МИСТЕРИОЗНА КОНСТРУКЦИЈА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ШАТОРИТЕ“ МЕЃУ СЕЛАТА КОКРЕ И СЕЛЦЕ, ПРИЛЕПСКО

На едно од најистакнатите места на Дренска Планина, на тромеѓето на атарите на селата Прилепец, Селце и Кокре се наоѓа локалитет со впечатливо име „Шаторите“. Тоа е место со широка полјана, на самиот срт на планината, кое зафаќа околу еден хектар рамна површина и се наоѓа во близина на локалитетот „Калусоец“1 кој располага со извори на вода, како и со хектари земна површина богата со трева. На околу 1000 m, југоисточно, се наоѓа локалитетот „Коњарник“ со тврдината, а на 500 m, јужно и на пониска надморска височина, се наоѓа локалитетот „Марков Ѕид“ со остатоци од твр­ди­на и голем број други археолошки остатоци од античкото време до средниот век.2

Помали кругови од камени плочи во делот опкружен со обѕидан канал
Помали кругови од камени плочи во делот опкружен со обѕидан канал

„Шаторите“ е локалитет со таинствени археолошки траги. На површина затворена со кружен канал од 1,2 m, со пречник од 30 m се наоѓаат најмалку четири кругови направени со плочи кои во внатрешниот дел се, веројатно, поплочени. Големиот круг е со непра­вил­на форма, а додека малите кругови во неговата внатрешност се сосема пра­вил­ни кругови со пречник од 3,80 до 4,20 m. Во околината се наоѓаат карпи со впечатливи форми, кои создаваат специфичен амбиент во поширокиот простор на сртот на планината. Можеби не е случајно што со овој дел од планината се поврзани и некои стари преданија и мистични верувања, кои укажуваат на древно човечко присуство. Такви се преданијата за езерото на „Калусоец“ и чудовиштето „стија“ во него, преданието за сточарот влав и момокот од селото Гудјаково, како и верувањето дека земањето на водата од изворот е поврзана со земање човечка жртва.3

Дел од големиот круг со помалите кругови
Дел од големиот круг со помалите кругови

Овие мистични содржини, поврзани со соседниот локалитет на „Шаторите“, „Калусовец“, ја збогатуваат сликата за целиот простор и внесуваат возбуда во неа. Имајќи предвид дека „жртва“ се споменува и во двете пренесени преданија, како и во верувањето дека земањето на водата е поврзано со давање жртва, овие духовни содржини можат да се толкуваат како сеќавање на некое древно случување на овој простор. Тогаш, сосема е логично да се помисли дека ова место е поврзано со некое старо ритуално жртвување, кое се одвивало на одредено место на тој дел од пла­ни­ната. Дали објектите од локалитетот „Шаторите“ можат да се поврзат со вакви нас­тани во подлабокото минато на Пелагонија и Мариово?

Доколку продолжиме да го следиме овој тек на логичко заклучување, фактот што во сите духовни содржини е присутна водата не треба да се занемарува, но ниту фактот на кружната форма на објектите од локалитетот „Шаторите“, кои можат да претставуваат симбол на сонцето и небесниот круг. Жртвувањето во чест на Сонцето е познато од археолошките истражувања на праисторијата, како и од историската литература. Особено жртвувањето бикови.

 

Димензии1

ограден круг

пречник:   50 м

каналот

ширина:    2 м

длабочина: 0,50 м

кружно плато

пречник:    44 м

мали кругови

– круг 1:    пречник 3,80 м

– круг 2:    пречник 4,00 м

– круг 3:    пречник 4,10 м

– круг 4:    пречник 4,00 м

 

Датирање: Можно е потекло на овие мистериозни објекти од праисторијата, поточно бронзеното или железното време, од кога потекнува и погребувањето со примена на т.н. свет круг, застапен во погребувањето под тумули. Кругот на животот и смртта, кој циркулира околу централниот гроб на хероизираниот старешина, таткото на родот.

Тоа значи дека посочените објекти му припаѓаат на времето од 2500 до 700 година пр. н.е. Сепак, без археолошко истражување, тешко е да се утврди датирањето на овој објект.5

Локалитетот „Шаторите“ со мистериозната конструкција од кружни форми
Локалитетот „Шаторите“ со мистериозната конструкција од кружни форми

Конструкцијата од локалитетот „Шаторите“ праисториски објект познат како хенџ

Најпознат хенџ во светот е оној во Англија, наречен Стоунхенџ. Хенџовите се праис­то­риски објекти кои претставуваат простор заграден со поголем канал, со пречник пого­лем од 20 m, а во средината имало конструкции како исправени камења, кругови од ка­ме­ни конструкции, како и слични конструкции од камен. Тоа претставувал извесен свет простор за изведување на ритуали или за некој вид астрономско набљудување. Тој не бил со еден, туку со повеќе влезови. Таков е случајот и со нашата конструкција која се наоѓа на работ на Дренска Планина, на надморска височина од близу 1500 m. Во нашиот случај се среќаваме токму со една конструкција која ги содржи сите елементи на хенџ. Едно сондажно археолошко истражување може да помогне во расветлувањето на идентитетот на овој интересен објект со 4 камени кругови на платóто, заградено со голем канал и ред камења од надворешната страна на каналот.