ЗАПУСТЕНОТО СЕЛО САТОКА И ПРЕДАНИЕТО ЗА СЕДУМДЕСЕТ ЦРКВИ МЕЃУ СЕЛАТА БЕШИШТЕ И ГРАДЕШНИЦА

Во атарот на селото Бешиште има  голем број места на кои се  забележуваат траги од стари населби од различни времиња, посебно во правец на исток каде води и патпт кој го поврзува ова село со селото Градешница. Од двете страни на овој пат на повеќе места се забележуваат траги од стари градби, а како што се споменува и Георги Трајчев во својата книга “Мариово” најмногу урнатини се наоѓаат во месноста “Сатока1, која се наоѓа некаде на половина пат помеѓу Бешиште и Градешница. Тука се зборува за урнатини од стари цркви, а постои и предание за 70 цркви кое потсетува на повеќе такви преданија кои говорат за голем број цркви во Прилеп(77 цркви), Охрид(360 цркви) и други места. Еве што пишува, меѓу другото, Трајчев:”…Меѓу селата Бешишта и Градешница се наоѓаат многу урнатини од црквишта. Преданието говори за 70 цркви. А денес се гледаат 10-13 полуразрушени згради,препокриени со слама. Наоколу се наоѓаат стари гробишта, нарекувани од населението “елимски”, свртени во насока на север. Во текот на 1897/98 уч. Година учителот А. Петров вршел ископувања на нив и наоѓал скелети на големи луѓе, со долги бедра и големи черепи. Меѓу скелетите се среќавале гривни, прстени и други украси “.2

Црквата „Св. Петка“ во Бешиште
Црквата „Св. Петка“ во Бешиште       

Кога егзистирале овие цркви? Дали нивното постоење треба да се поврзе со развиениот христијански период во кој се граделе и голем број на цркви на територијата на Македонија како што укажуваат и преданијата од други места? Тоа би значело дека се работи за цркви кои егзистирале до крајот на 14 век кога се случува турската експанзија на Балканот. Имајќи го предвид фактот дека неполн век по оваа експанзија постојат селата Сатока и Бешиште може да се претпостави дека тие Турците ги затекнале на истите места пред нивното  доаѓање. Големиот број цркви кои се споменуваат во преданието, сепак е тешко да се објаснат  ако се има предвид малиот број жители на двете села. Сепак, фактот што има голем број места познати како црквишта нешто  може да значи. Дека христијанските градби биле во голем број може да потврди и податокот што денес во состојба на големо иселување од Мариово во селото Градешница се одржуваат дури 7 цркви, меѓу кои и такви, со подлабока старост.

Црквата „Св. Петка“ - Сатока (стара градба)
Црквата „Св. Петка“ – Сатока (стара градба)
Манастирот „Св. Петка“ со црквата во изградба
Манастирот „Св. Петка“ со црквата во изградба

Во месноста “Сатока“егзсистирало село  со такво име кое исчезнало пред околу четири века. Тоа се среќава во турските документи, посебно во турските пописни дефтери. Така за селото Бешиште се знае дека постоело и пред т.н. Мариовска Буна  која се случила 1564 година, а изгледа траела и во 1565 година. Имено, во турските дефтери од 1544/45 година стои дека селото Бешиште имало 75 семејства и 8 неженети, односно приближно 400  жители, а селото Сатока 81 семејство и 9 неженети, односно нешто повеќе жители од селото Бешиште3.Освен тоа во турските документи кои се однесуваат на буната се споменува и едни лице кое потекнува од селото Бешиште, како и едно лице од селото Сатока покрај други две од селото Старавина и едно од селото Градешница. Од Бешиште се споменува како водач Матјо Никола, а од Сатока Димитри Стале4.

Манастирот „Св. Пантелејмон“ - „Панделе“
Манастирот „Св. Пантелејмон“ – „Панделе“
Црквата „Св. Спас“ - Чебрен
Црквата „Св. Спас“ – Чебрен

Според преданијата кои се поврзани со овие две села и со Мариовската буна селото Сатока по буната сосема опустело како и едно друго село со име Пестје или Пешта. Имено, бидејќи од нив потекнувале некои водачи на буната тие морале да бидат запустени. Дури според едно предание по пропаѓањето на селото Пешта се создало селото Бешиште (оттаму поврзувањето со Бешиште и сл.).

Остаток од црквата „Св. Димитрија“ - манастир Чебрен
Остаток од црквата „Св. Димитрија“ – манастир Чебрен
Остатоци од разновидни градби има на многу места околу селото Бешиште
Остатоци од разновидни градби има на многу места околу селото Бешиште

Преданијата, сепак, не се во согласност со историските факти. Имено, повторно од турските дефтери се знае дека селото Сатока продолжило да егзисистира  по завршувањето на Мариовската буна, како што се знае и тоа дека селото Бешиште е постаро од буната. Тоа го потврдуваат пописните дефтери од 1568/69 година според кои селото Сатока броело 35 семејства и 30 неженети; околу 200 жители, а ист е бројот на семејствата и во Бешиште што упатува на некакво намалување на населението кое за тој период е забележано во цело Мариово. Еден интересен податок што го изнесува историчарот Александар Стојановски во зборникот “ Мариово и Меглен низ историјата ” е нов во врска со познатата Мариовска буна. Имено, тој истакнува дека во пописот од 1569 година во селата од кои потекнуваат водачите повторно се среќаваат нивните имиња, што укажува на фактот дека тие не биле убиени, а ниту затворени, или доколку биле казнети и затворени во времето на пописот тие биле ослободени. Од сите водачи на буната во овој попис не се среќава само имети на Матјо Никола од селото Бешиште, доколку, како што пишува Стојановски, тој не е во пописот идентичен со во него споменатиот Петко Никола5.