ОСТАТОЦИ ОД ХРАМ И НЕКРОПОЛА СО ПЛАНСКИ РАСПОРЕДЕНИ ГРОБОВИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ЗАРИД“ КАЈ СЕЛОТО ШТАВИЦА, ПРИЛЕПСКО

„Зарид“ е уште еден интересен локалитет со археолошки содржини, кој се нао­ѓа на еден рид од југоисточната страна на селото Штавица, на левиот брег на Штавичка Река. Ридот го обеле­жу­ва една исправен надгробен споменик (стела)  со специфична форма. Стелата е направена од камена плоча, при што во подножјето е изработен полу­круг или круг, кој е делумно закопан во земјата, потоа има стеснет дел, па кружна форма, а на вр­вот среќаваме глава, која и дава антропоморфен изглед. Поставена е приближно во правецот исток запад, со тоа што на источната страна е косо навалена, а на повисокиот дел од западната страна, на плочата е издла­бен и еден крст, но според естетиката тој, веројатно, е секундарно изработен.

Локалитетот „Зарид“ од исток 2
Локалитетот „Зарид“ од исток 2

Имајќи ја предвид познатата традиција во Пелагонија и Мариово, која потекнува од архајскиот период (6 век п.н.е.) со обележување на гробовите со надгробни споменици со антропоморфна форма, како и продолжување на истата традиција се до првите векови на новата ера, може да се смета дека и овој споменик има слично потекло и би требало слично да се адатира, иако немаме посериозни аргументи за прецизно датирање.

Локалитетот „Зарид“ од исток
Локалитетот „Зарид“ од исток

На највисокиот дел од ридот има остатоци од градба, односно остатоци од црк­ва или храм и некропола расположена на околу 200 m2 по должината на ридот. Град­бата зафаќа мала квадратура од околу 20 m2, а пред неа има и два реда плочи, гробови или некој вид трем со камена маса и камени седишта на кои седеле посети­телите. Гробовите се правени со камени плочи, поголемиот број откриени, а има и дел на кои стојат и покрив­ните плочи. Гробовите се правилно распоредени во 4 реда, во правецот исток – запад, од типот циста, односно, конструкции од камени. На падините, посебно од северната страна, се среќаваат и фрагменти од кера­мич­ки садови и подебела керамика, но без особени белези. Тешко е да се каже на која населба му припаѓал храмот со некрополата. Не треба да се исклучува можноста дека извесна стара населба се крие на површините меѓу самиот локалитет и селото.

Селото Штавица од запад
Селото Штавица од запад