ЕтнологијаНародни творби

ОДБРАНА НА ТВРДИНАТА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП CO ТАПАНИ HA BETAP

Се чини дека тврдината на Маркови Кули се до загинувањето на Крал Марко во 1395 г. била постојано оддржувана и обновувана зависно од власта и владетелите кои владееле со овој дел од Македонија, односно со стариот град Прилеп. Имајќи ги предвид почетоците на нејзината традиција кои и со археолошките истражувања се потврдени уште во периодот на големата македонска империја во антиката, во т.н. хеленизам (македонизам), тврдината веројатно од период во период била постојано актуелна. За сите тие векови и илјадалетија таа веројатно доживеала неизвесно голем број напади и освојувања од разни владетели кои со своите силни војски го освојувале овој простор. Прашањето за таквите освојувања во античкиот период е навистина тешко, но со оглед на историските и археолошките потврди за стратешкото место на античкиот град Прилеп и во тоа време не е тешко да се претпостави дека тој бил изложен на постојани напади на различни организирани војски и наезди на разни племиња кои доаѓале од север во постојани грабежи на развиената македонска држава. Меѓу нив посебно опасни напади вршеле Дарданците кои живееле некаде на денешниот простор на Косово. Според тврдењето на историчарите и археолозите, еден таков напад се случил за време на македонскиот цар Филип V, кога во нападите врз Македонија од страна на римските војски содејствувале и Дарданците и Илирите кои имале задача да навлезат од север. Овие сојузници на Римјаните навлегле преку превојот кај селото Дебреште каде исто така имало силно утврдување со населба1. Во ваквите напади не е исклучено и напаѓање на самиот Прилеп. Освен тоа од историјата е познато дека Прилеп е освоен од Римјаните во 170 г. пр. н.е. Голем број слични напади силното утврдување на Прилеп доживувало и во првите векови на минатото илјадалетие кога овој град бил повеќе пати освојуван од различни владетели меѓу кои византиски, бугарски, српски и други кои често во кратки периоди се менувале едни со други.

Големиот број освојувања и напади што ги доживеал Прилеп во долгите векови на своето постоње се веројатно причина за постоењето народни преданија кои говорат токму за таквите деструктивни настани. Едно од нив е и преданието поврзано со паѓањето на Кралот Марко и со него на неговата престолнина и државата. Имено и по паѓањето на Кралот Марко, според преданието, Прилеп не се предал без борба. Тоа говори за заминувањето на Марко со итроштина од тврдината во друг свет по измислувањето на барутот и пушката кога можноста за јунаштво во праведен мегдан паѓа во вода. Имено, тогаш Марко напуштајќи го Прилеп оставил на тврдината тапани да тропаат на ветар со што турските освојувачи не се осудувале да влезат. Еве како го пренесува во дел ова предание Марко Цепенков:2 – „Откоа си ошол Марко од Прилеп, тапаните се си буале на ветар, дури не му кажала една ѓаолцка баба на Турците оти Марко бил побегнат и тапаните буале на ветар. Коа ошле Турците вистина и нашле тапаните курдисани на ветар.

Мистиката која се крие во преданијата навистина тера на размислу­вање. Преда­нието со тапаните на Маркови Кули на некој начин е блиско со преданието за Крклари кое говори за договорот на 40 турски јунаци да го убијат Кралот Марко, но многу повеќе со преданието за страшната клетва за разурнувањето на тврдината изречена од една баба која ги лулала децата на мајките кои учествувале во градењето за време на кралувањето на Марко. Сите тие во себе кријат набој од содржини кои се напластиле една на друга низ времињата на активно живеење во тврдината и во населбата околу неа (сл.55).

Според она што е познато тврдината по паѓањето на Кралот Марко во 1395 г. почнала навистина да пустее како што е изречено во погоре споменатата клетва. Имено, Турците со доаѓањето на овој простор почнале да се населуваат покрај Оревоечка Река каде што се наоѓа градот и денес и на тој начин стариот град го загубил своето значење, a co него и неговата силна тврдина на Марковите Кули. Тоа е времето кога овој простор го губи своето стратешко значење и почнува да слабее. Тврдината уште извесно време била користена од Турците за одредени споредни намени, но некаде во 17 век престанала и таквата активност во неа. Еве што забележал познатиот турски патописец Евлија Челебија кој овде пропатувал во 1670 год. – „Тврдината е далеку од градот на еден гол и каменит врв; има шестоаголна форма. Таа е тешко пристапна силна тврдина. И до сега (1670 г., з.м.) внатре во тврдината има три куќи, а само еден надзорник на тврдината. Никој друг внатре не живее. Амбарите уште од преземањето се полни со просо.3 Веројатно по времето за кое пишува Евлија Челебија започнал период на разградување при што голем дел од градежниот материјал бил разграбан за изградба на куќи за живеење и други градби.

Врвот Чардак - западен дел
Врвот Чардак – западен дел