МАГИЈАТА HA ПРИЛЕПСКИОТ ПРОСТОР

Просторот има дух. Природен и цивилизациски. Цивилизацијата е одлика на човекот и тој е извор на цивилизацискиот дух. Природните форми и услови се основа на која се надградува духот на интелегенцијата. Таа со својата моќ за комбинирање и креација му дава на природниот простор сопствен белег и димензија. Ги усовршува или ги приспособува природните форми за потребите на човекот. Интервенциите кои се вршат често се од практична, но исто така и од култна или друг вид потреба од духовен или материјален карактер. На тој начин просторот добива комплексен дух кој зрачи и предизвикува фасцинации кај човекот. Прафасцинацијата е резултат на формите со кои располага самата природа, како и разните видови појави кои често прилегаат на помали или поголеми катаклизми. Всушност, човекот бил постојано предизвикуван од природата со нејзината географска и морфолошка димензија, како и со биолошките форми и динамичките процеси. Во таков комплекс од голем број аспекти се раѓале и првите културни содржини во кои се вградени култните форми и митолошките толкувања на создавањето на светот. Во култните ритуали кои се одвивале низ времето лежат и највозбудливите духовни творби. Тоа се творби на мистичниот дух на човекот поттикнати од природната мистика. Co активната дејност на тој план е надграден и духот на природниот простор. Онаму каде што човечкото присуство било посебно нагласено и со долг континуитет тоа многу повеќе се чувствува преку соодветната „зрачност“ на просторот.

Маркови Кули - Прилеп
Маркови Кули – Прилеп

Прилепскиот простор со својата околина е преполн со остатоци од мистични природни форми со видливи траги од древното живеење. Тој е специфичен, автентичен и би се рекло единствен по голем број карактерис­тики, а посебно пo својата конфигурација преполна со разновидни карпести форми кои не дозволуваат да останат незабележани. Сместени на самиот раб на Пелагонија, „зрачат“ со древност локалитетите Маркови Кули, Трескавец под врвот Златоврв кој во постарите периоди на цивилизацијата на овој простор би морал да биде седиште на древните богови, Баба со својата фасцинантна форма на старица, посебните врвови на планината Бабуна, Орлак и Градиште, Козјак со големите пештери на него и во неговото подножје како и целата Дренска Планина расположена на источната страна на Прилеп која со еден крак го заобиколува просторот завршувајќи со чудесните карпести комплекси на малиот рид Мечка. Сите овие карпести врвови доминираат над широката рамница во Пелагонија бдеејќи над неа како богови заштитници на благородниот простор. Сè она што денес може да се забележи овде како остаток на стара култура упатува на фактот дека овој простор ги привлекувал луѓето уште во најстарите времиња и тие на разни начини биле присутни уште со нивното прво појавување во универзумот. Остатоците од таквото постоење денес, во голема мерка ги красат и музеите во Македонија и на поширокиот простор на Балканот, па и во светот. Пораките на древната цивилизација, сепак во различни форми се присутни и денес на овој простор со митски корени.

Златоврв
Златоврв

За најстариот период на цивилизацијата на овој простор палеолитот (старото камено време) денес нема, речиси, никакви сознанија и за него може да се прават само претпоставки, главно заради непостоењето соодвет­ни стручни истражувања и непостоењето стручни лица за тој период во прилепските институции од областа на археологијата. Сепак, ако се земе предвид фактот дека на просторот на Прилеп и неговата околина има бројни остатоци од периодот што следува по палеолитот, неолитот (младото камено време), од неговите најстари периоди, претпоставката дека некој на овој простор живеел и во претходниот период може да биде сосема на место. Магијата на просторот кој го опкружува Прилеп, се чини, отсекогаш го привлекувала човекот. Речиси нема дел од него на кој не може да се пронајде трага од неговото постоење и активно дејствување. Трагите се присутни по површината на карпите, по површината на земјата и под неа во форма на остатоци од градби и различни предмети, во пишаните документи од различни времиња, a ce чини и самиот воздух мириса на дух на древност, дух на светост и дух на божествено присуство низ милениумите.

Мечка кај Селце, Прилепско
Мечка кај Селце, Прилепско

Континуитетот на постојаното присуство низ постојните содржини може да се следи низ сите периоди на човечката култура низ времето почнувајќи од неолитот (младото камено време), бронзената епоха, времето на железото, архајскиот период, раната и доцната антика, средниот век, па се до денешните населби кои помалку или повеќе опстојуваат на истиот простор независно од археолошките и историските тврдења за различни прекини и дисконтинуитети со замена на една култура со друга. На остатоците од старите населби доаѓале нови, а на старите култни места и храмовите се граделе нови свети градби од кои денес имаме остатоци од ранохристијански базилики, како и обновени и денес постојни градби на христијански цркви кои изникнале на темелите на древните свети градби како плод на древната света традиција на тие места.

Врвот Козјак од југ
Врвот Козјак од југ

Денес постојните христијански градби често се преполни со елементи од старите храмови кои на истите места опстојувале во времето на древните богови. На некои места дури и карпите се третирани како своевидни храмови и култни објекти и со појавата на христијанството преминале во христијанска употреба. Феноменот на вклопувањето на големиот број карпи во целокупниот општествен, културен, стопански и култно–религиозен живот е посебно фасцинантен преку различните делкани форми по нивните површини, како и големиот број вдлабени пораки кои, често е тешко да се дешифрираат. Просторот кој е овде обработен е преполн со такви карпи, кои, било како комплекси, било како осамени фасцинантни форми зрачат мистика од различните времиња на нивниот активен третман од страна на човекот. Токму активното владеење на цивилизацијата и цивилизацискиот дух на човекот над овој простор придонесло создавање и на различните видови духовни плодови како што се верувањата, преданијата и митолошките приказни. Тие, од своја страна, се продукт на материјалните содржини кои го исполнувале просторот низ милениумите и вековите и во оваа книга ќе имаат посебно место. Таквите продукти на духот, всушност, упатуваат на содржините од материјално–културна природа на просторот на кој се создавани често криејќи во себе и вистинска фактографија на настаните и материјалните елементи. Тие продираат во мистичните сфери на древните луѓе, на нивните населби и живеалишта, како и големите градови кои денес се забележуваат преку бројните остатоци скриени под површината на земјата, ѕиркајќи во светлината на денот со одредени свои делови.

Врвот „Единак“ над селото Дабница - фото од Небрегово
Врвот „Единак“ над селото Дабница – фото од Небрегово