КУЛТНА КАРПА СО ЦРТЕЖ НА ЛОКАЛИТЕТОТ КУКУДЕЛИЦА НА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП

На една поголема карпа, висока неколку метри со неправилна топчеста форма, која се наоѓа на поголема тераса од јужната страна на Маркови Кули, северно од Варош, на локалитетот познат како Кукуделица, на профилот, кој гледа кон исток, во ниша со неправилна природна форма се наоѓа цртеж на кој е претставен човечки лик до појасот. Покрај нишата со цртежот има уште неколку помали ниши со неправилна природна форма. Цртежот е направен со подебели лини, со бела боја, а на него јасно се распознава средно долга кадрава коса на главата, очи, нос и уста, дел од горната облека, како и предмет на левото рамо, кој излегува од задната страна, кој би можел да претставува лак, пушка или сл. предмет. Токму овој предмет ни дава можност да претпоставиме дека се работи за воин или култ со такви особини. Карпата е впечатлива, како по својата форма, така и по естетиката на нејзините профили, особено профилот, кој гледа кон исток, кој располага со неколку природни ниши со неправилна форма. Токму во една од нив – најголемата е изработен споменатиот лик. Пред карпата, како и лево и десно од неа, среќаваме голема камена тераса со поголем број обработки, како кружни јами, правоаголни форми и сл. Целиот овој простор се наоѓа во опкружување на разновидни културни остатоци од различни периоди. Тоа упатува на констатација дека карпата со цртежот во некој од овие периоди била централен објект на извесни култно-религиски активности.

Маркови Кули од југ
Маркови Кули од југ

Консултирајќи ликовни уметници за ликовноста и ликовната издржаност на споменатиот цртеж од Кукуделица на Маркови Кули добивме интересни коментари дека се работи за цртеж со правилен ликовен израз, со познавање на антомските особености и примена на соодветна ликовна сразмерност. Сето тоа, на овој култен објект, односно на оваа култна карпа на Маркови Кули кај Прилеп ѝ дава уште поголемо значење и предизвикува на соодветен третман и истражување.

Главната карпа „Кукуделица“

 Димензии на нишата

висина:     1 м

ширина:    0,40 – 0,60 м

длабочина: 0,30 м

Карпата со цртежот
Карпата со цртежот

 Датирање: Во околината на карпата се среќаваат поголем број гробови со правоаголна или трапезоидна форма длабени по површината на карпите, а се среќаваат и фрагменти од керамички садови од повеќе периоди. Без посебно истражување и анализа на цртежот и евентуалниот археолошки материјал, тешко е да се определи временското потекло на цртежот.