МАКЕДОНСКИОТ АНТИЧКИ ГРАД ПЕРСЕИДА – ГРАДОТ НА КРАЛОТ ПЕРСЕЈ КАЈ СЕЛОТО ЦРНОБУКИ, БИТОЛСКО
– Градот Персеида го подигнал македонскиот цар Филип V и го крстил според името на својот син Персеј. Неговото подигнување го споменуваат повеќе древни автори, но локацијата на градот за археолозите, до денес, не е сосема потврдена. Според претпоставките на некои од истражувачите, овој град не доживеал свој процвет, но за тоа немаме релевантни докази. Можно е тој да се крие на некој од локалитетите со археолошки остатоци од поголеми населби на просторот на Пелагонија и пошироко во Македонија. Некои од археолозите него го лоцираат на локалитетот „Градиште“, кај селото Црнобуки, Битолско.
Познато е дека македонските кралеви во античкиот период за да ги овековечат своите имиња, како и имињата на своите блиски (жени, ќерки и синови) граделе помали и поголеми градски населби и ги именувале со нивните имиња. Таквата традиција, веројатно, влече корени уште од длабоката историја на Балканот бидејќи голем број од древните градови носеле имиња на стари кралеви, жени и деца на кралевите, на познати херои од тоа време, како и на митски јунаци како што е Херакле1 според чие име се именувани голем број градови од Балканот, Мала Азија и пошироко во светот, посебно во азискиот дел. Познати се голем број градови чие име во својата основа го имаат личното име Филип според македонскиот крал Филип II, како Филипи,2 Филипопол3 и др., а македонскиот крал Александар III Македонски по своето име нарекол над 70 градови кои ги подигнал на својот воен поход кој го довел дури до Индија. Најпознат од нив, секако, е Александрија во Египет во кого била подигната и познатата Александриска библиотека со над 700 000 библиотечни единици. Таа, за жал, настрадала во пожар со што засекогаш сме лишени од бесценето богатство на документи и литература од многу области на постоечките науки и уметностите во тоа време. Сепак, традицијата на Александриската библиотека не згаснала и, денес, во овој град повторно опстојува во спомен на древната библиотека од времето на Птолемите – македонската ктралска лоза во Египет.4
Познато е дека и градот Солун (Тесалоника) го носи името според жената на кралот Касандар (316–297 г. п.н.е.),5 Тесалонике, која му била ќерка на Филип II и сестра на Александар Македонски. Имено, на негово место во постариот период се наоѓал градот Терма кого Касандар во 312 г. п.н.е. го обновил и го нарекол според својата жена Тесалонике.
КРАЛОТ ФИЛИП V ПОДИГА ГРАД ВО ЧЕСТ НА СВОЈОТ СИН ПЕРСЕЈ
Традицијата на именување на градови според имињата на кралевите и нивните најблиски може да се следи сè до освојувањето на кралството Македонија од страна на Римската империја во 168 година п.н.е. Имено, според пишаните извори, познато е дека и Филип V на својот поход низ Грција за смирување на побунетите градови освојувајќи го градот Фтиотидска Теба на Пелопонез, продавајќи ги дотогашните жители во ропство и населувајќи го градот со Македонци го нарекува Филипопол.6 Неколку децении подоцна, во 183 година Филип V го подига и градот Персеида кого го именува во чест на својот син Персеј. За подигањето на градот Персеида нè известува античкиот историчар Тит Ливиј, а според кого овој град бил подигнат на брегот на реката Еригон (Црна Река) во областа Девриоп,7 со главен град кој носел име соодветно на името на областа, Девриоп. Областа Девриоп, според историчарите, се протегала покрај горното течение на Црна Река, а Девриопите биле пајонско или пелагонско племе. Локацијата на градот Девриоп до денес не е потврдена, а не е позната ниту локацијата на градот на кралот Персеј (179–168) Персеида.
Според Страбон постои и град Девриоп, а археологот Сариа Балдуин го лоцира на локалитетот „Бедем“ кај селото Чепигово,8 за кого денес со сигурност се знае дека бил значајниот град Стибера, споменуван во повеќе историски извори. Градот Персеида за кого известува Тит Ливиј, кој го изградил Филип V во чест на својот син Персеј или со тоа име нарекол некој веќе постоечки град се наоѓал, исто така, во областа Девриоп. Сариа Балдуин претпоставува дека Персеида би можел да биде градот кој се наоѓал на просторот меѓу селата Бела Црква и Вашарејца крај Црна Река.9 Археологот Иван Микулчиќ како можна локација за градот Персеида го наведува локалитетот над селото Црнобуки кој, исто така, се наоѓал во областа Девриоп. Имено, според него овде постоела поголема населба (полисма) која е „основана некако во тоа време (владеењето на Филип V и Персеј), а е подигната во основа, плански и со широка акција која далеку ги надминува рамките на месните и локалните сили и потреби“.10 За Фанула Папазоглу сите претпоставки околу лоцирањето на градот Персеида се неосновани.11
ВО ЕКОТ НА МАКЕДОНСКО–РИМСКИТЕ ВОЈНИ
Времето во кое владеел Филип V било критично за Македонското кралство. Македонија била изложена на постојани напади од војските на Римската империја, како и од големиот број непријатели кои ја опкружувале. Меѓу нив се и племињата и државите кои опстојувале на денешната територија на Грција, како што се Ајтолците, а посебен проблем за Македонија биле Дарданците кои ги користеле сите моменти кога Филип V одел во походи против други непријатели за да навлезат на територијата на Македонија и да ги ограбуваат нејзините градови. Постојана опасност за македонските територии биле и Илирите, кои биле расположени на северозапад од Македонија. По 215 година кога Филип V го подржал Ханибал Римјаните започнале војна против Македонија. Тоа е Првата македонско–римска војна (215–505). Во некои од плановите за одбрана од нападите уште како дете, бил вклучен и неговиот син Персеј.12 Во 200 година започнала Втората македонско–римска војна. Римскиот војсководач Публиј Сулпициј Галба со 22 000 легионери се истовариле кај градот Аполонија во Илирија, со намера заедно со сојузниците Ајтолци, Дарданци и др. да нападнат од три страни на територијата на Македонија (самиот Сулпициј Галба од запад по Виа Егнатиа, Ајтолците од југ и Дарданците од север). Филип испратил дел од војската, под команда на неговиот тринаесетгодишен син Персеј, за да го сопре навлегувањето на Дарданците од север преку теснецот на север во Пелагонија.13 Археолозите претпоставуваат дека тоа бил превојот Барбарас кон Македонски Брод. Од оваа страна егзистирала населбата со тврдина кај селото Дебреште која, веројатно, во тоа време била зајакната поради нападите на Дарданците.
Времето на изградбата на градот Персеида (183 г. п.н.е.) е време на затишје на војните меѓу Македонците и Римјаните, по мирот склопен во 197 година. Токму 183 година односите меѓу Македонците и Римјаните повторно се затегнале, но војната ја спречил Деметриј,14 помладиот син на Филип V од друга жена, кој бил симпатизер на Рим. Римскиот Сенат и конзулот Тит Квинт Фламинин преку Деметриј се обидувале да оформат проримска странка во Македонија.15 Персеј со лажно писмо за наводна преписка меѓу Фламинин и Деметриј го наведува татка си да го убие Деметриј.16 Убиството е извршено со труење, во градот Астрајон17 кој се наоѓал во околината на денешниот Радовиш. Кога ја дознал вистината Филип силно се покајал и решил да го лиши од наследството својот син Персеј, но во тоа го спречила неговата смрт, во Амфипол, 179 година. На престолот требало да дојде Антигон, син на Ехекрат, внук на Антигон Досон (229–221), но се случило поинаку. Докторот на Филип ја прикрил неговата смрт и тајно му јавил на Персеј, кој во тоа време се наоѓал во Тракија. Персеј со војска дошол од Тракија и веднаш бил избран за крал.18
СО ПРОПАСТА НА МАКЕДОНИЈА СЕ ГУБАТ ТРАГИТЕ ЗА ГРАДОТ ПЕРСЕИДА
По доаѓањето на престолот, Персеј направил повеќе активности за средување на ситуацијата во кралството, посебно односите со Грците. Во неговиот однос со нив тој бил многу повнимателен од неговиот татко, и за брзо време станал омилен и кај голем број непријатели на Рим, па дури и кај Ахајците кои биле најголеми противници на Македонците.19 Во историските извори се споменува дека во 178 година неговата вереница Лаодика, ќерка на кралот на Сирија Селеук IV, жителите на островот Родос, со своите бродови ја допратиле од Антиохија до Македонија, за што Персеј на секој морнар му подарил златна тиара.20 Исто така, тој на Родјаните им дал и големи количини на дрво за градење на бродови.21 Тоа го забележале Римјаните и не можеле да останат рамнодушни на блискоста која била воспос тавена меѓу Персеј и Родос.
Војната со Рим станала неизбежна. Затоа Персеј се обидувал да привлече што повеќе сојузници. Во такви околности е и неговото женење со сириската принцеза Лаодика, а се претпоставува дека тој се женел три пати. Исто така, за да привлече пријатели, тој ја дава за жена и својата полусестра Апама на Присиј II од Битинија, а подоцна својата ќерка ја дава на тракискиот крал Терес. Со сите овие сојузници, наместо против Рим, Персеј се насочил против Еумен II од Пергамон. Еумен во 172 година се пожалил кај Римјаните и на тајна седница Сенатот на Рим донесол одлука за отпочнување војна против Македонија. Есента, 172 година во Македонија била испратена формална римска делегација, а за тоа време во епирските пристаништа била стационирана римската војска.22 Во 171 година започнала Третата македонско–римска војна. Иако Персеј со својата 43 илјадна војска успева да извојува и една победа во Тесалија, кај Оса и Лариса, каде ги протерал римските војски преку реката Пенеј, самиот барал склопување мир со Римјаните, но тие не се сложиле на тоа и извојувале победа кај Фалана, во еден мал коњички судир. Следните две години (171–170) Римјаните не преземале акции поради неслогата меѓу конзулите, а Персеј зафатен со војни против Дарданците и Илирите, кои им биле сојузници на Римјаните, не преземал офанзива против својот главен непријател, Римјаните. Војните против Дарданците и Илирите, Персеј ги водел доста успешно, нанесувајќи им тешки порази, при што како своја база за ослободување од пленот и снабдување со намирници го користел градот Стибера,23 кој се наоѓал на локалитетот бедем кај с. Чепигово. Едно од упориштата на Римјаните и Илирите бил градот Ускана, веројатно, кај денешното Кичево, кого Персеј успева да го освои и да ги зароби римските војници на чело со двајца команданти, а тука се предаваат и 600 Илири. Илирските војници и населението на Ускана, околу 10 000 се продадени како робови во градот Стибера, а римските војници се разделени во повеќе македонски градови на чување. Во следниот период Персеј прави повеќе неуспешни обиди за привлекување сојузници меѓу Илирите, преку нивниот крал Генциј, каде во преговори ги пратил Илириецот Плеврат и Адеј од градот Бероја,24 Бастарните и други, но неговите дипломатски способности не биле на потребното ниво за воспоставување на такви односи и обезбедување на поголема поддршка против Римајните. Кралот на Илирите, Генциј се обидел да извлече поголема сума пари од Персеј во име на поддршката, но не ја доби, а изостанува и поддршката. Нешто слично се случува и со Бастарните со кои Персеј го раскинал договорот, и покрај закажанта средба кај местото Алмана.
На 22 јуни 168 година, кај Пидна дошло до одлучувачка битка меѓу Римјаните и Македонците во која македонската војска доживува тежок пораз25 и со тоа завршува постоењето на независното македонско кралство.
Загинале околу 20 000 Македонци, а околу 11 000 биле заробени. Персеј со придружбата избегал во Пела, собрал голема сума пари и други вредни предмети, околу 6 000 таланти во злато и продолжил кон Амфипол. Се обидел да собере војска кај племето Бизалти, но не успеал. Потоа избегал на островот Самотрака каде бил опколен од римската флота на чело со Гнеј Октавиј, околу 500 Критјани кои биле со Персеј го измамиле, му ги зеле парите и избегале, а останатата придружба се договорила со Гнеј Октавиј и со помалите деца е пуштена на слобода. Персеј со постариот син Филип VI се предал и бил одведен во Амфипол каде бил третиран како крал, а потоа заедно со илирскиот крал Генциј бил одведен во Рим. На крајот кралот Персеј бил затворен во градот Алба, кај Фукинското езеро каде умрел околу 165 година. Во истиот град умрел и неговиот син Филип VI на 18 години како обичен роб–писар.26 На тој начин завршува последното кралско семејство на македонското независно кралство, а со тоа се губат и трагите за градот Персеида кој го подигнал Филип V во чест на својот син Персеј. Можеби некој од локалитетите со остатоци од градски населби од раната антика во Пелагонија, извесно време, го носела името на исчезнатиот град Персеида. Археологот Виктор Лилчиќ смета дека градот Персеида се наоѓал на локалитетот „Градиште“ кај селото Црнобуки, Битолско.27 Археолошки истражувања во иднина можат да дадат потврда на ваквата претпоставка. За сега знаеме дека веднаш над селото, од неговата северна страна се наоѓа поголем рид познат како „Градиште“ на кој има поголемо рамно плато и неколку тераси, на кои се среќаваат остатоци од утврдување и други градби, како и мошне големо количество разновиден археолошки материјал. Такви остатоци имаа и на падините на ридот, како и во селото Црнобуки. Ваквиот материјал упатува на тоа дека овде се крие значајна античка населба.
АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРАДИШТЕ“ КАЈ СЕЛОТО ЦРНОБУКИ