ЛОКАЛИТЕТОТ „ЦРКВИШТЕ“ КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО И ПРЕДАНИЕТО ЗА ГОЛЕМИОТ ВОЈВОДА

Св. Јован е главен култ во селото Бонче. Тој е заштитник на селото и нему му е посветени двете цркви – селската црква на ритчето, југоисточно од Бонче, и манастирската црква под селото. Сосема е веројатно дека просторот на манастирот крие и некоја стара градба од античкото време. Околу новоизградената црква, како и во неа, има неколку споменици од мермер и друг вид камен, со релјефи, но и со натпис.

Селото Бонче - од југ
Селото Бонче – од југ

Еден од највпечатливите споменици претставува еден четириаголен надгробен столб со релјеф на две специјално подготвени површини на кој се претставени седум човечки фигури – четири на долната и три на горната правоаголна површина. Надгробниот споменик завршува со пирамида украсена со крлушки. Врвот на пирамидата е откршен. Во долниот дел од споменикот, веднаш под понискиот релјеф, на закосена мазна површина, се среќава и тешко читлив натпис во три реда на кој, веројатно, се споменува името на покојникот и на лицата кои му го покло­нуваат. Овој надгробен споменик денес е поставен во исправена положба на западната фасада од современата црква. Покрај него можат да се видат уште две фрагментирани плочи од мермер со релјеф на кој се претставени флорални форми. На едната од нив е претставен венец со винова лоза на која се забележуваат лисја и еден грозд. Другата плоча е со многу оштетен релјеф, но се забележува, исто така, венец, цвет со четири ливчиња и сл. На еден камен блок од јужната страна на црквата се среќава форма на човечка глава, а има и некои други обработени форми и големи камени блокови. Овој надгробен споменик е од типот cipus.

Три споменици од античкиот период пред манастирската црква
Три споменици од античкиот период пред манастирската црква
Надгробен споменик со релјеф и натпис во форма на столб
Надгробен споменик со релјеф и натпис во форма на столб

Во внатрешниот дел на црквата се наоѓа уште еден споменик од мермер, со извесна конструкција од античко време. Тоа е едно помало столпче, високо 0,873 m, со октогонална форма на кое се среќава и портрет на жена во релјеф. Според археологот Виктор Лилчиќ, кој претпоставува дека се работи за помал столб кој стоел во предниот дел на некоја едикула од раноцарскиот период, во Македонија нема сличен пример на друго место.1

Од локалитетот „Црквиште“ кај селото Бонче е регистриран уште еден споме­ник со натпис. Се работи за мермерна база која се наоѓа во Музеј на градот Скопје.2 На локалитетот „Црквиште“ се пронајдени поголем број интересни археолошки екс­по­нати од македонскиот и римскиот период. Во археолошката карта на Република Македонија се споменува една мермерна ара со натпис, тркалезни тули, исто така, со натпис, антички монети и статуетки од бронза. Констатирани се и темели од некои градби и многу градежен материјал.3 Споменативе наоди упатуваат на остатоци од населба од периодот на Македонската империја, која продолжила да егзистира и во римскиот период.

Сите овие остатоци на материјална култура околу манастирот Св. Јован, кај селото Бонче, не го оставиле рамнодушен народниот дух и како резултат на тоа денес сè уште е живо едно предание за извесен стар војвода кој го бранел манастирот од Турците.

Манастирот „Св. Јован“
Манастирот „Св. Јован“

– Во некое старо време кај селото Бонче се наоѓал еден голем и богат манастир. Кога дошле Турците на Балканот, стигнале и до селото Бонче и сака­ле да го заземат и разрушат манастирот, но му се спротиставил некој тамошен војвода, кој долго време се борел со нив и го бранел манастирот за да не биде разрушен и запустен. Тој долго време не ги пуштал Турците да дојдат до манас­ти­рот, но турската војска била многубројна и посилна, па затоа морал да по­пуш­ти и да се засолни. Го зел богатството што се наоѓало во манастирот и се скрил во некоја пештера источно од селото и оттогаш никој не го видел. Сега трагачите по скриено богатство ја бараат пештерата за да го пронајдат богат­ството што го зел со себе војводата и го скрил во неа.