ФАСЦИНАНТНА КАРПА СО ГРОБОВИ ОД ДРЕВНО СЕМЕЈСТВО – КУЛТЕН ОБЈЕКТ ОД СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП ПОВРЗАН СО КУЛТОТ НА ПРЕДЦИТЕ

Локалитетот Маркови Кули кај Прилеп, според културните содржини кои ги поседува, се одликува со голем број особености, кои не можат да се сретнат на други археолошки локалитети. Овде, посебно мислиме на разновидните појави на материјална култура од различни периоди, кои се поврзани со карпестиот релјеф и карпестите површини. Жителите на населбата, која се наоѓала на површината на овој локалитет била во вистинска „симбиоза“ со самиот релјеф и расположливиот простор меѓу разновидните форми карпи од вулканско потекло. Самите живеалишта биле вклопувани и прилагодувани на просторот и формите со кои располага овој рид, а трагите од таа „симбиоза“ се забележуваат на секој чекор, речиси на секоја карпа, како на вертикалните, така и на хоризонталните или косите површини. Тие се разновидни симболи и форми направени со врежување или боење по површините на карпите, обработки за вклопување или надградба на живеалиштата, разновидни тераси, како и голем број гробови издлабени во карпа. Може да се каже дека локалитетот Маркови Кули кај Прилеп е своевиден рекордер по бројот на гробови издлабени во карпа, со трапезоидна или правоаголна форма, со разни придружни обработки, остатоци од подготовка на гробните јами за поставување капаци и надградба со обележја и сл. Самиот факт на големото присуство на вакви експонати од материјалната култура упатува на големината и значењето на населбата, која била располижена по површината на ридот, како и на неговите падини. Појавата на користењето на ист простор за изградба на живеалишта и изработка на вечни почивалишта на жителите на древната населба на овој простор предизвикува мистични чувства и не упатува на размисла за односот на овие наши предци кон покојниците, односно, нивниот однос кон животот и смртта, како неминовност. Мораме да нагласиме дека при подготвувањето на вечните почивалишта се забележува извесно тежнеење да се избере вистински простор, впечатлива големина и фрома на карпа за изработка и сл. Доколку се анализираат елементите на некои посебни вакви објекти ќе се констатира дека тие претставувале вистински погребни споменици, често со импозантна форма и фасцинантна естетика. Тоа упатува на нивната намена за погребување на покојниците, но и за култна употреба, како своевидни култно-религиски објекти поврзани со култот кон предците и божествата кои „господарат“ со задгробниот живот.

Карпата со гробовите од источната страна
Карпата со гробовите од источната страна

Таков култен објект е една карпа од југоисточната страна на Маркови Кули, која е дел од поголем разигран карпест простор со грамадни карпи, со особено привлечен релјеф, посебно го привлекува вниманието. Таа има нагласени димензии (околу десет метри во височина и 7-8 метри во ширина) и впечатлив профил од источната страна, со нагласени вертикали и мазни површини со светла бело-жолтеникава боја, која го привлекува вниманието од поголемо растојание. Во централниот дел, при подножјето, има помала пештерка со триаголна форма, која ја разделува карпата на два дела. Во положба на расчекор и притоа на целокупната форма и дава антропоиден изглед со делови во форма на ноза во долниот дел и тело со ипакнат стомак во повисокиот дел. Западниот дел од оваа карпа е со полукружна форма, а на нејзината горна површина се приоѓа со пречекорување на длабок процеп, кој ја одделува од останатиот дел гранитна маса. Од нејзината западна страна, се протега поширок карпест простор, во голема мерка рамнет за одредена намена, а на дел од него се среќаваат и гробови издлабени во карпестата маса. Заедно со другите наведени карактеристики, карпата добива нагласена естетика со своевиден жив и еротичен израз. Дека оваа исклучително фасцинантна карпа била забележана и искористена за определена намена покажува и тоа што на нејзината горна површина, која е делумно хоризонтална, а делумно благо закосена, среќаваме четири издлабени правоаголни, односно, трапезоидни форми, со должина од 1,80 м до 1,30 м, од кои најзачувани се двете во централниот дел. Горната површина, на која се расположени погребните јами, била заградена со извесна оград, можеби и ѕид од камен, како и покривна конструкција. Таквиот објект бил поставен на правоаголно оформена основа по рабовите на карпата и целата површина зафаќа десетина метри квадратни. Значи, оваа карпа била искористена како погребен објект и долго време била третирана како почивалиште на нечии предци од стариот град Прилеп. Притоа, таа била објект на разновидни активности поврзани со култно-религиското верување и култот кон предците чиј дух требало да ги заштитува живите членови на нивното семејство и да се грижи за нивното здравје и просперитет. Овде е неопходно да се нагласи дека присуството на четири издлабени јами на горната површина на карпата упатува на погребен објект во сопственост на извесно семејство од стариот град. Тоа не наведува и на размисла дека во тоа време, постоел и начин на распределба, односно обезбедување на погребен простор за потребите на семејствата на градот Прилеп. Сосема е веројатно, дека постоел и своевиден престиж при изборот на таквите места, не само од аспект на местополошбата, туку и од аспект на атрактивноста на посебните карпести форми. Една од тие атрактивности, секако било и тоа што карпата, а посебно просторот на кој се расположени гробовите, зазема исклучителна положба со визуелна доминација над широкиот простор на долината на која денес е расположен градот Прилеп.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Околината на оваа карпа е полна со слични содржини, односно, голем број гробови издлабени во карпа по површините на околните карпи, како и слични обработени делови во некои пештерски простории, кои биле користени од древните жители за потребите на животот и смртта. Карпата, која ја опишавме погоре зазема централно место во комплексот од големи и специфично оформени карпи и заедно со големата зелена тераса пред неа, целиот простор добива уште посилни прирдони и естетски димензии на кои не можеме да останбеме рамнодушни ни денес.

Денес, пештерката во карпата за која овде станува збор е прогласена за светилиште посветено на св. Игнатиј.