АНТИЧКИОТ ГРАД АЛКОМЕНА КАЈ СЕЛОТО БУЧИН, КРУШЕВСКО

– Алкомена е уште еден антички град од горното течение на Еригон (Црна Река). Тој, според археолозите, се наоѓал кај денешното село Бучин, кое како населба се споменува и во историските документи од средниот век. Од античкиот град Алкомена, според извесни историски податоци, потекнувал и еден истакнат војсководач на војската на Александар Македонски со име Пејтон. Него го споменува стариот историчар Аријан.

„Кале“ од југозападна страна
„Кале“ од југозападна страна

Според историските извори, во горното течение на Црна Река, која во антиката е позната како Еригон, егзисти­ра­ле три поголеми градски населби. Еден од нив е веќе опи­шу­ваниот Стибера кај селото Чепигово, а другите се Алко­ме­на и Бријанион. Додека Бријанион се идентифику­ва со древ­ните остатоци од населба со тврдина на локали­те­тот „Градиште“ кај селото Граиште во Демирхисарско, градот Алкомена се идентификува со остатоците од стара населба кај селото Бучин, односно меѓу селата Бучин и Бела Црква, во прилепскиот дел на Пелагонија. Нив ги споменуваат историчарите како Стра­бон, но и Аријан, кој пишува историја за Александар Македонски. Траги од оваа античка населба се наоѓаат во разни форми на рамниот дел меѓу двете села, но и на локалитетот „Кале“ кај Бучин и „Трновски Рид“ над селото Трновци. Од целиот тој простор потек­нуваат голем број споме­ници од мермерен камен, како и други археолошки предмети, монети и сл. Археолозите, до денес, овде многу малку истражувале и затоа податоците за древната Алкомена се базираат на историските извори, случајните наоди и честите „судири“ на населението од околните села со, помалку или повеќе, фасцинантни наоди, како што се помали и поголеми скулптури и други мермерни споменици, разни фрагменти од керамички садови и сл.

АЛКОМЕНА

Според античкиот писател Страбон градот Алкомена (кај него гласи Алалкомена) бил еден од античките девриопски градови на Еригон1 (Црна Река). Племето Девриопи, според археолозите и историчарите, ја населувало областа Девриоп, која се наоѓала по гор­ното течение на реката Еригон. Градот Алкомена се наоѓал околу 6 km западно од го­лемиот град Стибера, на просторот меѓу денешните села Бучин и Бела Црква. Оваа ан­тич­ка населба, како полис, ја споменува и Стефан Византиски.2 Дека населбата, која во античкиот период егзистирала на споменатиот простор, се викала Алкомена, потврдув­аат и два пронајдени натписи во селото Бела Црква на кои стои неговото име.3 Всушност, на едниот од натписите на мермерните споменици стои името на градот Алкомена, а на дру­гиот оваа населба се нарекува коме. Фанула Папазоглу претпоставува дека населба­та Алкомена во раната антика била град, додека во римскиот период станала коме на гра­дот Стибера, односно населба во рамките на општинската заедница со центар во Стибера.4

„Кале“ кај Бучин ос траната на Демирхисарско
„Кале“ кај Бучин ос траната на Демирхисарско

Спомениците од античката населба кај селата Бела Црква и Бучин, меѓу првите, ги регистрирал охриѓанецот Димица. За нив пишува и археологот Никола Вулиќ. Кај јцата се регистрирани неколку мермерни споменици. Една мермерна плоча со подолг натпис, на кој се споменува и името на градот Алкомена, се наоѓа вградена во црквата во селото Бела Црква.5 Натписот го препишал Димица, а од него го пренесува и Никола Вулиќ. Во ѕидот од црквата во Бела Црква се вградени уште два мермерни споменици, со натпис од кои на едниот, исто така, се споменува населбата Алкомена. Интересно е дека на двата натписи на кои се споменува името на населбата Алкомена се споменува и името на врховниот бог од антиката Ѕевс. На овие натписи се работи за Ѕевс Агорајо што, односно, Ѕевс заштитникот на Собранието (Агората). Интересно е дека кај селото Плетвар, североис­точ­но од Прилеп, среќаваме претстава на овој бог на една карпа на која е изработен во релјеф во помала ниша, а под неа стои натпис посветен на богот.6 Фактот дека Ѕевс Агорајо се среќава и на други места низ облас­та Пелагонија, особено на натписи, укажува на големото почиту­вање на овој култ од жителите на областа.

„Трновски Рид“ со утврдениот дел
„Трновски Рид“ со утврдениот дел

Дека Алкомена бил значен и голем град во антиката, потврда можат да бидат и информациите кои потекнуваат од поблиските и подалечните села според кои разни споменици од античкиот период потекнувале токму од овој град. Некои од нив отишле и подалеку од локалитетот на кој бил поставен градот. Така, за две надгробни плочи со човечки фигури во релјеф, кои се наоѓаат во црквите Св. Димитрија и Св. Никола во селото Кривогаштани,7 се вели дека потекнуваат од Бучин, околу десет километри подалеку. Од Бучин потекнува и една маска од глина, која е пронајдена од некој жител на селото кога од неговата нива исфрлил цела запрежна кола таков материјал.8

Освен регистрираните споменици кои се остатоци од градот Алкомена, меѓу жителите често се споменуваат разни наоди, особено на мермерни споменици, меѓу кои и скулптури, но нивната судбина е неизвесна и најчесто не е познато во чии раце завршуваат. Вакви споменици, како и остатоци од темели од старите градби на Алко­мена, жителите на двете села, Бучин и Бела Црква, често среќаваат при обработката на нивите. Во селото Бучин, на Црна Река се наоѓа и еден стар мост од камен, кој веројатно е остаток од времето на големата градска населба. Слични остатоци можат да се констати­раат и на други места, на просторот на кој бил расположен Алкомена. Денешното село Бучин, иако без некогашниот градски сјај, сепак го продолжува древното патешествие на овој значаен антички град.

Големото плато на „Кале“ над Бучин од јужната страна
Големото плато на „Кале“ над Бучин од јужната страна

ПЕЈТОН ОД АЛКОМЕНА, ОФИЦЕР ВО ВОЈСКАТА НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

Кај еден најцитираните антички писатели, Аријан од градот Никомедија во Битинија, во неговата книга Александровата војна (Анабаза) се споменува и еден офицер од вој­ската на Александар Македонски, Пејтон алкоменеецот.9 Иако не е утврдено со сигур­ност дали тој потекнува токму од градот Алкомена, кој се наоѓал на просторот на селата Бела Црква и Бучин, веројатноста е голема. Кај Аријан се споменува Пејтон како син на Кратева. Овде постои дилема дали Пејтон од списокот на офицерите на Александар, кој го прави Аријан, не е од еден друг град со име Алалкомена од областа Тимфаја. Со оглед на фактот дека Тимфаја се наоѓа на границата меѓу Македонија и Тесалија и дека често ги менувала господарите, а Пејтон е определен од Аријан како Македонец, веројатноста дека овој офицер на Александар потекнува од Алкомена на реката Еригон е поголема. Се разбира, потврдувањето на овој факт е од големо значење и археолозите и истори­чарите би требало да му посветат поголемо внимание. На списокот на Аријан покрај синот на Кратева, Пејтон, се споменуваат и Атал, синот на Андроменеј од Стимфаја, како и други офицери од повеќе градови на Македонија.10 За Фанула Папазоглу веројатноста дека Пејтон потекнувал од градот Алкомена од областа Девриоп е голема, а потвр­ду­вањето на овој факт ќе значи и потврда дека оваа населба во тоа време претставувала полис (град), додека во римско време таа е претворена во коме на градот Стибера.

Фрагмент од мермерен столб и голем фрагментиран питос кај селската црква во Бучин
Фрагмент од мермерен столб и голем фрагментиран питос кај селската црква во Бучин

На ридот од југоисточната страна на селото Бучин се наоѓаат извонредно големи количества остатоци од керамика, градежен шут и други археолошки траги од античкиот период. Тука има остатоци од стара тврдина, остатоци од разни градби од камен и сл. Тоа укажува на фактот дека највисокиот дел од ридот бил утврден и располагал со градби во внатрешноста на тврдината и надвор од неа. Источно од бучинското „Кале“, се наоѓа уште еден рид со помала површина на највисокиот дел на кој, исто така, има ос­та­тоци од утврдување. Овој рид се надвисува над селото Трновци, кое се наоѓа во него­во­то под­нож­је на работ на Пелагониската рамнина. По сè изгледа дека антич­киот град Ал­комена бил расположен во рамнинскиот дел меѓу селата Бучин и Бела Црква, а про­должувал и на возвишенијата „Кале“ кај Бучин и „Трновски Рид“ кај Трновци. Како што истакнува археологот Никола Вулиќ, еден од жителите на селото Бучин, при обработ­ката на својата нива, од неа исфрлил цела кола со цигли и грнчарски материјал.11 Дивите копачи постојано “оперираат” и на двата рида и на нивната површина често мо­жат да се видат и големи дупки раскопани во потрагата по скриени археолошки и други богатства.

Голем питос кај селската црква
Голем питос кај селската црква

Овде мораме да истакнеме еден момент од највисоките делови на стариот град Алкомена поврзан сои нивната намена. Тие, всушност, биле утврдените делови на градот, на врвот „Кале“ над селото Бучин и на „Трновски Рид“ над селото Трновци. Тврдината на „Кале“ била со поголема површина и била расположена на највисокиот дел на ридот, како и на терасите расположени од неговата североисточна и на јужната страна, додека утврдувањето на „Трновски Рид“ е со помали димензии, од околу 1000 м2. Имаме впечаток дека тврдината на „Кале“ била поврзана директно со отворената населба и служела за живеење, но и заштита од нападите на непријателите, додека тврдината на соседниот „Трновски Рид“ била малку поодалечена од отвборената населба и имала посебна намена. Сметаме дека во овој дел од стариот град се одвивале посебни активности и дека во тој дел биле изградени објектите за религиски намени, кои исто така биле заштитени со соодветен ограден ѕид. На ова кале се забележува и впечатлива форма на ѕидовите, кои завршувале со прави агли и целото утврдување личи на голем правоаголен објект. Освен линијата на заштитните ѕидови, денес, на највисоките делови во него можат да се забележат остатоци од стари градби.

Споменик од мермер во фрома на шишарка од римскиот период кај селската црква
Споменик од мермер во фрома на шишарка од римскиот период кај селската црква

АРТЕМИДА ОД БУЧИН

Еден од впечатливите археолошки предмети кои потекнуваат од просторот на кој се наоѓал античкиот град Алкомена е една претстава на божицата на ловот, Артемида, изработена во релјеф на еден сребрен медалјон. Овој наод се датира во преодот од IV во III век п.н.е., односно во т.н ран хеленизам.12 Всушност, тоа е периодот на силната македонска империја и нејзината надмоќ во тогашниот свет. Изработ­ката на медалјонот му се припишува на некој вонреден мајстор од антиката и се смета дека вакви медалјони во тоа време се произведу­вале сериски. Артемида, како што е познато од митологијата, била божица на ловот во антиката, како и заштитничка на девиците и родилките. Таа е ќерка на врховниот бог Ѕевс и божицата Лета и сестра на богот Аполон, бог на музиката, убавите уметности, филозо­фијата, на светлината и сл. Интересно е дека еден од најго­лемите хра­мови на Артемида се наоѓал во градот Ефес, во Мала Азија, поради што таа често се среќава како Артемида Ефеска. Под тоа име ја сре­ќа­ваме и на локалитетот Златоврв, на просторот на денешниот манас­тир „Трескавец“ кај Прилеп, на кој во анти­ка­та егзистирала населба со име Колобаиса. Кон оваа божица Македонците во антич­киот пери­од имале посебен пиетет и ја славеле. Познато е дека и Александар Македонски на својот поход кон Азија запрел во Ефес, кај храмот на Артемида на која и принесол жртва и организирал свечена воена по­вор­ка со потполно вооружени војници и во беспрекорен ред.13 Алек­сандар запрел во Ефес и поради неговот пријател кој потекнувал од овој град, сликарот Апел, кој го насликал храмот на Артемида, а во него го насликал и ликот на Александар Македонски. Храмот на Артемида, на денот на раѓањето на Александар, бил запален од изве­сен Херострат, а во подоцнежниот период е обновен. Обновувањето траело дури 120 години.14

ЗНАЧАЈНА НАСЕЛБА КАЈ БУЧИН И ВО СРЕДНИОТ ВЕК

Во средниот век, кај селото Бучин егзистирала, исто така, значај­на населба. Таа, всуш­ност го носи името кое го носи и денешното село. Оваа населба се споменува во по­ве­ќе документи од средниот век, како и кај некои автори кои пишуваат за историјата на овој крај. И во овој период Бучин била градска населба. Јован Кантакузин, кој е еден од изворите за историјата на Балканот од средниот век, известува дека императорот Андро­ник III во 1330 година навлегол во Пелагонија и нападнал на блиската територија со која владееле српските феудалци. Притоа, тој го освоил и градот Бучин.15 Сето ова значи дека на местото на селото Бучин егзистирала значајна населба и во периодите кои настапиле по антиката, односно во средниот век. Нејзиното значење, веројатно, почнало да опаѓа по турското завладување на Пелагонија како што се случило и со голем број други големи населби.

Утврдувањето на „Трновски Рид“ - поглед од „Кале“
Утврдувањето на „Трновски Рид“ – поглед од „Кале“

Формирањето значајна градска населба на местото на денешното село Бучин го условувале и природно–географските прилики кои го опкружуваат овој простор. Низ него тече Црна Река, која во тоа време била богата со риба и давала можности за наводнување на земјодел­ските површини, а превојот кој од Пелагонија води кон Демир Хисар, врзувајќи ги двата простори, имал посебно значење. Преку превојот во­дел стар пат кој од Пелагонија продолжувал кон Демир Хисар, кон погореспоменатиот антички град Бријанион.