ВИНАРНИК СО СВЕТИЛИШТЕ НА АНТИЧКИОТ БОГ НА ВИНОТО, ДИОНИС, ВО БЛИЗИНАТА НА СЕЛОТО ПЕШТАНИ, ПРИЛЕПСКО

На педесетина метри над последните куќи на селото Пештани, Прилепско, кое се наоѓа на околу 35 км од Прилеп, од неговата северозападна страна, се наоѓа еден ретко убаво изработен дел на карпа со две големи правоаголни корита за гмечење грозје, кои со посебни отвори се поврзани со друго правоаголно корито поставено нормално на нив со помали димензии. Двете големи корита се со димензии од околу 2,5 м должина и околу 1 м ширина, длабоки по околу 0,4 м, а малото корито има должина од околу 1,2 м и ширина од околу 0,7 м, а во внатрешниот дел има засебно издлабен сад со помали димензии. Оваа своевидна работилница за правење вино, односно за гмечење грозје, е направена на посебна карпа со рамна закосена површина, која се наоѓа на една тераса со површина од стотина метри квадратни, која од јужната страна е заградена со измазнета, речиси вертикална карпа која служела како ѕид на некоја древна конструкција, во чија внатрешност се наоѓале и винарниците. Тоа го покажуваат големиот број траги по карпестата површина на терасата, како и на големата карпа–ѕид од јужната страна.

Винарникот од јужна страна
Винарникот од јужна страна

Посебно внимание привлекува еден дел од карпата на горната страна на терасата, кој е изделкан во форма на платформа од околу 1,5 м2, до која се доаѓа по три добро издлабени скали во карпата. На горната површина од специјално направената платформа, се среќаваат голем број кружно издлабени дупки за чија намена можеме да изнесеме само претпоставки. Имајќи ги предвид двете големи корита од долната страна на терасата, кои се наоѓаат на растојание од околу 5–6 м, како и целата форма на карпата на која се поставени, може да се претпостави дека платформата направена во самата карпа, била своевидно светилиште, односно олтар за принесување на жртви на богот на виното, Дионис. Во тој контекст треба да се нагласи фактот дека во Македонија култот на Дионис во античко време бил посебно живо практикуван, а Дионисиските мистерии биле дел од културата на Македонците. Меѓу другото, познато е дека во Дионисиските мистерии била посветена и Олимпијада1, жената на македонскиот крал Филип II, а мајка на Александар III Македонски. Таа со голем занес учествувала во дивите свечености посветени на овој бог, познат под повеќе имиња. Меѓу нив се Бакх, Дионис, Бромиј, Сабаѕиј и др. Во Македонија и Фригија овој бог на виното и на плодноста е посебно познат како Бромиј и Сабаѕиј. На просторот на Македонија се пронајдени голем број релјефни претстави или скулптури на овој бог, како потврда на неговото почитување. Тоа може да значи дека нему му биле посветувани и цели светилишта или барем жртвеници за каков може да се смета и оваа платформа од карпа кај селото Пештани. Меѓу најинтересните претстави на свеченостите што се правеле во негова чест, дал големиот антички писател на трагедии, Еврипид: мистериите посветени на Дионис ги опишува во својата трагедија „Бакхи“, која ја пишувал при својот неколкугодишен престој на македонскиот двор во Пела во времето на кралот Архелај (413–399 г. п.н.е.), кој, пак, имал посебен однос кон културата и уметноста и во негово време е постигнат виден напредок на овој план во Македонија.

Двете паралелни корита од винарникот
Двете паралелни корита од винарникот

Мистериите кои се одржувале во чест на Дионис, ги правеле посветени жени–свештенички, познати како бакхи или мајнади, кои на денот на празникот оделе во шумите паднати во голем занес и изведувале разни оргиски игри. Секој кој ќе се најдел во близина на побеснети бакхи, можел трагично да заврши, растргнат во оргискиот бес. Токму тоа го снашло еден од кралевите на градот Теба, Пентеј, кој бил внук од ќерка на постариот крал Кадмо. Имено, како што е опишано во трагедијата „Бакхи“ на Еврипид, Пентеј го презирал богот Дионис и наоѓајќи се в шума на денот кога разбеснетите мајнади го празнувале неговиот празник со специјални стапови со бршлен на едниот крај, наречени тирсови, тој бил растргнат од нив, а неговата мајка учествувала во целиот настан, при што со себе ја понесла неговата глава, која ја препознала дури по освестувањето од оргискиот занес.2 Мајката на Пентеј се викала Агава и по трагичниот настан избегала кај Илирите каде се омажила за илирскиот крал.

ВИНАРНИКОТ СО НЕГОВИТЕ ЕЛЕМЕНТИ И ДЕЛ ОД ОКОЛНИОТ ПРОСТОР

ЖРТВЕНИКОТ И НЕГОВИТЕ ЕЛЕМЕНТИ

Карпата од северозападната страна на винарникот - заден дел
Карпата од северозападната страна на винарникот – заден дел