77 ЦРКВИ ВО ВАРОШ КАЈ ПРИЛЕП – ЕДНО СЕМЕЈСТВО – ЕДНА ЦРКВА

Предание или вистинита приказна

Старото предание за 77 цркви во Варош, и денес, помалку или повеќе е живо меѓу жителите на Варош, Прилеп и поширокиот простор. За него пишу­ва­ле и постарите автори како што се Марко Цепенков, Георги Трајчев и др. Кај Цепенков е пренесено:1„Се велит од старите оти во с. Варош имало во старо време 77 цркви; сите со зулум биле праени и затоа само неколку има здрави: Св. Димитрија, Св. Никола, Св. Петар и Св. Пречиста. Една има урната и недоурната, а друзите до 71 сет изурнати досамо земи.“ Според повелбите од царот Стефан Душан кои се пронајдени на Трескавец и се однесуваат на овој манастир во негово време, односно XIV век во Варош егзистирале следниве цркви: „Св. Архангел Михаил“, „Св. Никола“, „Св. Петар“, „Св. Теодор Тирон“, „Св. Теодор Стратилат“, „Св. Петка“, „Св. Георгија“, „Св. Кузман и Дамјан“, „Св. Варвара“ и „Св. Јован Продром“.2 Археолошките истражувања кои се вршени во втората половина на минатиот век покажале дека постоеле уште многу други цркви во Варош што упатува на реални основи на споменатото предание за 77 цркви. Повеќето од новопронајдените цркви во нивните остатоци се датирани во првите векови на минатото илјадалетие3. Co нив е регистрирана црквата „Св. Јован“ чии остатоци се пронајдени во близина на основното училиште во Варош4. Освен остатоците од црквата се регистрирани и остатоци од постара градба до која била прилепена црквата „Св. Јован“. Во источниот дел на Варош се откриени остатоци од црквата „Св. Харалампие“5, а меѓу остатоците е пронајден и живопис со делумно зачувана фреска на човеколик монструм.

Црквата „Св. Димитрија“ во 1917 година
Црквата „Св. Димитрија“ во 1917 година

ПРЕДАНИЕ ИЛИ ВИСТИНИТА ПРИКАЗНА

Траги од цркви има на целото подрачје на Варош. Така остатоци од една црква се пронајдени и под темелите на една штала во сопственост на жител на Варош (Ристо Роканоски) каде што е утврдена основа на црковна градба со ширина од 3,2 m., a ce пронајдени и остатоци на фрескоживопис6. Од преданијата кои и денес се живи, a co помош на археолошките истражувања се утврдени и лока­циите на црквите „Св. Врачи“ („Св. Кузман и Дамјан“) и „Св. Ѓорѓи“7, a ce регистри­ра­ни остатоци од уште седум непознати цркви. На тој начин преданието, се чини, од време во време сè повеќе се потврдува како вистинска историска приказна со христијанска содржина. Тоа може да значи дека на просторот на Варош во извесен период од минатото илјадалетие (или порано) егзистирале точно 77 цркви.

Црквата „Св. Никола“ 2
Црквата „Св. Никола“ 2

Co тоа се потврдува и преданието дека секое семејство во Варош поседувало и сопствена црква. Таквиот однос кон христијанството жителите на Варош веројатно го имале пред турското освојување на Балканот и во негови рамки на Македонија. Во тоа време на просторот на Маркови Кули и Варош и Заград имало населба со градски карактеристики, за што недвосмислено говори и преданието за 77 цркви и за поседување сопствена црква на секое од семејствата. Веќе споменуваниот имот над Варош во чии рамки егзистирала и црква може да биде директна потврда на традицијата секое побогато семејство да гради и своја црква во рамките на својот имот . Големиот број цркви од своја страна може да говори и за големиот број жители кои живееле во населбата на тој простор, но и за богатството со кое располагале. Од друга страна, тоа говори и за развиена христијанска култура и просветителство во населбата, односно, градот. Дека големиот број цркви потекнуваат од пред турскиот период говори и датирањето на денешниите цркви, како и оние кои се археолошки потврдени со нивните остатоци. Имено, тие датираат од првите векови на минатиот милениум почнувајќи од XII, па се до XIV век8. Уште повеќе, некои од овие цркви имаат индиции за многу постар датум на светост со поставување постари свети градби, како што се рано­хрис­ти­јанските базилики, но и античките храмови.

Црквата „Св. Атанас“ со манастирот „Св. Архангел Михаил“
Црквата „Св. Атанас“ со манастирот „Св. Архангел Михаил“

Тоа наведува на помислата за долг континуитет на светост на денеш­ни­те христијански градби во Варош. Познато е дека црквата Св. Архангел Михаил  лежи на уште постара христијанска градба чии остатоци и денес се присутни под денешната градба, а слични наоди има и кај други цркви. При истражувањето на црквата Св. Димитрија чија градба е датирана во XIII век со повеќе фази на изградба, се констатирани постари остатоци од градби што исто така може да значи дека оваа градба изникнала на остатоци од постара градба исто така од свет карактер.

Црквата во манастирот „Св. Архангел Михаил“
Црквата во манастирот „Св. Архангел Михаил“

КОГА СЕ УНИШТЕНИ ГОЛЕМИОТ БРОЈ ЦРКВИ ВО СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП

          Еден од мермерните споменици пронајдени при ископувањата во самата црква говори за доаѓањето на извесен јереј Атансие во 1002 година9. Под црквата Св. Никола Мирликиски, која е датирана во 1298 г. и во која се среќава живопис со исклучителна уметничка вредност, се констатирани градби кои датираат од VII и VIII век. Археологот Б. Бабиќ за нив тврди дека претставувале словенски живеалишта10, но кога се работи за наоди во рамките на свет објект навистина вреди повторно да се размисли и истражува. Зашто симптоматично е што барале обични живеалишта на место на кое, според некои архитектонски елементи, постоела и ранохристијанска базилика11. Дали можеби констатираното словенско живеалиште не е сосема старо светилиште на чии основи изникнала и современата христијанска црква?

Црквата Св. Богородица Пречиста
Црквата Св. Богородица Пречиста

Кога се уништени големиот број цркви во Варош? Веројатно тие не се срушени во времето на Кралот Марко кога Прилеп бил седиште на државата Македонија. Се чини дека нивното пропаѓање се случило со големата наезда на Турците Османлии кои Македонија вистински ја освоиле по смртта на легендарниот крал Марко. Дека црквите во Варош по турското освојување на Македонија го завршиле својот силен подем и голем број од нив престанале со својата мисионерска мисија на зацврстување на христијанството на овој простор, има индиции и во некои подоцнежни потврди. Имено, од материјалот од кој биле градени тие подоцна се среќаваат некои градби кои во Прилеп ги изградиле Турците и турската власт. Меѓу нив посебно џамиите, но и некои други градби како што се одредени ѕидишта кои постоеле на просторот помеѓу Варош и Прилеп како и на просторот на самиот Прилеп. Денешните христијански цркви во Варош кои опстојале под различните негативни удари на времето, според старите писатели, биле активни се до 1931–32 г. Денес активно им служат на христијанските верници од Варош и Прилеп Св. Богородица Пречиста, Св. Петар и црквата во манастирот Св. Архангел Михаил. Останатите се водат само како споменици заштитени со закон со извесни настојувања, посебно меѓу верниците, за нивно активно вклучување во служба на црквата и верата. Некои од нив, иако се вистински архитектонски издржани градби преполни со древни културни споменици по самите ѕидови и дворовите, и денес се во голема мерка запоставени и изложени и понатаму на унуштување.