КАРПА СО ВРЕЖАНА СИМБОЛИКА СО МИСТЕРИОЗНО ЗНАЧЕЊЕ, ПОД ВРВОТ ВИСОКА КАЈ СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО
На една помала карпа на локалитетот Крушка, под врвот Висока (Ќаве), кај селото Крушевица, Прилепско, на триесетина километри југоисточно од Прилеп, се наоѓа цртеж направен со издлабени канелури, како и јами со кружна и елипсовидна форма. Цртежот е „исцртан“ од западната страна на карпата, почнувајќи од највисокиот дел, па се до дното на карпата. Формата на цртежот е антропоморфна, со димензии од околу 1,30 м должина и 0,60 м ширина. Димензиите на малите кружни и елипсовидни јами се различни и се движат од 0,07 до 0,15 м пречник и околу 0,05 длабочина.
Со различна длабочина се и канелурите, кои го оформуваат цртежот. Тој започнува со една елипсовидна јама на највисокиот дел и продолжува по сртот на карпата кон запад со голем број канелури и неколку кружни јами, кои често се поврзани со канелури или од нив излегуваат и по неколку канелури како прсти или зраци. По сртот на карпата кој продолжува кон југоисток има уште неколку кружни јами, а канелури и кружни јами има и на нејзиниот северен профил од кој има издвоено едно поголемо парче. Кружни јами има и на ниските карпа крај карпата со цртеж, што може да значи дека целата карпа била дел од некоја поголема конструкција. Целата карпа претставувала објект со конкретно значење, со кое е поврзана и врежаната симболика на нејзината површина.
Димензии
– цела карпа
висина: околу 1 м
должина: околу 2,5 м
ширина: околу 1,5 м
– цртеж
висина: 1,10 м
ширина: 0,60 м
Датирање: Датирањето на цртежот (објектот) е многу тешко. Потребни се посебни анализи, кои кај нас тешко се изведуваат. Тргнувајќи од опкружувањето со културни содржини, сепак може да се извлече некаква претпоставка за староста на објектот. Од западната страна, на највисокиот дел на планината се наоѓа локалитет со голем број градби, со тврдина и една градба со киклопски ѕидишта. Киклопскиот ѕид се датира во 4–от или 3–от век, а големата населба живеела до 13 или 14 век. На овој локалитет се среќава и керамика со постар датум, односно, со белези од праисторијата, железното и бронзеното време, што значи дека населбата има постари корења. Наше мислење е дека објектот со цртежот потекнува од праисторијата и би го датирале во долг период од 2500 до 700 година пред нашата ера. Поопстојни истражувања би дала поточно датирање.
Белешка: Објектот е предмет на интерес на дивите копачи, кои сметаат дека цртежот претставува карта на скриено богатство и раскопале еден голем дел од источната страна при што растуриле група поголеми камења и отвориле поголема јама во земјата во потрага по скриено богатство.