ПРИЛЕПСКОТО – МАКЕДОНСКО СОНЦЕ ОД ВРЕМЕТО НА ПРЕРОДБАТА
Во деветнаесеттиот век, за време на преродбенскиот период, како израз на македонска национална свест, се појавила практика на поставување врати од ковано железо на трговските дуќани – магази на кои биле изработувани апликации на македонскиот симбол – сонце со розета, со шеснаесет или со дванаесет краци, како израз на македонската национална свест.
Со будењето на македонската национална свест за време на преродбата и појавата на големите македонски преродбеници и револуционери од средината на деветнаесетиот век, меѓу другото, се појавило и негување на постарата македонска историја, особено онаа поврзана за имињата на најславните антички кралеви на Македонија, Филип Втори (359 – 336 г.п.н.е.) и неговиот син Александар Трети – Македонски (336 – 323 г.п.н.е.). Токму поради тоа во Прилеп се појавила и практиката за изработка и истакнување на јавни места на македонскиот симбол, кој особено е познат како сонцето од Кутлеш, според неговиот приказ на ковчежето најдено во големата кралска гробница, која беше претставена како гробница на кралот Филип Втори. Ваквиот симбол, според она што можеме да го забележиме денес, особено се поставувал на цврстите врати од ковано железо поставувани на трговските дуќани, и тоа, по еден симбол на секое крило од двокрилните врати. Симболот можел да биде со 16 или со 12 краци и се изработувал на тој начин што се правеле по две ѕвезди – со по 8 или со по 6 краци, а потоа се ставале една врз друга и на тој начин се добивала ѕвезда со 16 или со 12 краци. Во центарот на спојувањето на двата еднакви дела се правеле уште по две, па и три розети и се поставувале на симболот. На тој начин, оваа претстава на македонското сонце се доближувала до автентичниот антички македонски симбол. Ѕвездите и розетите биле спојувани со долга нитна во самиот центар, а целата апликација била поставувана во кружен прстен.
Вратите со апликацијата на шеснаесеткракото или дванаесеткракото сонце, обично, се поставувале на влезовите на трговските дуќани во кои се складирала стоката, кои се наоѓале на приземниот дел на поголеми камени згради или на железни порти за влез во поголеми дворови од анови или семејни куќи. Во Прилеп забележавме четири градби со железни врати со апликација на споменатиот симбол.1 Следејќи ја техниката на изработка, се чини како сите да биле изработени од еден мајстор или една работилница. Освен техниката, на тоа упатува и естетиката на апликациите, како и нивните слични димензии.
Прва апликација:
Првата апликација ја сретнавме на портата од семејната куќа на Тодорчевци, на улицата „Андон Слабејко“, во познатото Долно Маало во Прилеп. Се работи за порта од ковано железо, составена од две крила. Полето на секое од крилата било поделено со железна лента, по вертикала, на две еднакви половини, а потоа на пет полиња по хоризонтала, со слични железни ленти. Апликацијата на македонскиот симбол – сонце или ѕвезда со дванаесет краци, била поставена во второто поле на крилата, тргнувајќи од горниот дел, а во внатрешното поле од вертикалната поделба.
Според кажувањето на најстариот член на ова семејство, Александар Тодорчески, нивната куќа потекнувала од 1850 година. Семејството потекнувало од Варош, а во оваа куќа прв се доселил неговиот предок Аце Тодорче, син на Василе Тодорче. Пред тоа, семејството на Аце Тодорче живеело во населбата Бончејца, во стара и дотрајана куќа и поради тоа Аце купил нова куќа во Долно Маало, оваа во која семејстовото живее и денес. Аце Тодорче поседувал сопствена „дилижанса“ (кочија, пајтон, з.м.) со која одел во Солун бидејќи бил бакал (трговец) и оттаму носел стока за дуќанот во Прилеп.
– „Кочијата била со двајца кочијаши и во придружба на уште двајца заптии, заедно со дедо ми, сите со кубури во појасите, вооружени патувале за Солун. По 28 години од населувањето во куќата во Долно Маало, откако дедо ми Аце Тодорче станал имотен, од македонски мајстори во Солун порачал порта од ковано железо и побарал на неа да биде исковано македонското сонце од Кутлеш. Во 1978 година, железната порта (со македонскиот симбол, з.м.), товарена на дилижансата, на местото на кое се носеле куфери и други предмети, ја донесол во Прилеп и ја поставил на влезот на нашата куќа на кој стои и ден-денес“ – раскажува, денешниот сопственик, Александар Тодорчески.
Семејстовото Тодорчевци има сознанија за свои претци, кои потекнувале од пред 250 години, па наваму. Денешното презиме во семејството е традиција според најстариот познат предок Тодорче, кој живеел во 18 век и бил женет за Темјана, која потекнувала од селото Крстец, Прилепско. Тодорче живеел во Варош и бил притруп и економ во манастирот „Св. Архангел Михаил“, над Варош, бил особено способен и добар човек, но мал по раст и затоа го викале Тодорче. На скалите кои водат кон големиот чардак на конакот во манастирот и денес стои плоча со натпис на кој се споменува името на овој познат варошанец и стар прилепчанец.
Во куќата на Тодорчевци, на улицата „Андон Слабејко“, се состанувале и македонските револуционери Пере Тошев, Даме Груев и Ѓорче Петров, бидејќи сестрата на Пере Тошев, Анастазија, била мажена за еден од браќата Тодорчевци, Василе, а куќата била здрава и цврста, имала дебели ѕидови и сигурна порта од ковано железо. Порта со македоснкото сонце на неа.
Втора апликација:
Втората апликација на сончев диск, до пред некоја година, се наоѓаше на улицата „Круме Волнароски“ на градба стара неколку века со број 1, во Прилеп.2 Се работи за двокатна зграда од добро обработени камени блокови, на која на источниот ѕид, покрај самата улица, имаше двокрилна врата од ковано железо со апликација на македонскиот симбол – македонското сонце, со дванаесет краци. За време на турскиот период куќата се наоѓала на улица „Цариградска“, која во време на социјализмот е прекрстена со името на народниот херој Круме Волнароски. Според кажувањето на најблиските соседи, градбата му припаѓала на познатиот Ислам-бег, кој, кој поседувал и голем број други градби во градот Прилеп и околината. На двокрилната врата имаше две апликации од ковано желесо – по една на секое крило, поставени во првата третина на крилата, тргнувајќи од горниот дел. Тие претставуваа ѕвезди со дванаесет краци, составени од по две шестокраки ѕвезди поставени една врз друга, со по две розети во центарот. Сите четири елементи, центрирани и синхронизирани, биле прицврстени со една нитна во нивниот центар. Вратите се составени од пет правоаголни полиња со еднакви димензии, а ѕвездите аплицирани во прстен во второто поле, тргнувајќи од горниот дел. Споредени со ѕвездите од другите три места, овие на улицата „Круме Волнароски“, се со малку послаба изработка. Двете ѕвезди од по шест краци на двете апликации, не се доволно прецизно центрирани и синхронизирани, а розетите се со послаба изработка, односно, послабо се изразени.
Двокрилната врата била поставена на врата од убаво обработени камени блокови, од кои била направена цврста правоаголна форма. На двратата има фронтон со сводест покрив, исто така, од убаво обработени камени елементи. Под сводестиот дел, во натписната површина на фронтонот, стоел натпис на фирмата, односно, името на магазата. При нашата посета, забележавме остатоци и од фирма или сопственик во поновиот период, веројатно, во време на српската власт во Македонија. На сводот од камен има изработен релјеф со претстава на флорални мотиви од страните, а исламски симбол во средишниот највисок дел – петокрака во полумесечина. Оваа појава, претстава на два симбола на иста врата од трговски дуќан – магаза од турскиот период – македонскиот и исламскиот поттикнува на размисла дека во овој дел од градот постоел интересен спој на две култури, на две различни нации, на соживот и вистинска соработка, со заемно разбирање. Можеби сето ова е поврзано со раскажувањето на некои од најблиските соседи на градбата со број 1 на улицата „Круме Волнароски“, дека бегот кој живеел во оваа зграда им бил наклонет на Македонците и дека поради тоа трпел и последици од турската власт.
Според нашите информации, пред неколку години, едно од двете крила на двокрилната кованица било украдено и однесено во непознат правец, а потоа е извадено и второто крило, а градбата е реновирана.3
Трета апликација:
Третата апликација се наоѓа (за среќа, тука е и денес) на улицата „Браќа Ламески“, во близина на познатата „Шарена Чешма“ во Прилеп, на двокрилна врата од ковано железо, на западниот ѕид од градбата, веднаш крај улицата. Денес е зачуван само долниот спрат од старата градба, која била изградена од мајсторски обработени камени блокови. Вториот спрат од градбата е целосно реновиран. Просторијата претставувала трговски дуќан – магаза во кој се складирала трговска стока. Градбата, во поранешниот период, пред педесетина години, била во сопственост на семејството Плашевци, чии потомци денес се наоѓаат во Скопје и на други места. Од нив ја купил посредник при купопродажба со недвижен имот од селото Крушевица, Прилепско, познат како Петре Бумбаро, а денес е во сопственост на неговиот внук, Благоја Димитриоски.
На вратата од оваа градба се наоѓаат две паликации на македонскиот симбол со шеснаесет краци, изработени од ковано железо, со мошне добра изработка, добро центрирани и синхронизирани сите елементи и со нагласена естетика. Двете крила на вратата се поделени на по пет полиња, а апликацијата на македонскиот симбол со шеснаесет краци е поставена во второто поле, тргнувајќи од горниот дел на крилата. Принципот на изработка е сличен како и кај првите две апликации, односно, две ѕвезди по осум краци, се поставени една врз друга, а во нивниот централен дел бил поставен еден прстен, врз кој се поставени две розети – помала и поголема, една врз друга, добро центрирани и сите елементи споени со нитна. Може да се каже, дека овие апликации, претставувале вистински украс на магазата во времето на нејзиниот активен период а, на извесен начин, и денес зрачат со особена естетика.4
Четврта апликација:
Четвртата апликација на македонскиот симбол, до пред неколку години, се наоѓаше во „Врбеско Маало“ во делот познат како „Воденички Камења“, на приземјето од поголема градба, на нејзиниот северен ѕид, на врата до која се приоѓаше преку неколку скали од камени блокови. Приземјето, исто како и на претходните две градби, било изградено од убаво обработени камени блокови, а вратата поставена некаде во средината на ѕидот.
Вратата била составена од две еднакви крила по страните и едно помало во средишниот дел, кое со десното крило било поврзано со две поголеми ковани алки од ковано железо на кои се ставал голем катинар. Апликациите, кои претставуваат ѕвезди со по дванаесет краци биле поставени, на двете странични крила со исти димензии, во второто поле од секое од крилата, тргнувајќи од горниот дел. Сите три крила биле составени од по пет еднакви полиња, спојувани со лента, исто така, од ковано железо.
Овој симбол на македонското сонце со дванаесет краци бил составен од по две ѕвезди по шест краци, поставени една врз друга, релативно добро синхронизирани и центрирани, а врз нив биле поставени, дури, три розети, од кои, онаа во основата била најголема, додека следните две, поставени врз неа со синхронизирано помали димензии, со што заедно градат розета во форма на цвет од трендафил.
Според жителите кои живеат во соседство на оваа градба, таа била во сопственост на семејството Врбовци, по потекло од Кадино Село, Прилепско, а сега со неа располагала една од ќерките на стариот сопственик Димко Врба, која живеела во населбата „Точила“, во Прилеп. Пред неколку години, градбата е целосно реновирана со соема современ изглед, вратите од ковано железо се дислоцирани и не ни е познато што се случило со нив потоа.