ОСТАТОЦИ ОД РАНОХРИСТИЈАНСКА ЦРКВА ПРЕД СЕЛОТО ВИТОЛИШТЕ, ПРИЛЕПСКО
Интересни споменици на раното христијанство среќаваме во близина на селото Витолиште, на околу 300 м пред влезот во селото. Тука се наоѓала ранохристијанска градба, можеби и од типот базилика. Градбата се наоѓала на едно зараменто плато, на пониските делови на ридот, десно од патот за селото, пред зградите од шумското претпријатие „Црн Бор“ – Прилеп. Две прозорски меноа кои се наоѓаат во кругот на погонот од шумското претпријатие, денес јасно укажуваат на раното христијанство, а некои други остатоци во нивна близина даваат индиции дека на самото место егзистирал ранохристијански храм. Имено, во нивната блиска околина можат да се забележат и други камени елементи, како еден столб, остатоци од ѕид, камени плочи, обработени камени блокови, фрагменти од керамички садови, тегули и сл. Двете меноа од бел камен со потекло од околината, се релативно добро изработени и украсени со крстови со долг вертикален карк и крст при неговиот врв. Додека едното мено е украсено со крстови од двете страни, другото има крст само од едната страна. Денес двете меноа се поставени во исправена положба на бетонска подлога во простор заграден со мрежа од метална жица и метална конструкција покриена со лим. Објектот е посветен на „Св. Кирил и Методиј“ и постои намера за натамошно уредување и изградба. На тој начин, е направена и првична заштита на овие два споменици, а култивиран е и просторот на кој постоела ранохристијанска црква. Еден од ѕидовите на градбата се забележува од северната страна на денешниот објект, со насока исток запад. Во негова близина се споменатите камени плочи, камења со столбеста форма, обработени блокови од домороден камен и сл.ѓ
Првичното уредување го направи Богдан Бегоски заедно со свои блиски и пријатели, а мора да се спомене дека тие направиле и соодветно обележување на местото, со метална табла крај патот на која стои натпис посветен на археолошкиот локалитет.
Дека раното христијанство во овој дел од Македонија било многу присутно со своите христијанси базилики, имаме потврда на повеќе места во Мариово. Имено, на релативно мали делови од областа се констатирани остатоци од повеќе ранохристијански цркви од кои и такви кои со откриената основа на некогашната градба се вистинско откритие. Тоа, пред сè, се однесувана двете ранохристијански базилики на локалитетот „Градот-Маркови Кули“ на брегот на Црна Река,1 „Трпчева Црква“ кај Дуње,2 каде е откриена основа на трикорабна ранохристијанска базилика и слични откритија кои се добиени со не многу активни истражувања на теренот. Покрај тоа се констатирани голем број остатоци на ранохристијански цркви и на други места, посебно кај некои од современите цркви кај кои се наоѓаат елементи од некогашните стари базилики кои биле првите архитектонски објекти на христијанството со пораскошна градба. Такви остатоци имаме во манастирот „Св. Никола“ во селото Манастир,3 на локалитетот „Чебрен“ каде има регистрирано остатоци дури од три цркви, од кои едната е мала градба, сè уште во добра состојба, со убав живопис во внатрешноста, потоа во селото Пештани каде егзистирал и помал град во античко време (римски период)4 и на други места.
Во атарот на селото Витолиште, пак, најмалку уште на две места се среќаваат многу интересни споменици од раното христијанство, кои укажуваат на богата ранохристијанска култура во овој простор.5
Сето ова укажува дека и оваа област во раното христијанство се наоѓала во посебен развој. Тоа и не треба да зачудува ако се знае дека недалеку од Мариово имало и епископски базилики, односно седишта на епископии како во Стоби кој се наоѓа на вливот на Црна Река (Еригон) во Вардар (Аксиј).