МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП, ТВРДИНА ОД ВРЕМЕТО НА ФИЛИП И АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

Денешното име на ридот Маркови Кули, кај Прилеп упатува на поврзување на потеклото на стариот град со тврдина со името на легендарниот Крал Марко. Археолошките истражувања, кои се вршени неколку децении, се насочени, главно, кон откривање на културата на средниот век и на некој начин тенденциозно влијаат на широкото сознание за тврдината како дело на овој крал. Од друга страна, според археолошките сознанија, сосема е сигурно дека населувањето на овој простор влече длабоки корени и во себе крие големо богатство од археолошко наследство, како и траги од голем број населби кои се пластеле една на друга низ различните периоди на цивилизацијата. Тоа, од своја страна, упатува на долг континуитет на населување со илјадници години сè до последните векови на средниот век, кога според податоците тврдината била користена за склад од турската власт. Дека името на ова ритче денес може да внесе заблуда кај оние кои не ја познаваат неговата историја пока­жуваат резултатите од археолошките наоди како што се веќе споменатите предмети и живеалишта од каменото време1, наодите од античкиот период кои се исто така многу присутни, како и другите археолошки докази според кои ова ритче било активно населувано заедно со околниот простор и пред времето на Кралот Марко и неговиот татко Волкашин. Што се однесува до самата тврдина, освен средновековните ѕидови, утврдени се и делови од неа кои опстојувале уште во антиката, а ако се направат поопстојни истражувања не е исклучено пронаоѓање на уште постари траги на оградни ѕидови. Дека се можни постари траги на утврдување охрабрува примерот со т.н. Самоилова тврдина во Охрид каде што неодамна се констатирани остатоци од тврдина од VIII век пр. н.е. што значи дека тврдината опстојувала на тоа место во железното време. Периодот на развиената македонска држава и нејзиното територијално ширење е констатиран со остатоци на делови од тврдина на Маркови Кули од тоа време. Истражувајќи ги остатоците од средновековната тврдина археолозите не можеле да не ги забележат остатоците од старите ѕидови на тврдината кои потекнуваат од пред нашата ера. Всушност, како што констатираат тие, се работи за остатоци на тврдина од т.н. хеленистички (македонски, з.м.) период, кој започнува со Филип и Александар Македонски во IV век пр. н.е.

Врвот Чардак бил утврден уште во македоснкиот период
Врвот Чардак бил утврден уште во македоснкиот период

Во својот извештај археолозите од Полско–Југословенската мисија Б. Бабиќ и Е. Цнотливи пишуваат дека елинистичкото (македонското, з.м.) ѕидиште на некои места на тврдината било сè уште во добра состојба и во средните векови, така што можело да служи за одбрана2. Ваквите наоди ги наведуваат археолозите да констатираат дека е потребна многу поангажи­рана анализа за утврдување на генезата на тврдината, а фактот што во некои слоеви е пронајден чист антички материјал за нив има огромно значење за размислување над генезата на тврдината Маркови Кули. За жал, сè до денес, археолозите работат претежно на археолошките наоди од средните векови за кои е прибиран најмногу археолошки материјал од така насочените истражувања. Потребата од заштита на северната грани­ца на македонската држава во антиката од северните племиња, како што биле Дарданците3, Илирите, Трибалите и др., наложувала из­град­ба на силни утврдувања долж оваа граница4. Заради тоа денес се забележува цела зона од стратешки утврдувања во северниот дел на Македонија чии остатоци ги забележуваме и во околината на Прилеп, посебно по повисоките ритчиња со добра географска положба покрај важните премини преку кои, се чини, отсекогаш воделе патишта.

Врвот Чардак - западен дел
Врвот Чардак – западен дел

Во таа зона на заштита веројатно спаѓал и Прилеп со ридот, денес наречен Маркови Кули, кој бил податлив за изградба на утврдување. На тој начин изникнала и тврдината на Маркови Кули која старите историчари ја карактеризираат како тешко освоива и во средните векови. Од друга страна, имајќи го предвид фактот што во времето на големите кралеви Филип II и Александар III Македонски македонската држава доживеала силен подем, не треба да зачудува и појавата на голем број силни утврдувања во Македонија од тоа време. Токму во нивното време се случуваат големи походи против племињата од Северот, како што се Трибалите и Илирите. Самиот Александар Македонски уште во своите млади години предводи војска на север и постигнува голем успех во борбата против Трибалите5 и нивниот крал Сирма, по чија победа стигнува дури до Дунав. На таков начин тој ја ослободува северната граница од постојаните силни тензии и си ослободува пат за подготовките за преминување во Мала Азија и продолжување со успешните освојувања кои го води со војската дури до Индија.

Зачувана Кула од врвот Гребник
Зачувана Кула од врвот Гребник

За периодот на развиеното македонско царство на просторот на Прилеп постојат и други археолошки податоци . Меѓу нив се и археолошките наоди од некрополите од Калдрма на која се констатирани наоди од V век до IV век пред н.е.6, како и наодите од некрополата од хеленистичко време во Варош која води потекло од крајот на IV век и почетокот на III век п.н.е.7 Од археолошките наоди посебно се интересни монетите меѓу кои се пронајдени голем број монети од повеќето кралеви кои владееле со Македонија во античкиот период за време на нејзината независност и империјализам.

Од нив се пронајдени монети на Аминта III, таткото на Филип II, потоа монети на Филип II, Александар III Македонски, Филип III, Касан­дар, како и од подоц­неж­ните кралеви на Македонија Александар IV, кој е син на Александар Македонски, Филип V, Деметрие II, Антигон Гонат и др.8