СТАРА ЦРКВА ИЛИ ХРАМ И КАРПА–ЦРКВА КАЈ СЕЛЦЕ, ПРИЛЕПСКО

Еден факт посебно зачудува кога се набљудува просторот од околи­ната на Селце, кое се наоѓа на само 2 km источно од Прилеп. Тоа е присуството на две активнии цркви и две места со остатоци од стари цркви од кои, на едното има индиции за уште постаро светилиште, односно антички храм, а другото е карпа со фреско­живопис третирана како христијански храм. Дали ваквиот број светилишта е резултат на постоењето некоја поголема населба во минатото на овој простор?

Од запад
Од запад

Ако населбата од ридот Мечка (за која ќе стана збор во порталот Пелагон во поскоро време) води потекло уште од длабоката праисторија – енеолитот, објектите од религиски карактер во долината и подножјето на планината во близина на селото се од релативно понов датум. Двете денешни црковни градби од кои едната е во самото село, а другата во манастирот Св. Димитрија над селото, како градби потекнуваат од последните два века, но традицијата во минатото, се чини, има корени во двете светилишта чии траги можат да се видат и денес. На половина пат меѓу селото и манастирот, лево од патот се наоѓа стара градба од сакрален (свет) објект со насока североисток–југозапад со апсида на североисточната страна. Градбата изгледа е зачувана само во темелите над кои е надграден ѕид од околу 1 m. височина од камен без малтер и зафаќа површина од околу 30 m2. Пред самата градба има еден поголем блок од мермер грубо обработен, а во внатрешниот простор се среќаваат уште два мермерни елементи добро обработени. Едниот претставува мермерна ара со долниот дел закопана во земјата и во голема мерка затрупана со камења така што евентуалниот натпис на некоја од четирите страни не може да се види. Дека тие се прилично добро обработени со врамени рамни површини, јасно се гледа. Другата мермерна сполија претставува поголема плоча која веројатно била дел од некоја постара градба која егзистирала на ова место. Ваквите мермерни елементи укажуваат на можноста од постоење некоја сакрална градба со постаро потекло кое не води во првите векови на христијанството или евентуално во времето на многубоштвото во антиката кога им се граделе храмови на боговите. Денес во внатрешноста на градбата може да се забележи дека месното население кон овој објект има однос како кон света градба и остава ситни пари во олтарниот простор, пали свеќи и сл.

Св. Никола и св. Димитрија
Св. Никола и св. Димитрија

Самата градба се наоѓа на една поголема рамнина меѓу два дола поставена на нејзиниот десен агол. Останатата површина на рамнината пред градбата е полна со остатоци од поголема некропола. Голем број од гробовите се растурени или раскопани во некое минато време, a ce добива впечаток дека во голема мерка пропаднале во земјата под тежината на каменот и масивните плочи од кои се градени. Во отсуство на какви било предмети кои евентуално се наоѓале во гробовите, тешко е да се каже од кога потекнуваат, но нивното потекло веројатно може да се поврзе и со потеклото на стариот храм кој егзистирал заедно со нив во некое далечно време. Во околината може да се најде и по некое парче керамика од доцната антика, но сепак тешко е да се каже од кога потекнува овој локалитет без поконкретни археолошки сознанија.

Манастирчето на Јаника (Светецот) - од северозапад
Манастирчето на Јаника (Светецот) – од северозапад

Само на околу 300–400 m. од горе споменатиот локалитет, десно од патот кој води кон манастирот Св. Димитрија покрај потокот кој доаѓа од планината се наоѓа уште еден сакрален објект со непозната традиција на култност. Овде се работи за карпа која е третирана како своевидно христијанско светилиште. На неа во посебни природни длабнатини се насликани два фрескоживиписа на св. Димитрија и св. Никола. Од предната страна на карпата во некое поново време е изграден полукружен ѕид со кој е зафатена површина од околу 30 m2. Карпата потсетува на сличниот култен објект кој се наоѓа кај селото Дабница околу кој се среќаваат и остатоци од гробови градени со плочи (цисти) и гробови длабени во карпа. Ваквиот култен објект кој е главно поврзан со карпа најпрво буди асоцијација на пештерските цркви кои се правеле со длабење простории во карпа или со користење на природните пештери и со доградување со ѕид од камен и малтер. Тешко е да се каже нешто поконкретно во врска со култноста на карпата без соодветно археолошко истражување кое евентуално би довело до археолошки наоди. Дека карпата може да има и подолга култна традиција покажуваат некои траги по карпестите површини во близина на карпата–црква. Имено, на пониски карпи над култната карпа се среќаваат неколку длабени дупки во кружна и правоаголна форма како и некои подолги канали кои упатуваат на постоење некакви градби кои биле градени над самите карпи. He e исклучено во близина на карпата да има и остатоци од некропола од некое постаро време, но на прв поглед тешко е да се констатираат такви остатоци. Овде ќе се послужиме со примерот од Дабница каде што околу тамошната карпа црква очигледни се поголем број гробови од древните времиња. Тоа упатува на третирањето на карпата како своевиден црковен објект, односно храм во античкиот период доколку претпоставиме толку долга традиција.

Фрескоживописот
Фрескоживописот

Постоењето остатоци од сакрални објекти и некрополи од постаро време претпоставува и постоење остатоци од стара населба во нивна близина. За нас, ако се изземат праисториските населби кои се наоѓаат во близина на Селце, познат е локалитетот Селиште кој се простира на падините и рамните површини под манастирот на кој се очигледни трагите од населба на која се среќава керамика од средниот век. Се разбира, не треба да се исклучува ниту можноста од постоењето остатоци од некоја постара населба од антиката која се уште не е откриена. Фактот што во тоа време и самиот град Прилеп се наоѓал на поголема раздалеченост од ова место отвора поинаква ситуација на поставувањето на населбите во тоа време.

МАНАСТИРЧЕТО НА ЈАНИКА – ФОТО-ПРИКАЗ:

ФОТО-ПРИКАЗ НА СТАРАТА ЦРКВА ВО СЕЛИШТЕ: