КУЛТНАТА КАРПА „СВЕТЕЦОТ“ НА РИДОТ КАЈ СЕЛОТО НОВОСЕЛАНИ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ
На околу 500 m јужно од Новоселани, на Ридот, на околу 200 m под највисокиот дел, на една од карпите со наткрилен дел, на релативно мазна, добро заштитена површина под карпата, на околу 2,5 m височина, е насликан св. Ѓорѓи како воин, кој ја убива ламјата со копје. Св. Ѓорѓи во воена опрема и јавнат на бел коњ со подигнати предни нозе, со копје прободува во пределот на главата од ламја, која е легната под нозете на коњот. Рамката е поставена во зависност од рамната површина, која гледа надолу, во правецот југоисток – северозапад. Се забележува дека живописот е дело на добар уметник, но значителен дел од сликата е оштетен со дупчење, гребење и сл. Од делот со ламјата е зачувана само главата со зината челуст и мал дел од вратот. Малтерот од левиот дел од сликата во еден дел, круг со пречник од околу 25 cm, е сосема откорнат.
Иако доста оштетен со дупчење и вадење малтер, јасно се забележува силно изразениот лик на светецот, како и вешто насликаната облека. Воопшто, целата слика има јасен израз, хармонизирана естетика со вешто укомпонирани, живи, но ненападни бои. Непознатиот зограф, насликал импресивен лик на светецот, поставувајќи го во динамична и драматична положба во борбата со ламјата, облечен во добро стокмена и убаво украсена воена облека, која вештиот мајстор знаел да ја прикаже во соодветна ликовна естетика. За жал, ликот на светецот бил „нападнат“ со остар предмет и со голем број оштетени места и тешко е да се идентификува неговата психолошка димензија, но од она што може да се констатира од зачуваното лево око и делови од лицето, може да се констатира дека ликовниот мајстор успеал да долови нагласена возбуда и борбен израз, со глава завртена малку надесно и поглед вперен кон ѕверот, кој веќе е прободен во самата челуст.
Треба да се спомене дека живопис на карпа со ваков квалитет е реткост, како што е реткост и позицијата во која е насликан, односно во, речиси, хоризонтална положба со лик свртен кон земјата.
Димензии:
На малтерот: На рамката со живописот:
Должина: 1,35 m Должина: 0,95 m
ширина: 0,95 m ширина: 0,66 m
Дебелина: 0,05 м
Датирање: Според раскажувањето на жители од селото, фреската на карпата од „Светецот“ така ја запаметиле и нивните претци, што укажува на постариот датум на нејзиното создавање, односно најмалку XIX век. Сликањето христијански светец на карпата може да значи извесно култно третирање на самата карпа во постарите периоди. Анализирајќи ја фреската од ликовен аспект, по својата естетика, таа потсетува на фреските од постарите периоди, особено на фреските од XIV до XVI век со што датирањето уште повеќе се усложнува. Вештината во сликањето, складноста на боите, како и вкупната орнаментика употребена во претставувањето на светецот, укажуваат на естетка блискост со фреските во најстарите цркви и манастири во Македонија. Ова може да значи дека се среќаваме со христијанска уметност од исклучително значење, односно со еден исклучителен споменик на културата во Македонија, поврзан со култот кон каменот и со долгата традиција на сликање на христијански светци на карпа.
Белешка: Според Димко Илиоски, роден 1921 година во Новоселани, местото со живопис на карпа го викаат „Светецот“. Во минатото, за време на богомоление, кога се изнесувале иконите од црквата за време на суша, од црквата се одело на бунарот над селото, а потоа поворката со иконите продолжувала кон „Светецот“ каде повторно застанувала.
Според раскажувањето жители од селото, во некое постаро време од шумичката околу карпата со фреска некој жител од соседното село Долнени пресекол даб. Ноќта му се јавил светецот и му рекол да го врати дабот на неговото место инаку ќе му биде земено неговото дете. Човекот ги товарил пресечените дрва од дабот и ги вратил на местото на кое ги пресекол. Денес никој не сече дрва од ова место, па дури и овчарите се плашат и не земаат дрва за да запалат оган кога е студено.
– За светецот „Св. Ѓорѓи”, на Ридот над селото Новоселани Владо Николоски раскажува дека како деца, кога многу седеле летно време по гумната и дворовите, често забележувале како сноп светлина, нешто како виножито, прелетувало од местото „Светецот“ кон црквата Св. Ѓорѓи, која се наоѓа на околу 300 м североисточно, на понискиот дел од Ридот.
– На околу 100 m јужно од „Светецот“, на иста височина на Ридот, една помала карпа жителите ја нарекуваат „Скршен светец“. На неа има остатоци од живопис, кој во некое минато време бил уништен.
– На околу 100 m јужно од „Скршен светец“ во постаро време имало еден голем даб. Местото се сметало за „вакавско”, односно црковно. Од непознати причини дабот го запалиле, но тој останал и натаму жив, односно не изгорел. Жителите на селото сакале да го пресечат, но никој не се нафаќал да го направи тоа. Се нафатиле двајца луѓе од селото Долнени и дошле да го сечат дабот, но поради тоа двајцата се фатиле во нозете.
Уште појужно се наоѓа карпа која е наречена Арапкамен. За неа се вели дека тука некогаш бил убиен некој Арап и тука бил закопан, па затоа карпата го носи тоа име.