АрхеологијаДревни траги

СТАРИОТ ГРАД ЧЕБРЕН (ЧЕМРЕН) НА ЦРНА РЕКА ВО МАРИОВО

– Градот бил расположен на една висока тумба крај реката Еригон (Црна Река) како и во делот јужно од тумбата кој претставува голема рамна површина покрај самата река која тука прави голем завој. На тумбата има остатоци од тврдината, односно делови од широки ѕидови градени од камен и малтер. На самата тумба има бројни културни остатоци, какви што се среќаваат и на делото јужно од неа во рамнината долу крај реката. Од стариот град денес останала мала црква со живопис од 15 век, делови од една манастриска црква, како и остатоци од стари манастирски градби од Чебренскиот манастир кој бил познато христијанско светилиште.

Манастирот „Чебрен“ со Црна Река
Манастирот „Чебрен“ со Црна Река

Просторот на областа Мариово во древните времиња бил дел од поширокиот простор на Македонија, со бројно население и населби со впечатливи градби и димензии кои укажуваат дури и на постоење градови. Такви биле античкиот град Достонеј кај селото Пештани, Прилепско, потоа градот, чие име не е познато1, на локалитетот „Маркови Кули–Градот“ на голема тумба на левиот брег на Црна Река лево од патот Прилеп–Витолиште, големите населби кај селото Мелница (локалитетот “Садевите”) и Витолиште (локалитетите “Заградишка Чука” заедно со лок. “Задна Река–Грамјте”, „Царацина Нива“ и др.), локалитетот “Пешта” кај Градешница и др.

За населбата со тврдина чии остатоци денес среќаваме на околу 3 км северозападно од селото Зовиќ во општина Новаци во Мариово, на една тумба со надморска височина од 560 м, како и на просторот ниско крај реката јужно од тумбата на десниот брег на Црна Река, во пишаните документи се говори дека бил средновековниот град Чемрен. Имено, српскиот архиепископ Данило од времето на Душановото царство во неговото дело “Животи кралјева и архиепископа српских” набројувајќи градови во Македонија го спомнува и градот Чемрен.2 Тоа значи дека населбата на локалитетот „Чебрен“ во Мариово претставувала град. Тоа го покажуваат и остатоците кои денес можат да се видат на овој локалитет. На тумбата која се наоѓа над самата Црна Река имало и тврдина градена со камен и малтер, со ѕид широк околу 1,5 м. Остатоците од тврдината и денес можат да се видат на јужниот дел од тумбата. На овој дел на локалитетот се наоѓала акрополата на населбата. Со широк ѕид бил заграден и останатиот дел од населбата кој бил расположен во нискиот дел од просторот јужно од акрополата. Вкупниот простор на утврдената населба со акрополата зафаќал површина од 8 ха а просторот на кој била расположена населбата зафаќа 27 ха.3  Градот претежно се занимавал со преработка на железни руди и од него водел пат низ Мариово се до одредена висина на врвот Кајмакчалан и планината Кожуф до старите рудници на железна руда.4

Манастирот со Црна Река и долината 2

НАСЕЛБА СО ТВРДИНА ОД РИМСКО ВРЕМЕ И ДОЦНАТА АНТИКА

Населбата на локалитетот “Чебрен” егзистирала уште во римскиот период. Се разбира не се исклучени ниту постари корени. На врвот на тумбата се наоѓа дел заграден со одбрамбени ѕидови со површина од 700 м2 во кој, според археолозите, бил дел од населбата која потекнува од римскиот период.5 Во доцната антика на тумбата се развила населба утврдена со силни одбрамбени ѕидови, кои заградувале простор од 2,4 ха, според Археолошката карта на Република Македонија,6 односно, 3 ха според археологот Иван Микулчиќ.7 Широките одбрамбени ѕидови на неколку места биле зајакнати со кули. “Целиот простор е планиран и оформен како град, со големина од 5 ха (со кастелот–акрополата вкупно 8 ха)” – пишува Иван Микулчиќ.8

Дека населбата на локалитетот Чебрен егзистирала и во периодот пред римското завладување на македонската империја покажуваат и наодите на монети од кралевите на античка Македонија. Од овој локалитет потекнуваат монети на македонските кралеви Антигон Гоната (277–240/39 пред н.е.) – бронзена,9 Филип V (221–179 пред н.е.)10 и Персеј (179–168 пред н.е.).11 Дали постоела населба со тврдина од периодот од кој потекнуваа споменатите монети може да се констатира со посебна анализа на остатоците од одбранбените ѕидови и од останатите градби. Пред неколку децении на локалитетот “Чебрен”, на највисокиот дел на тумбата истражувања вршела екипа на Народниот музеј од Битола, но резултатите од ова истражување до денес не се објавени.

РАНОХРИСТИЈАНСКА ЦРКВА НА ВРВОТ НА ТУМБАТА

При ископувањето кое го вршеле археолозите од Битола на тумбата се откриени значајни недвижни наоди, главно од доцната антика. Посебно внимание привлекува една градба која се наоѓа на источниот раб на тумбата, кој е највисок. Градбата претставувала ранохристијан­ска црква на што упатува еден посебен објект вдлабен во карпа. Тој прет­ста­­вува платформа со површина од околу 0,8 м2 во чија средина е вдлабен помал објект во форма на крст, како и 4 кружни дупки во аглите на правоаголната платформа. Овој објект претставувал т.н. мартириум во кој се чувале мошти на некој христијански маченик12 од првите векови на христијанството, кога христијаните биле прогонувани од тогашната римска власт. Вакви објекти – мартириуми се граделе во првите христијански цркви кои се среќаваат на просторот опфатен со христијанската вера. Во близина на опишаниот објект се среќава и една голема гранитна плоча на чија површина е изработена голема детелина со четири листа во релјеф, како и повеќе помали форми на детелинки со четири листа. Голема е веројатноста дека оваа плоча стоела на столбови над платформата со вдлабен крст. Интересно е дека ваква форма на вдлабен крст се среќава и на еден обработен камен блок на трикорабната црква во с. Манастир, кое се наоѓа, исто така, на десниот брег на Црна Река околу 10 км северно од Чебрен. При ископувањето археолозите откриле и еден поголем објект издлабен во градба, всушност дел од просторија во рамките на ранохристијанската црква.

АНТИЧКИОТ ГРАД АНТАНИЈА СО ЕПИСКОПСКО СЕДИШТЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ “ЧЕБРЕН”

На големата карпеста тумба со тврдината на локалитетот “Чебрен” се среќаваат голем број други археолошки остатоци, како што е доцноантичката и средновековната керамика, темели и остатоци од ѕидови од старите градби на некогашната населба, издлабени форми по карпите и сл. на некои од карпите се среќаваат издлабени негативи од мелници за рачно мелење на жито и сл.

Освен остатокот од ранохристијанската црква на највисокиот дел од тумабата на локалитетот “Чебрен” има уште две други цркви. Едната е црквата “Св. Димитрија”, која е манастирска црква од средновековниот манастир. Ова црква е изградена на темелите од голема ранохристијанска базилика која се наоѓала во центарот на населбата,13 односно на градот. Ова значи дека во градот кој егзистирал на локалитетот уште во доцната антика, односно раното христијанство егзистирале најмалку две ранохристијански цркви, и тоа една на тумбата и една голема базиликална црква во центарот на населбата во нискиот дел. Денес околу црквата “Св. Димитрија” од манастирот се среќаваат траги од темелите на базиликата, како и остатоци од мермерната пластика,14 како помали столбови со релјеф и сл. Потврдувајќи дека на локалитетот “Чебрен” “доцноантичкиот градежен шут лежи насекаде” и дека има изобилство на железна згура за индустријата на железо која била развиена во стариот град, археологот Микулчиќ констатира: – Според сите индиции на ова место стоел градот Антанија, епископско седиште од 5 и 6 век.15 Тоа би требало да значи дека градот на локалитетот “Чебрен” се викал Антанија во доцната антика и во претходниот период на римското време и времето на македонската империја, а во средниот век истиот град се викал Чемрен.16

Олтарот од црквата „Св. Димитрија“

На локалитетот “Чебрен” постои и една помала црква која потекнува од 16 век. Таа во внатрешноста е живописана и, според стилот, живописот се датира, исто така, во 16 век. Оваа мала црквичка изградена од камен и малтер се наоѓа на една помала тумба јужно то тумбата со тврдината и, според она што може да се насети на теренот, еден од одбрамбените антички ѕидови води токму до неа.17 Оваа мала црквичка се вика “Св. Спас”.

СРЕДНОВЕКОВНИОТ ГРАД ЧЕМРЕН

Според сите показатели градот на локалитетот “Чебрен” продолжил да егзистира со несмален развој и во средниот век. Разликата е само во тоа што тој во овој период е познат како Чемрен, кој во своите пишувања го спомнува и Архиепископот Данило од времето на Цар Душан. Во средниот век била обновена акрополата на тумбата и притоа новото обѕидие кое заградувало простор од 1,5 ха отстапува од линијата на ѕидот од доцната антика.18 Археолозите, крај одбрамбениот ѕид, со сондажни ископувања констатирале остатоци од станбени објекти, а најдени се и керамички наоди, голем број ситни предмети и монети од 11 до 14 век. Се споменува и една бронзена апликација со претстава на глава, јавач и еден крст–реликвијар од 10–11 век.19

Манастирот „Чебрен“
Манастирот „Чебрен“

Во средновековниот град Чемрен, на местото на ранохристијанската базилика била изградена нова помала црква, веројатно во 13 или 14 век, која била обновена и живописана во 16 век. Всушност тоа е црквата “Св. Димитрија” чии остатоци стојат и денес во манастирот Чебрен. Денес од оваа црква стојат само темелите и олтарот во кој се забележува слабо зачуван стар живопис кој, за жал, долго време стоеше незаштитен (денес се наоѓа во новоизградена градба), иако манастирот важи за споменик заштитен со закон.

Градот Чемрен, според историските податоци, сè до 1331 (или 1334) кога бил освоен од Цар Душан, се наоѓал во рамките на Византиското царство.20 Со доаѓањето на Турците градот престанал да егзистира, а на неговото место останало мало селце со манастирот “Св. Димитрија”, познат и денес како Чебрен. Селцето полека исчезнало, а останал само манастирот, кој уште во почетокот на 18 век имал училиште за свештеници, кои вршеле служба по црквите низ областа Мариово. Манастирот бил многу развиен сè до првите децении на дваесетиот век, располагал со монаси и старешина, со воденици кои располагале дури и со дванаесет камења за мелење и сл. За време на Првата светска војна црквата “Св. Димитрија” е срушена од топовска граната. Според археологот Иван Микулчиќ во средниот век управно и стопанско средиште на Мариово (Мориово) бил градот на локалитетот “Маркови Кули–Градок”, според него, град Морихово, и тоа од 9–12 век, по неговото запаѓање средиштето се преселило во градот Чемрен.21

Црквата „Св. Спас“ 2
Црквата „Св. Спас“ 2

ЧЕБРЕН ВО МИТОЛОГИЈАТА И ПРЕДАНИЈАТА

Според митолошките преданија од претхристијанскиот период, името Чебрен, може да се поврзе со името на речниот бог Кебрен (Kebren), кој бил татко на жената на Парис и Енона и жената на Есак Астеропа (или Хесперија).22 Фактот што оваа населба била поставена на самиот брег на Црна Река (античкиот Еригон) не доближува до етимологијата на името поврзано со споменатиот бог. Сепак, овој момент треба и натаму да се иструва.

Трагајќи по какви било сознанија за локалитетот „Чебрен“ и големиот број културни содржини кои ги поседува, возбудува и фактот што межу населението од овој крај, посебно, жителите на селото Зовиќ, зачувале преданија, кои внесуваат посебна возбуда и ја надополнуваат приказната за него. Едно такво предание вели:

– Кога се градела тврдината за градот во Чебрен, ги собрале сите способни лица од народот да работат на изградбата на ѕидовите. Работеле и старо и младо, и мажи и жени, млади мајки со мали деца – бебиња, сè што било способно да работи. Тогаш, педесет и две доенчиња и биле оставени на една жена – баба, да ги чува, да ги ниша во крошните.23

Ваквите народни творби, за настани и случувања поврзани со некогашната населба на локалитетот „Чебрен“, меѓу другото, упатуваат на нејзиното значење во минатото.

ОД КАМЕНАТА ПЛАСТИКА КАЈ ЦРКВАТА „СВ. ДИМИТРИЈА“

ЦРКВАТА „СВ. ДИМИТРИЈА“

МАНАСТИРСКАТА ПОРТА И ДЕНЕШНИОТ КОНАК

ОСТАТОЦИ ОД КАМЕН МОСТ ЈУЖНО ОД ЧЕБРЕН И ПАТИШТА КРАЈ ЦРНА РЕКА

ОСТАТОЦИ ОД САТРИТЕ КОНАЦИ