НЕКРОПОЛА НА КАРПА СО ФОРМА НА ПТИЦА – ФАСЦИНАНТЕН СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА НА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП

Стариот град Прилеп, за кого некои сметаат дека во антиката се викал Керамиа, кој бил расположен на Маркови Кули, Варош и Заград е сосема малку истражен. Може да се каже дека сè што се знае за него од археолошките истражувања е стекнато повеќе случајно при истражува­њата на населбата на овие места од средно­вековниот период. Од некои антички пишани извори се знае дека тој од римајните бил освоен во 170 г. пр. н.е.,1 но неговото постоење не било прекинато, туку ако се оценува според постојните материјални факти, градот уште повеќе се развил. Всушност, некои наоди укажуваат на неговото натамошно активно постоење и во периодот потоа. Керамиа, односно, древниот Прилеп останал во Источното Римско Царство заедно со поширокиот простор на Балканскиот Полуостров. Традицијата на жителите на овој град, веројатно, продолжила без битно нарушување на континуитетот на културното живеење. Од првите векови на римското владеење на овој простор се среќаваат траги од култно однесување кон старите антички божества кои биле присутни на овој простор и во претходните периоди. Она што како материјална култура се создавала во тоа време само се надоврзувала и натрупувала над старата. Се разбира, некои елементи од неа добиваат и римски белег, посебно во архитектурата која била во подем токму во тоа време.

Некрополата - птица од подалеку
Некрополата – птица од подалеку

Долгиот континуитет на материјална и духовна култура чии остатоци во разни форми се присутни до денес, носи вистинска возбуда кај сериозниот набљудувач. Мистиката преку духот на древноста и силниот набој на енергија пронижена со длабоки чувства за просторот на кој опстојуваме се вистински ореол над ридот со древни остатоци над Прилеп, заедно со неговата околина, која, е исто така исполнета со мистерии од изминатите времиња кои, помалку или повеќе, биле пронижени со длабоки доживувања, често со трауматични настани. Духот на древноста зрачи од карпите на кои и околу кои се испреплетувале животот и смртта изразени преку трагите од некогашните живеалишта и големиот број гробови кои некогашните жители на овој град им ги правеле на своите починати поттикнати од желбата да им направат што поубаво и потрајно почивалиште во вечноста. Тоа е просторот кој ние денес имаме привилегија да го користиме, повеќе како подлога за духовно исполнување и осознавање и како длабоко културно доживување на предците, кои оставиле безброј пораки во разни форми, посебно по карпестите површини кои се и најпогодни за тоа со својата монолитност и долговечност. Иако не е најсоодветно да се каже, жителите на древната населба на Маркови Кули оставиле вистинска уметност од гробни комплекси по помалите и поголемите површини на карпите.2

Некрополата - птица од исток 5
Некрополата – птица од исток 5

Големите површини на некои карпи, кои и по самата форма посебно го привлеку­ваат вниманието, се чини, сосема смислено некогашните предци на овој простор ги исполнувале со мајсторски издлабени гробови подготвувајќи посоодветен простор за вечно почивалиште на своите мртви. Таквите камени гробови ги има на целиот простор на Маркови Кули и често остануваат незабележани, но и немарно уништувани со кршење на карпите за градежен материјал. Имајќи предвид дека гробовите во камен се присутни сè до под самите врвови на ридот, се чини дека животот и смртта на древ­ните жители постојано биле во испреплетување како елементи на единствено опстојување. Освен ваквото преплетување на двете најреспек­тивни спротивности од вселенското живеење, неизвесно е и времето на по­тек­лото на различните гробови од овој тип. Според досегашните архео­лош­ки сознанија кои не се посебно големи, ваквиот вид на гробови се повр­зу­ваат со поголем период на време од антиката до средниот век.3 Ние, без научни претензии ќе додадеме дека ваквиот тип гробови можат да водат потекло од најдлабоките почетоци на човечката цивилизација, најрано од првите обиди да се обработува каменот, посебно со појавата на првите метални предмети со кои е можна обработка на каменот каков што е гранитот. Дека цивилизацијата на овој простор била присутна и во тие времиња е непобитен факт докажан и со поголем број археолошки наоди.4

Некрополата - птица од североисток  3
Некрополата – птица од североисток 3

КАРПА ВО ФОРМА НА ПТИЦА СО РАШИРЕНИ КРИЛЈА, ФАСЦИНАНТНА НЕКРОПОЛА

          Некрополите изработени на карпа се посебно забележливи од јужната страна на Маркови Кули, во пониските делови на ритчето, како и на неговата средна висина. Тука се изработени цели комплекси од гробови во камен меѓу некои фасцинантни форми на карпи, како и на нив. Некои од карпите во посебни времиња, веројатно, претставувале своевидни култни објекти како што не е исклучено да значеле и со веќе изработените и искористени гробови.

Некрополата - птица од североисток  2
Некрополата – птица од североисток 2

Една поголема некропола целата лоцирана на поголема површина од една карпа, со навистина фасцинантна форма на птица, е вистински култу­рен споменик со висок духовен набој. Заедно со гробовите од неј­зи­ната горна површина таа претставува своевидна скулптура на непознат мајстор која има амбиции за победа над временската минливост и остану­вање во, вечноста. Таа е во сосема здрава состојба и претставува монолит неначнат од времето кој со продуктите на погребувањето е еден од нај­ат­рак­тивните елементи на Маркови Кули иако, според сознанијата, не е посебно позната меѓу пошироката јавност. Навистина е неодминливо пра­шањето дали некогашните жители на населбата на Маркови Кули смислено не ги подготвувале своите вечни почивалишта токму на вакви трајни места како што се цврстите површини на големите гранитни монолити кои се основен елемент од амбиентот на ридот. Оваа некропола е расположена од горната страна на Карпата–птица чија површина е сосема исполнета со четириесетина гробови со поголема и помала димензија длабени во карпата и кои денес празни зјаат кон небесната широчина. На тој начин некогашните жители на оваа населба како да сакале да им обезбедат трајни почивалишта на своите мртви. Од друга страна, карпата која од едната страна има форма на широко отворен клун, a на другата форма на огромно тело на птица со раширени крилја, исто така има силна асоцијација дека мртвите големата птица треба да ги „однесе“ горе на небото во вечен живот после смртта.

ПАТЕКА ЗА ТРАНСПОРТ НА ПОКОЈНИЦИТЕ И ДВИЖЕЊЕ НА ПОВОРКИТЕ

Овој исклучителен објект за погребување на мртвите во подалечното минато, денес претставува вистински споменик на културата – редок по својата форма за поширокиот простор. Интересно е што на теренот може да се проследи и патеката по која се транспортирале покојниците до некрополата и по која се движела поворката. Токму пред карпата со гробовите, од нејзината северозападна страна, биле прилагодувани и карпестите површини со рамнење и изработка на скали за движење. Непосредно до некрополата, оваа патека приоѓа од нејзината северна страна. На тој начин имаме уште еден интересен податок за случувањата поврзани со погребувањето и ритуалите поврзани со овој чин. Мора да се напомене, дека една друга, многу потесна патека приоѓала до некрополата од нејзината југоисточна страна, врежана во карпите од таа страна. Веројатно е дека таа се користела за пристап до некрополата по пократок пат. На самиот објект можат да се забележат и други интервенции и објекти поврзани со ритуалите, кои се правеле при погребувањето, како и при посетувањето и оддавањето почит на покојниците. Тоа се некои помали јами крај самите гробови или извесни ниши на вертикалните профили на карпата – птица.

Скали во близина на некрополата од северозападната страна
Скали во близина на некрополата од северозападната страна

Иако е тешко поточно да се датира времето во кое споменатата некропола му служела на стариот град Прилеп, користејќи го фактот што во нејзина близина се наоѓале, најмалку, две гробници од македонски тип, како и честите наоди на фрагменти од керамички садови, керамички тегови со пирамидална форма и слични наоди со белези, кои упатуваат на раната антика, можеме да посочиме дека оваа некропола потекнува токму од тој период, однсоно од периодот на античкото македонско кралство.