собираат мажите од селото и одат на местото каде што се чува волот. Го врзуваат и го подготвуваат за пренесување на ритчето во гробиштата. Волот врзан со јажиња се влече со сила кон местото на жртвувањето, каде се врзува за специјален метален столб, се врзува кусо до столбот и одбраниот човек за тоа го коли на самото место. Потоа волот се дере и месото се сече на парчиња за готвење. Во подготовката на месото за готвење учествуваат, исклучително мажи, при што дел од нив го подготвуваат месото, а другите мажи од селото помагаат околу работите поврзани со подготвувањето на жртвата за јадење. Се носат 9 или 7 казани (зависно од големината на волот), се подготвуваат соодветен број огништа, а посебни огништа се прават за казаните за топлење вода. Значи сите активности поврзани со церемонијата на жртвувањето се прават на самото место во селските гробишта. Таму се лупат компири, моркови, се подготвуваат мирудиите и сл.
ВОДЕЊЕ НА ГОВЕДОТО ДО МЕСТОТО НА РИТУАЛОТ
Бидејќи во близина на селото, на околу 5 километри подолу крај запустеното село Мелница, на истиот ден се празнува Св. Илија во истоимениот манастир и во него доаѓаат и жителите на Витолиште, жртвата се јаде дури откако ќе заврши празнувањето во манастирот, односно околу 16 часот. Во тоа време сите жители на селото се собираат во гробиштата, си носат садови за да земат од приготвеното јадење и јадат во гробиштата или си носат дома. Најголемиот број јадат на гробиштата, каде во текот на денот вршат и посета на гробовите, палат свеќи и сл. Во текот на 2002 година со помош на Локалната самоуправа на самото ритче во гробиштата е направена голема бетонска маса специјално за јадење на жртвата што се дава на Илинден.
Од кога се практикува жртвување вол во селото Витолиште?
Никој не памети во селото Витолиште од кога потекнува традицијата жртвување вол на празникот Св. Илија. Постојат само неколку различни верзии за тоа како започнало жртвувањето, односно зошто се прави тоа. Според една верзија приказната гласи вака: „Некогаш многу одамна во селото Витолиште умирале многу млади луѓе и деца и не можело да се најде лек против болеста од која умирале. На некој од тогашните жители на селото му се сонило или претскажало дека околу селото треба да се заора бразда со два вола близнаци, а потоа десниот вол да се заколи и да се даде како жртва. Тоа било направено и останало како вечен завет на св. Илија секоја година да му се дава како жртва по еден вол на неговиот празник. Некогаш одамна, не се знае пред колку време, традицијата била прекината, не бил заклан вол како жртва и се случила голема несреќа при која изгорело, речиси, целото село. Тоа ги натерало жителите повторно да продолжат со жртвата.“
Освен горното предание постои и предание дека жртвувањето вол во Витолиште било започнато поради тоа што во некое далечно време многу умирале говедата во селото.
КОЛЕЊЕ И ПОДГОТОВКА НА МЕСОТО ЗА ГОТВЕЊЕ
Едно е сигурно. Никој не знае кога започнала оваа традиција која своите корени ги има уште во предисториското време. Зашто, како што е познато, во христијанството нема обичај на давање крвна жртва. Сличните жртвувања во старите времиња биле многу чести и се давале во чест на боговите, со цел да се смилуваат над дарителите и да им обезбедат успех во започнатите активности или воопшто да им дадат здравје, храна и сл. Ваквите жртвувања многу често се споменуваат во Илијада од Хомер, која, всушност претставува и најстар пишан текст за овој дел од светот, односно Балканот и Мала Азија. Таму се споменуваат голем број жртвувања на животни, посебно говеда, кози, брави и сл. Им се жртвувало на повеќето богови, посебно на оние кои за различните племиња претставувале нивни богови заштитници. Најмногу жртви им се принесувале на боговите Аполон, Ѕевс, Дионис, Посејдон, Атена, но и на другите богови кои се обожувале во старите времиња. Се жртвувало за секакви потреби. За среќа во војната, за мирно море за бродовите, за заштита од болести и несреќи, за заштита од временски непогоди кои се третирале како бес на боговите и сл. Познат е, на пример, случајот со персискиот цар Дареј, кој пред да го премине Хелеспонт за да дојде на Балканот, му жртвувал стотици бикови на океанот за да не му го сруши специјално направениот мост за премин на многубројната војска. Кога мостот, сепак бил уништен од бури, големиот персиски цар наредил да му се удрат 300 стапови на морето и да се фрлат синџири за да го оковат, бидејќи и покрај големите жртвувања, богот не се смилувал2. Од постарото време познати се жртвувањата наречени хекатомби, кои претставувале жртви од сто говеда. Подоцна хекатомби се нарекувале жртвувањата при кои се колеле голем број говеда. Еве еден пример од хомеровите стихови во Илијадата:
„Тие се чистеа потем и в морето гнасот го фрлаа;
читави пак хекатомби на бог Аполон му даваа,
жртва од јунаци и кози крај шумното море на брегот;
до небо мирисот одел вртејќи се околу чадот.“ 3
Стиховите се однесуваат на делот од Илијадата каде што настанува кавга меѓу водачот на Ахајците, Агамемнон и најголемиот јунак од Тројанската војна, Ахил. Вакви места во Илијадата како показ за традицијата на жртвувањето на животни има на голем број места. Дали обичаите на жртвување во Македонија, Тракија и Русија имаат корени од тоа време? Тоа е, речиси, сигурно. Зашто крвната жртва не е традиција на христијанската религија. И жртвата во селото Витолиште се прави без посебно добра волја на свештениците кои го опслужуваат овој крај, иако не избегнуваат да го благословат ручекот кој се приредува на крајот од церемонијата. Што се однесува до вршењето посебни обреди поврзани со жртвениот чин во Витолиште, денес не може да се забележи нешто посебно. Познато е дека во македонското село Костурино, пред колењето на бикот што се прави на празникот Петровден, тој се кител и му се палеле свеќи на роговите4. Тоа овде денес не се прави и не нѝ потврдија дека некогаш се правело, иако не треба да се исклучи како можност во времето кога традицијата била многу поживо изведувана. Слични обичаи се среќаваат и во селото Галиште кое спаѓа исто така во мариовската област, во две села од околината на Врање – Бабина Пољана и Сурлица, како и во некои места во областа Тракија. Во селото Галиште во Мариово, жртвата биле брави. Според кажувањата на некогашни жители на ова село, обично се колеле по два брава, но денес оваа традиција е прекината поради иселувањето на жителите и запустувањето на селото.
ГОТВЕЊЕ И ГОЗБА СО ЖРТВАТА
Според досегашните научни истражувања на слични традиции во други места, ваквите жртвувања му се посветени на божеството на плодноста5, Фактот што преданието за жртвувањето вол во селото Витолиште е поврзано со извесна голема смртност на млади и на деца, може да значи дека и овде жртвата има слична намена. Да го смилува божеството да обезбеди бројно и здраво потомство со што ќе донесе напредок и сила на самото место. Во секој случај и денешните жители на ова село жртвата ја даваат со такви желби и сметаат дека не смеат да ја прекинат. Самиот чин на жртвување значи и збогатување на културните содржини на овој крај, како и вистински аргумент за древниот континуитет на културата и заедно со останатите белези од духовна и материјална природа говори за идентитетот на културата во овој крај, воопшто.