СЛИКАРСТВОТО НА КРУШЕВСКАТА ТАЈФА НА АНАСТАС ЗОГРАФ (ТАШЕ) ВО ЦРКВАТА „СВ. НИКОЛА ЧУДОТВОРЕЦ“ ВО СЕЛОТО СОПОТНИЦА, ДЕМИРХИСАРСКО
Црквата „Св. Никола“ во селото Сопотница, Демирхисарско, се наоѓа на северната периферија на селото, во рамките на селските гробишта и претставува еднокорабна градба со средна големина. Во нејзината внатрешна архитектура и верското украсување се среќаваат вистински документи од времето на нејзината изградба и живописување, кои не упатуваат на културните, социјалните и политичките одлики од крајот на 19 век. Живописот го изработила зографска тајфа од Крушево во на чело со Коста Анастасов. Тоа јасно е прикажано на ктиторскиот натпис над вратата на западниот ѕид, каде стои:
„Овој храм на свети Никола се зографиса во времето на првосвештениот архиепископ Г.Г. Натанаил, поглавар Охридски (потоа се наведени поголем број имиња на тогашниот црковен одбор и учесници во организирањето на зографисувањето на црквата) из руки Коста со браќата Вангел и Никола, синови на Ташо (или Ташко) от село Крушево, во лето 1879 август 10….“ .
ТАЈФАТА НА КРУШЕВЧАНЕЦОТ АНАСТАС – ТАШЕ ЗОГРАФ
Споменатите зографи се членови на позната крушевска тајфа, потомци на крушевчанецот Анастас Зограф, кај кого и учеле зографисување. На горниот натпис од црквата во селото Сопотница, Анастас се споменува како Таше или Ташко. Тој работел во првата половина и кон средината на деветнаесеттиот век. Првото негово познато дело потекнува од 1826 година, а тоа се иконите од црквата „Св. Богородица“ во селото Бела Црква, Прилепско. Кога неговите синови стигнуваат до зрела возраст, овој крушевски зограф го среќаваме на многу места низ Македонија каде работи заедно со нив, а од натписите се идентификуваат како Коста, Вангел и Никола. Нивни дела се голем број живописи на цркви, како и икони во Битолско, Крушевско, Прилепско, Мегленско и на други места во Македонија. Веројатно е дека Коста е најстариот од тројцата синови на Анастас Зограф и затоа тој често се споменува прв во ктиторските натписи, како своевиден старешина на зографската тајфа.
Дело на Коста Анастасов се иконите и во селото Габалавци, Битолско, како и во црквата „Св. Петар И Павле“ во Варош кај Прилеп.Заедничко дела на родоначалникот на ова зографска тајфа, Анастас, заедно со синовите е живописот во црквата „Св. Димитриј“ во селото Тушин, Мегленско, а заедно ги насликале сите цркви во Горен Меглен.
По 1870 година, тројцата синови на Анастас, без својот татко, работат заедно во многу цркви низ Македонија, како Прилепско, Крушевско, Демирхисарско, Скопско, Тиквешко и на други места. Во некои од црквите се среќава само името на најстариот брат Коста, а познато е дека заедно со браќата, во подоцнежната ликовна дејност на оваа позната крушевска тајфа учествувал и еден од нивните помлади потомци, синот на Вангел, Наке.
ЖИВОПИСОТ ВО ЦРКВАТА „СВ. НИКОЛА ЧУДОТВОРЕЦ“ ВО СЕЛОТО СОПОТНИЦА
Според натписот од црквата „Св. Никола“ браќата во Сопотница престојувале и работеле 1879 година. Притоа го изработиле целиот живопис во црквата. Насликани се внатрешниот дел од црквата со сцени и ликови од христијанството, а исто така и надворешната страна од западниот ѕид каде среќаваме сцени од повторното Христово доаѓање, односно „Страшниот суд“. Всушност, насликана е само дел од површината на западниот ѕид во форма на триаголник, кој ја зафаќа централната површина на ѕидот, со темето свртен нагоре. Кон повисокиот дел од темето на триаголникот е сместена нишата во која е насликан главниот светец, кој е патрон на црквата и заштитник на селото Сопотница, св. Никола Чудотворец. Самата ниша со патронот и неколкуте сцени од „Страшниот Суд“ се убаво укомпонирани, успешно ликовно претставени и просторно ускладени. Целата површина од триаголникот остава силен впечаток и е вистинско естетско доживување со нагласена ликовност, која предизвикува мистични чувства.
Во внатрешниот дел од црквата се соочуваме со бројни сцени и ликови од библијата, како и од христијаството, воопшто. Во полукружниот дел од олтарот, покрај св. Богородица Ширшаја, ги среќаваме ликовите на св. Јован Златоуст и св. Кирил Ареопагит, а на сводестиот таван среќаваме убава композиција во кружница на која е претставено светото тројство од Светиот отец, Светиот син и Светиот дух. Оваа кружна композиција, е успешно изведена, со моќен ликовен израз. Од четири страни на кругот, сразмерно поставени од надворешната страна се поставени четири херувими, кои ја надополнуваат естетиката на композицијата. На површините на ѕидот во олтарниот простор, се среќаваме и со поголем број други ликови. Меѓу нив се ликовите на светите пророци Соломон, Мојсеј и Исаија, а во понискиот дел од ѕидот, веднаш под нив се две композиции, Предавството на Јуда и Светото умивање. Во олтарниот простор ги среќаваме и св. архиѓакон Роман, интересна претстава на Исус Христос агнец и други претстави. На сводот, пред иконостасот е насликан Исус Христос Седржател, потоа, во продолжение од исток кон запад, следи Св. Богородица Небесна. Сите овие кружни претстави на сводот на просторијата се поставени на сразмерна оддалеченост една од друга и во опкружување од голем број херувими и серафими. Заедно со голем број претстави на ликови на пророци во линија од двете страни на сводот и сината подлога исполнета со бели претстави на ѕвезди се создава исклучително „рајска“ и ретко успешна небесна слика.
На јужниот ѕид се насликани повеќе теми, а овде ќе споменеме дел од нив. На самиот почеток од западната страна ги среќаваме св. Зосим, св. Онуфрие и св. Пантелејмон во првиот ред, а над нив следи рамкирана претстава на апостолите Петар и Павле, кои со по една рака држат храм од кој висат два клуча. Од претставите на јужниот ѕид можат да се извлечат извесни заклучоци поврзани со сфаќањата и убедувањата на тројцата браќа. Со претставите на св. Наум Охридски, кој е претставен десно од светиот престол и св. Методиј и св. Кирил, кои се насликани лево од светиот престол, јасно е дека зографите ги познавале овие македонски светители и просветители и дека имале особена почит кон нив. Трите лика се предадени со сериозен и авторитетен израз на лицето и сразмерна анатомска претстава, дополнети со вообичаената симболика поврзана со нивната улога и дејност, кои го изразуваат достоинството на овие свети личности.
Со слична естетика и психолошка димензија се предадени и ликовита на св. Атанасиј и св. Никола, кои се насликани на северниот ѕид. .
ГРЕВОТ НА СРПСКАТА ПРОПАГАНДА
Споменувајќи го Светиот престол, кој се наоѓа прилепен на средината на јужниот ѕид, мораме да истакнеме една своевидна „узурпација“, која е направена од страна на зографите а која, веројатно, била направена под влијание на српската пропаганда или некое силно српско влијание. Имено, место ликот на Исус Христос цар над царевите, кој вообичаено стои на просторот над седиштето на Светиот престол, во црквата Св. Никола во Сопотница, на тоа место е насликан св. Сава, српскиот светец, кој потекнува од лозата на српското царско семејство Немања. Гледан од аспект на христијанската вера и канонските одредби поврзани со светите христијански градби, се соочуваме со своевидна препотенција и возгордевање, односно, „узурпација“ на Светиот престол, кој му припаѓа на единствениот бог, како цар над царевите. Преземањето на таа улога, односно, нејзиното отстапување на друг лик, односно на било кој друг лик од христијанството, претставува недостижна амбиција. Св. Сава е предаден во стоечка положба со долга бела антерија украсена со крстови, десната рака му е свиткана во лактот, а прстите во положба на светото тројство, додека во левата рака, исто така, свиткана во лактот, држи библија.
ДЕЛОВИ ОД ЖИВОПИСОТ КОИ ОТСТАПУВААТ ОД ОПШТОТО ЕСТЕТСКО НИВО
Набљудувајќи го живописот во црквата „Св. Никола Чудотворец“ во селото Сопотница, се добива впечаток на изградени мајстори, со забележливо уметничко достигнување, со чувство за складност на боите и сразмерност во анатомијата на телата на ликовите, како и со способност за изразување на извесна психолошка димензија. Целиот живопис, има особена привлечност со својата естетска димензија, иако не се одликува со особено нагласена колоритност. Би можело да се каже дека во себе има извесна ненаметлива привлечност, односно естетика која не е наметлива, но го задржува вниманието и предизвикува пријатно естетско доживување.
Во контекст на погореизнесеното не може да не се забележи несовпаѓањето на некои композиции со изнесените квалификации. На некои од нив паѓаат во очи несразмерности во анатомијата на ликовите или во изразениот психолишки лик. Се добива впечаток како некои делови од живописот да биле изработени од други мајстори, со помало ликовно мајсторство. Како примери ќе ги наведеме композициите „Распетието Христово“ и „Влегувањето Господово во Ерусалим“.
На крајот мораме да истакнеме дека до биваме општ впечаток за особено ликовно дело на христијанската уметност во Македонија од втората половина на деветнаесетиот век, кое го заслужува вниманието на историчарите на уметност. Живописот во црквата „Св. Никола“ во Сопотница е значаен, не само поради својата естетка и ликовна вредност, туку носи и историски вредности и сознанија за времето во кое настанал. Како уште едно дело од големата сликарска дејност на познатата крушевска тајфа чиј родоначалник е Анастас Зограф или Анастас Ангелевич, исто така, има посебно значење. Фактот што некои делови од живописот, веќе се изложени на оштетувања, како и цели делови од внатрешната фасада не е за занемарување, Уште повеќе, надлежните институции за заштита треба што поскоро да преземат мерки за заштита, во најмала рака, заштитни интервенции за спречување на натамошното оштетување и ррасппаѓање на ова значајно ликовно дело.