ИСКЛУЧИТЕЛЕН КУЛТЕН ОБЈЕКТ – КАРПА СО ЦРТЕЖ ВО ЗАГРАД КАЈ ПРИЛЕП, НА ЛОКАЛИТЕТОТ ТЕТЕБУЛЕ

На источната падина на ридот Тетебуле, на работ од Заград, се наоѓа една помала карпа со форма, која потсетува на печурка, но со широки профили на источната и западната страна, а тесни од северната и јужната, однсоно целата карпа има плочеста форма. На југоисточниот профил карпата располага со една голема ниша во форма на неправилен триаголник и уште две помали, лево и десно од големата, во релативно сразмерен сооднос. На вертикалната површина на средната ниша се наоѓа специфичен цртеж направен од хоризонтални, вертикални и коси линии со бела боја, кои заедно обликуваат извесна зооморфна форма. Цртежот потсетува на четириножно животно, со крупен средишен дел и испружена глава кон север, но тешко е да се идентификува што, конкретно, претставува.

Култната карпа - поглед трите ниши од исток
Култната карпа – поглед трите ниши од исток

Заград е простор, кој е експлоатиран во долг временски период, почнувајќи од подлабоката праисторија, со многу измешани културни периоди и тешко е нешто да се претпостави, без издржана стручна анализа на овој исклучителен експонат од културата на овој простор. Со оглед на традицијата на лозјарството во областа Заград и големиот број објекти од типот винарници во карпа, може да се размислува за извесна култност на оваа карпа поврзана со култот на Дионис. Само во поблиската околина на овој експонат можат да се избројат десетина експонати – винарници во карпа. Фактот, што профилот на карпата со цртежот гледа, приближно, кон исток, исто така, паѓа во очи и наведува на помисла дека се работи за исвесен култен однос кон сонцето.

Зооморфниот цртеж во централниот дел на нишата
Зооморфниот цртеж во централниот дел на нишата

Концептот на нишите од источниот профил, на извесен начин,  се совпаѓа со концептот на три кружни јами на горната површина на карпата. Имено, на неа се наоѓаат три кружни јами – една голема во средината и две помали, лево и десно од големата јама. Трите јами ја следат површината на карпата, со насока север – југ. Веројатно е дека нишите на вертикалниот профил и нивните пандани – јамите од хоризонталната површина на карпата имале особени намени во времето на активниот однос на човекот со овој култен објект.

Култната карпа од исток
Култната карпа од исток

Во околината на оваа култна карпа се среќаваат разновидни културни траги, како од движен, така и од недвижен карактер. На повеќе карпи во близина се среќава разновидна симболика со врежување или боење, а не се ретки ниту фрагменти од керамички садови, питоси, тегули и други видови археолошки наоди.

 

Горната површина со три кружни јами
Горната површина со три кружни јами

Димензии

карпа

висина:              2 м

ширина:            3,10 м

дебелина:         0,60 – 0,80 м

средна ниша

висина:              0,50 м

ширина:            0,79 м

длабочина:       0,20 – 0,30 м

кружни јами

– средна јама

пречник:            0,60 м

длабочина:       0,25 м

– северна јама

пречник:            0,30 м

длабочина:       0,17 м

– јужна јама

пречник:            0,30 м

длабочина:       0,07 м

 

Култната карпа од југ
Култната карпа од југ

Датирање:

 Тешко е да се определи временското потекло на овој култен објект, односно, на цртежот со кој располага тој. Фактот што Заград, располага со голем број винарници во камен и по традиција е област во кој се одгледувала винова лоза, и претпоставката за неговата врска со со култот на богот на виното, Дионис би можел да се искористи за извесно временско определување, но во широки временски рамки, од праисторијата до појавата на христијанството.