ТВРДИНАТА „МАРКОВ ЅИД“ ИЛИ ТВРДИНА НА „КАМЕНИТЕ СТОГОВИ“ КАЈ СЕЛОТО ПРИЛЕПЕЦ, ПРИЛЕПСКО
На околу 1 km североисточно од селото Прилепец, на средна височина на планината, на голема и нерамна тераса, се наоѓаат бројни археолошки остатоци од древно постоење. Овој локалитет е познат под името „Марков Ѕид“, а името, веројатно, го добил според остатоците на голем ѕид кој заградувал значајна површина поголема од 7 ha. Делови од овој ѕид кој бил широк околу 1,30 m и денес можат да се видат на овој локалитет веднаш под карпите кои се извишуваат на овој дел од планината. Тврдината, всушност, била расположена под една од карпите, кои поради својата форма, се познати како „Стоговите“, а која со својата големина доминира над останатите големи карпи кои се расположени на различни растојанија од двете нејзини страни. Просторот на кој била расположена тврдината се наоѓа на 960 m н.м. и има голема прегледност над просторот во долината.
Тврдината егзистирала уште во т.н. хеленистички период од кој на овој локалитет се пронајдени ретки наоди. Овде мораме да истакнеме дека наодите не се резултат на археолошко истражување, туку на рекогносцирање или случајни наоѓања. Од овој локалитет е регистрирана и една монета на кралот Касандар (316–297) кој му бил зет за ќерка на Филип II, а за сестра на Александар III Македонски, и во 312 година пред н.е. го подигнал градот Солун, односно го обновил стариот град Терма и во чест на својата жена Тесалонике го нарекол со нејзиното име. Освен тоа на локалитетот „Марков Ѕид“ се наоѓа и керамика од истиот период. Овие наоди покажуваат дека тврдината на „Стоговите“ над селото Прилепец, била активно користена за време на владеењето на античките македонски кралеви и постоењето на античкиот град во долината меѓу селата Прилепец и Волково. Археологот Иван Микулчиќ оваа тврдина ја карактеризира како „чувар“ на „истовремената големата населба со градски карактер” од локалитетот „Долишта“.1
Денес на локалитетот „Марков Ѕид“ се среќаваат остатоци од оградниот ѕид кој се спојувал со високите карпи, како и грамади камења од градбите во внатрешноста на тврдината. Освен остатоците од древните ѕидишта на просторот кој се наоѓал во внатрешноста на тврдината, како и околу неа се наоѓаат поголем број гробови длабени во карпа. Ако внимателно се проследи просторот под големиот „стог“ можат да се сретнат неколку помали некрополи од гробови длабени во карпа, на разни страни на локалитетот, особено од неговата југозападна страна. На тој начин среќаваме ситуација на испрплетување на животот и смртта на ист простор. Значи, на местото каде опстојувале живите, почивале и мртвите. Тврдината, веројатно, е користена од населбата, главно, во немирните воени времиња кога на населението му требало заштита, односно морало да се брани од честите напади на непријателите. Македонија, а во тој склоп и Пелагонија е често напаѓана од северните племиња, посебно Дарданците кои знаеле на своите походи да влезат длабоко во македонската територија правејќи големи ограбувања и насилство. Тие се посебно засилени за време на македонскиот крал Филип V кога голем број од тврдините во Пелагонија се обновени поради нејзината позиција на гранична област.
Тврдината на „Камените Стогови“ опстојувала и во подоцнежните периоди. Траги од нејзиното користење се среќаваат и во средниот век, кога таа била обновена и проширена. Веројатно, населението од блиските населби за време на немирните настани наоѓале заштита во неа. Ова, посебно, се однесува на периодот на освојувањата на Балканот од Турците – Османлии.
1 Ivan Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza od egejske seobe do Avgusta, Arheološko društvo Jugoslavije–Arheološki muzej–Skopje, Skopje 1966, 66.