ПРИЛЕП – ГРАД ПРЕСТОЛНИНА СО ЦАРСКИ ДВОРЦИ И ЕПИСКОПИЈА

Денес кога се посетува манастирот Св. Архангел Михаил над Варош во импозантната градба срасната со гранитниот амбиент на Маркови Кули не може да останат незабележани големиот број мермерни споменици од различни времиња кои се распоредени во црковниот двор или вградени во самите црковни и манастирски градби. Иако манастирот со денешната црква за археолозите води потекло од 12 век сите елементи кои се присутни во неговиот круг не се од овој “близок” век. Голем број од нив се дело на некои мајстори уште од далечната антика. Такви се, пред се, трите големи мермерни столбови вградени во тремот пред самата црква, кои посебно го привлекуваат вниманието и ѝ даваат исклучително впечатлива естетика на градбата. Овие столбови веројатно имаат сосема долга традиција на примена во разни градби низ големиот број векови кои ги поминале од своето „раѓање“ до денес.

Манастирот „Св. Архангел Михаил“ од северозападната страна
Манастирот „Св. Архангел Михаил“ од северозападната страна

Токму на еден од мермерните столбови има писмени траги кои упатуваат на нивната старост, која не се совпаѓа со староста на денешната градба на црквата во манастирот. Тоа е првиот столб во колонадата од три слични елементи пред влезот на градбата на кој стои натпис на кој се говори за денот на смртта на извесен епископ Андрија во 996 година1. Кој е овој епископ од литературата не ни е познато, но самиот факт на таквата содржина на натписот на мермерниот столб упатува на заклучок или барем аргументирана претпоставка дека во древниот град Прилеп во десетиот век престојувал епископ, што од друга страна може да значи дека тој бил и седиште на црковна власт, односно епископија. Тоа од своја страна укажува и на значењето што му било давано на градот во тоа време.

Манастирот „Св. Архангел Михаил“ од југ
Манастирот „Св. Архангел Михаил“ од југ

Фактот дека натписот води потекло од времето на Самоиловата држава исто така заслужува внимание. Имено, од историјата е познато дека Прилеп во тоа време бил едно од седиштата на царот Самоил, што значи дека освен седиште на епископија тој располагал и со царски дворец во кој престојувал царот со сопствената царска свита и послугата. Во прилог на ова е и историското сознание дека токму во Прилеп Самоил ги дочекал своите 15 000 ослепени војници по загубената битка кај планината Беласица од војската на византискиот император Василиј II. Како што е познато од историјата по здогледувањето на својата жална војска, чии колони не се догледувале во просторот пред него, Самоил силно потресен се разболел и само по два дена починал со што и започнува крајот на неговата држава. Каде престојувал царот Самоил додека ја чекал својата поразена и ослепена војска во Прилеп? Веројатно е дека во овој град тој имал и свои, царски градби и простории во кои престојувал, но во науката нема сознанија за тоа, па ниту ни е познато дека некој посебно се занимавал со тоа. Доколку овој цар имал свој помошен дворец во овој град, ние денес не знаеме ништо за нив. Неговите следбеници кратко време продплжиле со владеењето но, како што е познато, не успеале да ја задржат, а со тоа, веројатно, и градбите од евентуалните царски дворци во Прилеп се запуштени или пренаменети за други потреби.

Црквата во манастирот „Св. Архангел Михаил“ од северозапад
Црквата во манастирот „Св. Архангел Михаил“ од северозапад

Градот Прилеп, сепак, не останал без царски градби и царско удостојува­ње во следните векови. Географската положба и развиената градска населба го привлекувала вниманието и на следните цареви кои владееле со просторот на Македонија низ вековите. Траги на царско присуство во Прилеп забележуваме и во времето на српскиот цар Стефан Душан (1331–1355 г.) кој Прилеп го освоил во 1334 г. Тој во Прилеп имал свој дворец со комплетна царска послуга кој, веро­јатно, го користел при своите патувања во овој дел од царството. Од него се издадени и три повелби за манастирот Трескавец кои служат како верни извори за историските случувања во тоа време на овој простор, посебно во Прилеп. За дворецот на цар Душан во Прилеп потврда добиваме од српскиот архиепископ Данило, кој за тоа пишува во своето дело „Животот на кралевите и архиепископите српски“. „И другите краеви и градови грчки што ги зазеде ги присоедини кон земјата на својата татковина и некои многу земји од областите на тоа царство и градови чии имиња се: прво славниот град Охрид и славниот град Прилеп (во кој благочестивиот крал изѕида за себе двор за живеење)2…“ Тој во ова дело освен напоменувањето дека кралот Душан изградил дворец за себе набројува и неколку дворски великодостојници. Овде мораме да напоменеме дека изградбата на царски дворци од страна на царот Стефан Душан, можеби е резултат на некоја постара традиција, односно, постоење на слични градби и пред неговото време. Во овој контекст интересно е да се прибележи дека овој цар, на некои свои претставувања во пешатена форма применувал и определба „Македонски цар“, феномен кој во науката не е еособено добро објаснет.

Цар Самоил
Цар Самоил

 

Столбот со натписот од времето на цар Самоил
Столбот со натписот од времето на цар Самоил
Натписот посветен на епископот Андреја од времето на Самоил
Натписот посветен на епископот Андреја од времето на Самоил

Кога сме кај традицијата, треба да се истакне и фактот дека на просторот на кој се наоѓал стариот град Прилеп има археолошки остатоци во нагласени димензии од многу постарите периоди, особено за бронзеното и железното време, кога тој, веројатно, имал посебно значење во областа. Големиот број антички споменици, кои ги среќаваме на разни места на просторот на кој бил расположен градот, особено по црквите во Варош, но и низ денешниот Прилеп, упатуваат на неговото значење и во антиката, посебно во римскиот период. Токму од римскиот период потекнуваат голем број значајни споменици и археолошки предмети, а од Варош потекнува и една статуа на римски цар, какви што имало во позначајните градови во империјата.

Повторно во манастирот Св. Архангел Михаил среќаваме податоци за царско присуство во Прилеп во старите векови. Сега податоците ги наоѓаме на самиот ѕид на црквата пред самата влезна врата. Имено, тука од двете страни на вратата на црквата се среќаваат два насликани ликови на двајца познати владетели на Македонија, кралот Волкашин и неговиот наследник и син Крал Марко, кој со славата далеку ги надминува сите претходни цареви бидејќи влегува во народното предание и станува вистинска легенда, која освојува голем дел од светот со големите јунаштини опишани во приказните за него. Двата лика на кралевите Димитрија Волкашин и Марко се насликани – Марко од десната, а неговиот татко Димитрија Волкашин од левата страна на вратата на западниот ѕид на црквата „Св. Архангел Михаил“. Според проучувањата, тие се изработени во времето не Крал Марко, веројатно, по смртта на Волкашин кој, заедно со својот брат Углеша, загинал на реката Марица, во местото Черномен каде што со шеесетилјадна војска се обиделе да го спречат напредувањето на силната османлиска војска на Балканот. Ликовите насликани на надворешниот ѕид од црквата денес се доста избледени но, сепак, видливи. Двата лика се во стоечка положба облечени во царски одежди. Волкашин е со бела брада и коса, а младиот Марко со црна коса и брада.

Врвот „Чардак“, највисокиот дел од тврдината на Маркови Кули
Врвот „Чардак“, највисокиот дел од тврдината на Маркови Кули

Самиот факт што двајцата кралеви владееле со својата држава од Прилеп, односно тој бил нивна престолнина, укажува на значењето на овој град во тоа време. Имено, тоа значи дека тие имале и свои царски престојувалишта со сите придружни елементи, кои се неопходни за царски дворец. Тие, се разбира, биле на највидни места во населбата, во најзаштитениот дел на тврдината, зад највисокиот дел од утврдениот дел од градот. Тоа е време кога ридот Маркови Кули бил сосема приспособен за живеење со голем број градби за живеење, градби од царските служби и силно утврден. Некои од археолозите, иако не се обидуваат посебно да ги лоцираат царските градби во стариот град Прилеп, упатуваат на локацијата на денешниот манастир „Св. Архангел Михаил“, каде и среќаваме многу обележја од таков карактер, како и голем број архитектонски елементи од мермер, кои биле дел од некои значајни градби во минатото.

Значаен простор во повисокиот дел на тврдината - западно од Чардак
Значаен простор во повисокиот дел на тврдината – западно од Чардак

Освен царските дворци во времето на Волкашин и Марко во Прилеп за времето на Марко било и седиштето на епископијата кое било преселено со неговото загинување во битката со влашкиот војвода Јован Мирчеа на планината Ровине. Co постоењето на епископско седиште во Прилеп во времето на Самоил, како и подоцна на Крал Марко, неминовно е и поврзувањето на големиот број цркви во просторот што го зафаќал градот. Имено, преданието кое говори за 77 цркви и е поткрепено со архе­о­лошките и историските по­твр­ди за вистинско посто­ење на голем број цркви во Варош, можеби се однесува токму на овие периоди од развојот на стариот град Прилеп. Постоењето епископија е исто така поттик за размислување за постариот период на Прилеп од аспект на верски развој и воопшто религиска традиција на овој град.