СТАРА ЦРКВА СО ЕЛЕМЕНТИ ОД МЕРМЕР И ДРУГ ВИД КАМЕН ОД АНТИЧКА ГРАДБА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРОБИШТА“ КАЈ СЕЛОТО ВОЛКОВО, ПРИЛЕПСКО
На околу два километри јужно од селото Волково, Прилепско, крај патот кој води за селото Старо Лагово, се наоѓа импресивен остаток од стар храм или црква со гробишта. Основата од градбата и денес лесно се забележува, а на влезот од западната страна се гледаат неколку големи мермерни блокови, добро обработени и прилагодени за тој дел од градбата. Според старо предание кај жителите од селото Волково, се работи за стара црква „Св. Спас“, која одамна е напуштена поради оддалеченоста од селото. Градбата се наоѓа веднаш до патот, од неговата лева страна, на патот Волково – Старо Лагово, а во зелена површина од околу 500 m2 се забележуваат остатоци од плочи, диво раскопани гробови и сл.
Мермерните блокови со бројни профилации силно го привлекуваат вниманието со својата импресивност и укажуваат на впечатлива градба од минатото. Освен остатоците од темелите на градбата и мермерните блокови со профилирани рабови, можат да се забележат и фрагменти од тегули и друг вид керамика. Археологот Виктор Лилчиќ смета дека мермерните блокови се донесени овде од некој голем антички храм во близината, односно од локалитетот „Безистен“, во атарот на селото Прилепец. Градбата во која се вградени како сполии, тој ја определува како капела од доцниот среден век околу која се наоѓаат остатоци и од некропола од истото време.1 На неполн километар од југоисточната страна на локалитетот „Гробишта“, се наоѓа повисок рид со форма на купола на чиј врв, во раната антика или римскиот период, било изградено извесно светилиште. Траги од градбата можат да се видат и денес.2
Северно од овој локалитет, во близина на селото Волково, од мнеговата јужна страна, на падините на ридот и на самиот рид се среќаваат фрагменти од керамички садови, тегули и друг вид археолошки материјал, кои упатуваат на населба од доцната антика и средниот век. Можеме само да претпоставиме дека оваа населба била во извесна врска со храмот од локалитетот „Гробишта“.
Во теренот кој се спушта кон селото Старо Лагово, а особено кон селото Беровци, по нивите и денес може да се сретне керамика со белези од раната антика. Во тој потег е и локалитетот „Мирче Ацев“ на кој археолозите констатирале археолошки остатоци.