ТРАГИ ОД ЗНАЧАЈНА АНТИЧКА НАСЕЛБА КАЈ СЕЛОТО ПОДМОЛ, ПРИЛЕПСКО
Во селото Подмол е живо преданието за постоењето на некоја голема населба во минатото на овој простор. Духовите ги подгреваат блиските локалитети со возбудливи археолошки содржини, како што се локалитетот “Павла Чука” со големата кралска гробница изградена од повеќетонски камени монолити, локалитетот “Колкот”, кого уште го нарекуваат и “Кралицата”, и други слични наоди од поблиската околина. Просторот на кој е расположено денешното село, исто така, располага со значителни содржини на материјалната култура. Низ селото често можат да се сретнат помали или поголеми питоси по дворовите, гумната и куќите извадени од некој од блиските локалитети при обработката на нивите, а не се ретки ниту обработени мермерни елементи од градбите на некоја древна населба, која била расположена на овој простор. Остатоци од антички водовод се констатирани во самиот центар на селото, кај денешната чешма во близина на селската река. Тука и денес може да се пронајдат остатоци од керамика, па дури и фрагменти од профилирани мермерни елементи.
ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД РАНАТА АНТИКА КАЈ УЧИЛИШТЕТО
Археолозите констатирале населба од „хеленистичкото време“ на просторот на основното училиште во селото Подмол. Во дворот на училишната зграда и денес можат да се видат еден мермерен столб и други камени блокови, остатоци од некоја стара градба. Освен тоа, констатирани се и темели од објекти, фрагменти од садови од керамика, покривна керамика, тули и питоси, како и поголем број обработени плочи од мермер.1 Сето тоа укажува на остатоци од некоја древна населба на просторот на селото Подмол. Според орнаментиката и квалитетот на наодите археолозите констатираат дека се работи за населба од раната антика, односно времето на македонската империја кое започнува со кралот Александар Македонски.
Освен ваквите наоди меѓу жителите на Подмол често се споменуваат и разни случајни наоди од атарот на селото, како бронзени фигури, монети и сл. Нивните чести наоди, исто така, упатуваат на значајна населба во антиката.
СТАРА ЦРКОВНА ГРАДБА И КАМЕНАТА ПЛАСТИКА ВО ДВОРОТ НА СЕЛСКАТА ЦРКВА
Дека кај Подмол се крие некоја античка населба од особено значење потврдуваат и неколкуте споменици со натпис пронајдени во ова село. Еден споменик со натпис во рамките на урнатините од стара црковна градба во дворот на современата црква во Подмол особено го привлекува вниманието. Тоа е поголем, квалитетно обработен, блок од мермер со две борови шишарки изработени во горниот дел на една од четирите вертикални страни и со натпис под релјефот. Релјефот и натписот се наоѓаат во специјално подготвена правоаголна профилирана површина. На натписот се споменуваат имињата на маж и жена, Ιουλια Πουτιλια Φλανια и Αιλιου Καπιτωνοσ.2 Интересно е дека слично презиме Πετιλια се среќава и на натпис на мермерен споменик со потекло од селото Крушевица3 во Мариово, кое се наоѓа од другата страна на Селечка Планина.
Во остатоците од ѕидот на старата црква во Подмол можат да се сретнат и други камени блокови со постаро потекло, а такви има и во нејзината непосредна близина. Во тремот на селската црква се споменува и една мермерна ара (жртвеник) како споменик од римското време, со натпис во девет реда. Од црквата во Музејот на Македонија во Скопје е однесена и една надгробна плоча со натпис. Таа води потекло од локалитетот „Кутлиште“,4 кој се наоѓа во непосредна близина на селото.
АФРОДИТА ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „КУТЛИШТЕ“
Иако „Кутлиште“ се споменува како посебен археолошки локалитет, имајќи ја предвид неговата близина до селото и остатоците на археолошки наоди од населба во самото село, може да се смета дека и овој локалитет е дел од старата античка населба која била расположена на просторот на денешното село. Од овој локалитет потекнуваат неколку интересни наоди, кои археолозите ги датираат во римскиот период. Во Археолошката карта на Република Македонија се споменуваат една теракотна фигура со претстава на жена и монети на римскиот император Јулиј Цезар,5 а друг наод е гореспоменатата надгробна плоча од мермер со натпис. На натписот, меѓу другото се споменува и античката божица на љубовта Афродита, како и посебен дел кој упатува на нејзиното потекло од островот Китера.6 Афродита е една од главните божици од античката религија на овој простор. Среќавањето на нејзиното име на натписи, релјефни и скулпторски претстави во Пелагонија укажува на почитувањето на најзиниот култ на овој простор.
Според митолошкото предание, Афродита е божица на љубовта, која се родила од морската пена оплодена од гениталиите на богот Уран, кои во морето ги фрлил Крон откако го кастрирал со нож од кремен. Таа се појавила гола од морската пена и на школка стигнала до брегот на островот Китера. Токму затоа, таа често е нарекувана Китерка, како што се нарекува и на натписот од споменатата плоча од локалитетот „Кутлиште“ кај Подмол. Островот Китера ѝ се причинил мал и таа продолжила кон Пелопонез. Сепак, нејзиното име е најмногу поврзано со местото Паф на Кипар каде се наоѓал центарот на нејзиниот култ.7
На натписот се среќава и името Аристам,8 кое е особено карактеристично за античкото македонско племе Пајонци. Слично име носи и еден од кралевите на Пајонците. Тоа е Аристон, син на Аудолеон. Аудолеон бил крал на Пајонија од околу 315 до неговата смрт во 286/5 г. п.н.е. Него требало да го наследи неговиот син Аристон, но во тоа време македонскиот крал Лисимах (287 – 281 г. п.н.е.) ја нападнал и ја зазел Пајонија, а Аристон морал да бега во Дарданија.9
НОВИ НАОДИ И НОВИ СОЗНАНИЈА
Со археолошките истражувања, кои последниве години беа спроведени на локалиетот “Оавла Чука“, по информации добиени од месното население, археолозите направија и едно помало ископување на градба во самото село, на десниот брег на Подмолска Река. Тука, според предание и остатоците видливи на теренот се сметало дека има стара црква. Археолошките истражувања, раководени од археологот д-р Антонио Јакимовски, покажаа дека на местото навистина се крие стара градба, која меѓу другиото расополагала и со мермерни елементи. На местото се констатирани и бројни археолошки наоди, како фрагменти од керамички садови, тегули и други предмети. Ова е уште една потврда дека на просторот на денешното село Подмол се крие извесна населба за која сè уште малку знаеме.
НА МЕСТОТО НА НАЈНОВОТО ИСКОПУВАЊЕ ВО СЕЛОТО
ФОТО ДОКУМЕНТИ