АНТРОПОМОРФНА СТЕЛА СО ПИСМЕНИ ЗНАЦИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ТРИ КЛАДЕНЦИ“ КАЈ СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО
На просторот кој го опфаќа селото Чаниште, Прилепско има голем број исклучителни култруни содржини од различни периоди. Овојпатне предизвика еден споменик од камен со траги на старата традиција на обележување на гробовите, кој се датира во праисторискиот и архајскиот период од историјата. Една антропоморфна стела, која се наоѓа на околу 2 километри североисточно од селото, на локалитетот „Три Кладенци“ во лозјето на Ристо Брдарот, со својата форма и симболиката врежана на неа посебно го привлекува вниманието и внесува мистика во просторот на кој се наоѓа и предизвикува на размисла.
Стелата се наоѓа легната во близина на изворот, во напуштена градина северно од локалитетот со тврдина, „Убава Глава“. На северниот дел на оградата на градината во која се наоѓа стелата се вградени неколку големи камени плочи и блокови, релативно добро обработени.
Антропоморфната стела за која станува збор претставува столб долг околу 1,8 м, широк 0,3 м и речиси исто толку дебел, со обработени агли и изработена човечка глава на едниот крај на која се обележани косата, очите, носот и устата. Во продожение следува стеснет дел кој го претставува вратот, а потоа на предниот дел се наоѓа натпис од 8 букви за чие потекло до денес не се произнесол експерт. Освен наведеното, се забележува извесна обработка на целата стела, при што нејзината површина е релативно добро измазнета. Слична антропоморфна стела со погруба обработка има и во атарот на селото Крушевица, која ќе ја опишеме во посебен текст.
Во врска со честата појава на антропоморфните стели во планинските области на Македонија, историчарот Наде Проева, спротивставувајќи се на изнесените мислења на некои научници дека македонските имиња биле грчки, истакнува: – Дека тоа не е така, покажува македонскиот староседелечки елемент кој опстојал во недостапните краишта на Горна Македонија, надживувајќи ја како хеленизацијата, односно грчкиот начин на живот, така и романизацијата – римскиот начин на живот, што го покажуваат некои типови на надгробни споменици, култови итн. Така, на пример, една група на надгробни споменици откриени на рабовите на Пелагониската рамнина имаат антропоморфна форма што покажува дека домашното население кое пред римските освојувачи се повлекло во недостапните предели, го зачувало не само својот тип на споменик, што се користел уште од архајскиот период кога гробот се обележувал со антропоморфни стели без натпис, туку и своите автохтони имиња.1 Случајот со името на семејството Мидовци од Витолиште, како и старата традиција на жртвување вол за празникот Илинден во истото село, сосема природно се наметнува како аргумент во прилог на констатацијата во овој цитат.
Локалитетот на кој се наоѓа споменатата антропоморфна стела се наоѓа во близина на тумулите од локалитетот „Барата“ и сосема е логично да се помисли дека таа потекнува од некој од нив. Два тумула од десетината на овој локалитет, од кои едниот е сосема уништен, се наоѓаат на околу 200 метри јужно од стелата, а еден од најдоминантните тумули на локалитетот „Попов нос“, исто така не е оддалечен од стелата повеќе од 500 м. Треба да се нагласи дека од југоисточната страна на долината со старото лозје во кое се наоѓа стелата, се издига доминантниот рид „Убава Глава“, на кој се наоѓаат остатоци од стара населба со тврдина.
Димензии2
должина: 1,64 м
ширина:
– при осоновата 0,33 м
– во близина на вратот 0,30 м
дебелина: 0,19 м
– врат
должина: 0,15 м
ширина: 0,22 м
– глава
висина: 0,30 м
Датирање: Од 900 – 500 г. пр. н.е.