ПРЕДАНИЕТО ЗА „ЦАРЕВОТО“ И „ЦАРИЧИНОТО КЛАДЕНЧЕ“ ВО БЛИЗИНА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРАДИШТЕ“ КАЈ СЕЛОТО МАНАСТИР, ПРИЛЕПСКО

Во селото Манастир од ретките жители може да се слушне и едно интересно предание за локалитетот „Градиште“. Нам нѝ го раскажа стариот жител на ова село, Петре Митрески. – На локалитетот Градиште во некое старо време имало тврдина со големи ѕидови во која живееле цар и царица. Тие имале посебни кладенчиња од кои полнеле вода. Едното се наоѓало малку подалеку од ѕидините и од него полнел вода царот. Остатоци од кладенчето можат да се видат и сега, а водата се изгубила од сушата. Тоа се вика Царево Кладенче. Другото кладенче се наоѓало веднаш до портите на тврдината и од него полнела вода царицата. Заради тоа ова кладенче било познато како Царичино Кладенче.

Петре Митрески, кого во селото Манастир го сретнавме пред околу две децении, кога ја живееше својата десетта деценија од животот,  тврдеше дека местата „Царево Кладенче“ и „Царичино Кладенче“ се автентични места, но дека денес се подзаборавиле и се зарастени во трева и грмушки. Преданието само по себе привлекува посебно внимание, бидејќи укажува на некакво значење на древната населба со тврдина на локалитетот „Градиште“, за која на свој начин биле свесни и жителите на селото Манастир. Имајќи предвид дека во селото егзистира трикорабна црква со индиции дека нејзината светост води потекло од почетоците на христијанството (познато е дека помала градба егзистирала уште во 1019 година, а денешната раскошна градба води потекло од 1266 година), значајни случувања на овој простор не треба да зачудуваат. Токму во тој контекст го поставуваме и преданието како духовен производ на извесни историски собитија, кои се случувале на овој простор.