КУЛТНА КАРПА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ПАДАРНИЦА“ КАЈ СЕЛОТО ДАБНИЦА, ПРИЛЕПСКО СО СИМБОЛИ КОИ УПАТУВААТ НА ГОЛЕМАТА МАЈКА
Атарот на селото Дабница, Прилепско е богат со исклучителна култура од различни периоди. Нему му припаѓа и манастирскиот комплекс „Трескавец“, локалитетот „Баба“, кој е преполн со многуслојна култура и разновидни културни содржини и многу други места со остатоци од завидна материјална култура.
На локалитетот „Падарница“, кој се наоѓа на околу 2 км пред селото, лево од патот Прилеп – Дабница, покрај другото, се наоѓа и една зооморфна карпа, која има форма на крава, со насока север – југ. Главата на карпата е насочена кон север. Од источната страна на карпата се наоѓа природно оформена долга хоризонтална ниша, со помали дооформени делови. На хоризонталниот дел од нишата со мали кружни јами, со различна димензија, е изработена антропоморфна форма, со насока север – југ. Притоа, главата на антропоморфната форма, која е на северната страна, е претставена со поголема јама со пречник од 0,10 м, а останатите јами, кои ги претставуваат другите делови на телото, се со пречник од 0,05 до 0,07 м. Во близина на овој култен објект, од неговата североисточна страна има поголема тумба со карпест врв, на која се среќаваат археолошки остатоци, кои укажуваат на доцната антика и средниот век, но и извесни предмети, кои упатуваат на праисторијата. Од југозападната страна, покрај Манастирски Поток се среќаваат остатоци од населба од рисмкиот период и доцната антика, а по долината на споменатиот поток има голем број винарници во карпа со разновидни димензии.
Овде, неминовно е да упатиме на уште, најмалку, една слична форма, која ја сретнавме при нашето истражување на теренот, на локалитетот Чавла, во атарот на селото Крушевица (Види наслов: Карпа – Чавла, с. Крушевица, прилепско во книгата „Камени Богови“ од Тренчо Димитриоски, Ризница, Прилеп 2013, 133). И двете форми имаат приближно слични димензии и слична естетика, што упатува на нивната слична улога и временско совпаѓање.
Треба да се нагласи дека нишата на карпата од локалитетот „Падарница“ зазема позиција кон исток, односно, кон изгревот на сонцето, а тоа е особено важен факт ако се знае значењето на сонцето како извор на живот, на светлина, на топлина и како еден од најзначајните култови на човештвото од праисторијата, антиката, па се од денес.
(Забелешка: Делот од нишата во кој се наоѓа антропоморфната форма од кружни јамички има посебна форма во рамките на комплетната ниша. Всушност, тој дел од нишата исто така има антропоморфна форма, односно зафаќа форма на кукла без отцртани нозе. Кога вака се размислува станува појасно што претставуваат четирите мали јами на овој дел од нишата. Всушност на тој антропоморфен дел од неа најголемата јама ја претставува главата, двете паралелни јамички градите и последната сама јамичка претставува уште еден значаен дел од женските вредности, односно женскиот принцип, како симбол на плодноста, способноста на раѓањето како основа за оддржувањето на животот и на човештвото во тој контекст.
СО ЕДЕН ЗБОР, ФОРМАТА ОД НИШАТА СО НАТРОПОМОРФЕН ИЗГЛЕД И ЈАМИЧКИТЕ НА НЕА УПАТУВААТ НА СВОЕВИДНА ПРЕТСТАВА НА ГОЛЕМАТА МАЈКА ИЛИ МАЈКАТА ЗЕМЈА ИЛИ БОЖИЦАТА МАЈКА.
Димензии
– карпа
висина: околу 2 м
должина: околу 6 м
ширина: околу 2,5 м
– ниша
должина: 1,5 м
длабочина: до 0,5 м
– антропоморфна форма
должина: 0,25 м
ширина: 0,13 м