МЕГАЛИТОТ ПИСАН КАМЕН (ПИСАНИКОТ) ПРИ ВРВОТ МАРГАРА, КАЈ СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Вистински мегалит, со карактеристики најблиски до определбата која е прифатена од научната јавност, со специфична форма, украсен со триесетина крстови со различна големина. Се наоѓа од западната страна на врвот „Маргара, на околу 5 км западно од селото Чаниште, Прилепско, на широка полјана на таа страна. Во неговата околина има траги од старо обработен камен, од ѕидови на огради или слични градби. Еден ред од камења, во форма на основа од ѕид, се забележува од северната страна на мегалитот.

Мегалитот претставува карпа со корен, обработена во форма на јазик, а потсетува и на голема форма на антропоморфна стела. Археолозите за локалитетот „Маргара се изјаснуваат како за локалитет со остатоци од праисториското време. На долните падини на „Маргара, од северната и југозападната страна има поголем број тумули – гробници од железното, а можеби и бронзеното време. Од северната и североисточната страна, се расположени тумули на локалитетите Ѓуркова Ливада, Дашков Гроб, Каменица, малку подалеку Ѓерамиди – локалитет со голем тумул и остатоци од населба од новото камено време. Од Источната страна на „Маргара”, во ниските падини, исто така, има неколку тумули, односно, гробници од праситориското време.1

 

Димензии

висина: 2,35 м

ширина:   – во средината: 1,40 м

– во основата: 1,70 м

дебелина: 0,35 м

 

Датирање: Од 2000 до 700 г. пр. н.е.

 Белешка: Меѓу жителите на селото Чаниште мегалитот, освен „Писаникот“, познат е и како „Писан Камен”. Постои раскажување за ископано благо во ковчег во негова близина, кое се случило пред неколку децении, по претскажување во сон на жител на селото Рапеш во Мариово. Во претскажувањето на наоѓачот му било предочено дека од местото треба да си замине со свирка (музика) и тоа, според раскажувањето, така се случило.

Според предание, Писаникот е граничник на древна граница, која водела од Чепигово, преку Маргара, на Простиот Камен и водела некаде преку Црна Река.

Земајќи го предвид фактот што крстовите на „Писаникот“ во многу потсетуваат на шематизиран приказ на антропоморфна фигура, со тоа што хоризонталниот крак се наоѓа многу високо до горниот крај на вертикалниот крак, кој завршува со кружна длабнатина (глава), сосема е веројатно дека не се работи за христијански, туку за крстови од постар датум. Тоа би значело дека целиот мегалит е обработен во праисториското време, заедно со неговата орнаментика – крстовите.